Балкан

Пратениците изгласаа распуштање на шестиот состав на Собранието на Косово

За распуштање на актуелниот состав на Собранието гласаа 89 од вкупно 105 присутни пратеници

Zülfiya Yakup   | 22.08.2019
Пратениците изгласаа распуштање на шестиот состав на Собранието на Косово

ПРИШТИНА (АА) - Собранието на Косово денес, со двотретинско мнозинство гласови на пратениците е распуштено, со што е отворен патот за распишување предвремени парламентарни избори, по оставката на премиерот Рамуш Харадинај, јавува Anadolu Agency (AA).

За распуштање на актуелниот состав на Собранието гласаа 89 од вкупно 105 присутни пратеници. Еден пратеник гласаше против, а двајца беа воздржани. За распуштање на Собранието според косовскиот Устав потребно е двотретинско мнозинство или 80 гласови, од вкупно 120-те пратеници.

Барањето на група пратеници на дневниот ред на седницата да се најде распуштањето на 6. состав на Собранието на Косово го прочита Мемли Красниќи, шефот на пратеничката група на владејачката Демократска партија на Косово.

„Во согласност со членот 82 став 1 точка 2 од Уставот на Република Косово, предлагаме на оваа седница да се разгледа предлогот за распуштање на шестиот состав на Собранието на Косово. Овој предлог е во согласност со ставовите на сите парламентарни групи изнесени на состанокот на Претседателството, со шефовите на парламентарните групи кои ги иницираше претседателот на Собранието, Кадри Весели“, рече Красниќи.

Демократската партија на Косово потоа предложи да се оди на гласање без расправа. Сите други партии, освен Демократскиот сојуз на Косово, го поддржаа тоа.

Ахмет Исуфи, шефот на парламентарната група Алијанса за иднината на Косово, рече дека овој состав зборувал веќе две години и дека сега е време да се оди на избори.

Пратеничката група на Социјалдемократската партија, исто така, се согласи дека Собранието треба да се распушти што е можно поскоро, и дека не е потребна некоја поширока дебата.

Шефот на парламентарната група на најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, Авдулах Хоти, потсети на негативниот учинок на владејачката коалиција.

„Како опозиција, се соочивме со коалиција од 24 партии, но која претставува само една третина од гласачкото тело, коалиција без легитимитет, непрофесионално, ад хок донесување одлуки засновано врз политички интереси и групи на интереси. Како резултат на тоа, исполнето е само 30 отсто од законодавната агенда, и тоа поради подготвеноста на опозицијата да поддржи одредени специфични закони“, рече Хоти.

По распуштањето на Собранието, претседателот на Косово треба да распише избори најрано за 30 дена, а најдоцна за 45 дена.

Пред распуштањето, пратениците, според претходно постигнатиот договор, денес го изгласаа Нацрт-законот за ратификација на договорот за финансискиот Договор ИПА 2018 меѓу Косово и Европската Унија. За тој закон гласаа сите присутни пратеници, односно 103 пратеници.

Премиерот Харадинај на 19 јули поднесе оставка откако доби повик за разговор во својство на осомничен од страна на Специјалниот суд за Косово.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın