Балкан, Коронавирус

Премиерот Зоран Заев се вакцинира со кинеската вакцина на „Синофарм“

„Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда и во денешните попладневни часови“, истакна Заев

Husamedin Gina   | 06.05.2021
Премиерот Зоран Заев се вакцинира со кинеската вакцина на „Синофарм“ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, денеска на пунктот во Спортскиот центар „А1 арена Борис Трајковски” во Скопје се вакцинира против коронавирусот со кинеската вакцина на „Синофарм”, јавува Агенција Анадолија (АА).

Веднаш по вакцинирањето премиерот пред спортската сала даде изјава за медиумите.

Истакнувајќи дека ја извршил својата лична и граѓанска должност, Заев рече дека ја примил првата доза од вакцината на „Синофарм“, односно онаа која во моментот била на располагање кога му дошол редот, согласно националниот план за имунизација.

„Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда и во денешните попладневни часови“, нагласи премиерот Зоран Заев.

Тој порача дека ги охрабрува сите граѓани да се пријават за термин за вакцинација на веб-страницата „vakcinacija.mk“ и да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за да се заштитат од коронавирусот.

„Вакцините се безбедни, проверени, тестирани и навистина колку побргу заврши процесот на имунизација, толку побрзо ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател, пандемијата на Ковид-19“, рече Заев.

Меѓу другото, тој истакна дека е важно масовно да се учествува во процесот за имунизација за да се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да се постигне колективниот имунитет.

На новинарско прашање дали како влада имаат план за подигнување на свеста кај населението за вакцинација, премиерот Заев рече дека имаат сериозен план за тоа како да се овозможи спроведување на кампања од јавен интерес, а не од политички или од владин интерес.

Заев додаде дека за тоа е отворена дебата и дека следните денови ќе се одржат состаноци и средби, пред сѐ со медиумските здруженија, но и со сите чинители за да се најде начин како да се реализираат јавни кампањи за подигнување на свеста кај населението.

- Вакцинацијата против Ковид-19 во Северна Македонија -

Во Северна Македонија вакцинацијата против Ковид-19 започна на 17 февруари. Од 5 април започна масовна вакцинација на вакциналниот пункт во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што покрај здравствените работници, беа вакцинирани и лица од критичната популација.

Досега во земјата, според податоците на Министерството за здравство, вакцинирани се вкупно 74.064 лица, а за вакцинација чекаат 256.346 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.