Балкан

Премиерот Заев за Мијалков: „Се случи уште едно бегство“

„Се случи уште едно бегство. Секако, јавноста е информирана дека синоќа судот донел мерка за изречување притвор на Сашо Мијалков, којшто се очекува да биде осуден во пресуда согласно предметот „Таргет-Тврдина“ до крајот на оваа недела“, истакна Заев

Admir Fazlagic   | 22.02.2021
Премиерот Заев за Мијалков: „Се случи уште едно бегство“ ( Фото: Архива / Агенција Анадолија )

СКОПЈЕ

Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ги коментираше тврдењата за бегство на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УКБ), Сашо Мијалков, при што истакна дека се случило уште едно бегство“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Премиерот Заев даде изјава за медиумите по одржаното судско рочиште за случајот „Титаник“. Прашан од новинарите да ја прокоментира ситуацијата во врска со тврдењата за бегство на Мијалков, Заев рече дека народот бара и очекува правда.

„Се случи уште едно бегство. Секако, јавноста е информирана дека синоќа судот донел мерка за изречување притвор на Сашо Мијалков, којшто се очекува да биде осуден во пресуда согласно предметот „Таргет-Тврдина“ до крајот на оваа недела. На барање на Јавното обвинителство, судот донел мерка за домашен притвор. Исто како целиот наш народ, така и јас, секако сме разочарани од тоа што сè уште не е пронајден и не е приведен, односно не е однесено во домашен притвор лицето Сашо Мијалков. Барам веднаш да постапат институциите и да направат пронаоѓање на Сашо Мијалков и да ја спроведат судската пресуда. Убеден сум дека тоа може да се спроведе“, рече Заев и додаде дека очекува детални информации од надлежните институции од извршната власт, односно од Министерството за внатрешни работи.

„Очекувам и комплетни детали со истрага за самиот случај од судот, од Јавното обвинителство и МВР. Нашиот народ очекува расветлување на ваквиот случај и секако понесување одговорност доколку не се спроведе судското решение за ставање во притвор за лице за кое се очекува да се донесе пресуда, за еден, според мене, најважните случаи во РСМ, а тоа е разрешница преку пресуда за случајот за прислушкувањето“, истакна Заев.

Од вчера е започната потрага по поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“. Пресудата треба да биде изречена до крајот на оваа недела.

За пронаоѓање на Мијалов, распишана е национална потерница. Според наводите во медиумите, од МВР ќе бараат распишување и на меѓународна потерница.

Мијалков е првообвинет меѓу 12-те лица обвинети во предметот „Таргет-Тврдина“.

Во предметот се обвинети и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

Како што стои во обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.