образование, Балкан

Поддршка од ТИКА за основните училишта во Северна Македонија, каде што се одвива настава на турски јазик

Во рамките на проектот, вкупно 10 илјади книги беа дистрибуирани до 26 општини и 64 училишни библиотеки каде што се одвива настава на турски јазик.

Seyyid Emin   | 27.10.2020
Поддршка од ТИКА за основните училишта во Северна Македонија, каде што се одвива настава на турски јазик ( Foto: Seyyid Emin / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ 

Програмата за промоција на проектот „10 основни дела“, подготвена од Здружението „Зор“ со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (TİKA), се одржа во Основното училиште „Тефејуз“ во Скпје, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во рамките на проектот, вкупно 10 илјади книги беа дистрибуирани до 26 општини и 64 училишни библиотеки каде што се одвива настава на турски јазик.

На промоцијата на проектот „10 основни дела“, кој вклучува книги напишани за деца од локални турски писатели во Северна Македонија што се користат како дополнителни учебници, присуствуваше претседателот на Уставниот суд на Северна Македонија, Салих Мурат, претседателот на Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници (ЈТБ), Абдулах Ерен, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, директорот на Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука на Северна Македонија, Зекерија Хасип, директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, директорот на Основното училиште „Тефејуз“, Салајдин Зекир, и одговорната за проектот во Здружението „Зор“, Хаџер Сулооџа.

Во својот говор на промоцијата, претседателот на Уставниот суд на Северна Македонија, Мурат, истакна дека објавените дела имаат една посебна одлика.

„Овие дела се напишани овде, се печатени овде и ќе се читаат овде. Тоа значи дека имаме надеж за нашата иднина. Ние сме конструктивен елемент на Северна Македонија. Најмногу што ни се допаѓа е тоа што книгите се напишани и печатени тука“, рече Мурат, додавајќи дека „Турција е пријателска и братска држава на Северна Македонија."

„Нас секогаш нè прави среќни. Во периодот на пандемија, Турција го покажа тоа“, нагласи Мурат.

Претседателот на Дирекцијата на Турците во странство и сродните заедници (ЈТБ), Абдулах Ерен, истакна дека дошле на Балканот за брза и кратка тридневна програма и дека се обидуваат често да доаѓаат.

Истакнувајќи дека Турција, особено во последните 15 години, следи поинаква надворешна политика, Ерен рече: „Има места каде што тоа многу добро се чувствува и места каде што не се чувствува. На челото на тие места каде што тоа добро се чувствува се наоѓаат Балканот и Северна Македонија, Скопје.“

Опишувајќи го Основното училиште „Тефејуз“ како место каде што продолжуваат да се образуваат голем број Турци од Скопје, Ерен нагласи:

„Ова е многу добар проект. Вредно дело. Нашата ТИКА ги препечати приказните за деца напишани од локални писатели, кои биле образувани и кои пораснале тука. Активностите на ТИКА не се чувствуваат само во Северна Македонија, туку во сите делови на Балканот, од реставраторски до инфраструктурни проекти. Се надевам дека овие активности ќе продолжат со зголемен интензитет.“

Координаторот на ТИКА во Скопје, Согут, истакнувајќи дека Турција во Северна Македонија реализира голем број проекти без да прави разлика на јазикот, расата и религијата, рече дека затоа овој проект го именувале „Од изградба на училишта, до изградба на генерации“.

Согут рече дека ТИКА даде голем придонес во образованието, инфраструктурата и изградбата на училишта во овие простори.

„Во оваа фаза веќе рековме дека градиме генерации. Знам дека од аспект на образованието речиси веќе не остана турско село, јуручко село каде што нема училиште и наставници. Секако веќе, заедно со сите институции на Турција, се стремиме да градиме генерации. Во оваа смисла, мислам дека и овој проект ќе придонесе во овие напори“, рече Согут.

Одговорната за проектот од Здружението „Зор“, Сулооџа, упати благодарност до ТИКА.

Програмата се одвиваше со почитување на мерките против коронавирусот (Ковид-19).

На крајот од програмата, учесниците посетија две паралелки во училиштето „Тефејуз“ и разговараа со учениците.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.