Балкан, Коронавирус

Пациенти по прележан Ковид: Психичка депресија, тешко помнење, несоница...

„Пациентите кои беа со прекумерна тежина имаа потешка клиничка слика и закрепнувањето на тие пациенти е побавно, така што намалувањето на тежината е една од препораките, како и секојдневната физичка активност“, појасни д-р Азра Шабиќ

Vesna Besic   | 05.03.2021
Пациенти по прележан Ковид: Психичка депресија, тешко помнење, несоница... Фото: Самир Јордамовиќ / АА

САРАЕВО

Заморот, депресијата и губењето кондиција можат да потраат и до пет месеци по заразувањето од новиот вид коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).

Кај пациентите со средно тешка и тешка клиничка слика, лекарите во Општата болница „Прим. д-р Абдулах Накаш“, Сараево, воочија доста психијатриски дијагнози како панични нарушувања, анксиозност, депресија....

Закрепнувањето, во зависност од здравствената состојба пред вирусот, може да трае навистина долго.

Азра Шабиќ, специјалист по интерна медицина на Интерното одделение во Општата болница „Прим. д-р Абдулах Накаш“, Сараево, моментално координатор во постковид-амбулантата, во разговор за АА зборуваше за пациентите кои го прележале коронавирусот и потешкотиите со кои се соочуваат во периодот на закрепнување.

„Со оглед на тоа дека искуството покажа дека пациентите кои го прележале коронавирусот имааат постковид-синдром, односно тешкотии кои се јавуваат во фазата на закрепнување, потребно е тоа да се проследи“, појасни Шабиќ.


- Психичка депресија и интелектуален замор

Како што изјави таа, обично се работи за претходни хронични интернистички болни пациенти кај кои доаѓа до нарушување на одредена патологија од која страдале и претходно.

„Во тој постковид-период е потребно да се коригира нивната терапија, да им се дадат упати за евентуална корекција или за некое приспособување на стилот на животот. Тие главно се жалат на општ замор, губење кондиција, што делумно се должи на мирувањето за време на Ковид-19. Доколку нема посебна патологија, се препорачува умерена физичка активност и малку трпение. Потребни се два, три месеци, кај некои лица и малку подолг период да се врати вообичаената кондиција“, изјави Шабиќ.

Според нејзините зборови, пациентите кои го прележале Ковид-19 главно имаат психичка депресија и интелектуален замор - заборавање, тешко помнење, несоница, некои, условно кажано, имаат депресивен синдром.

„Правиме општ интернистички преглед, обично се работи за некоја нерегуларна хипертензија, корекција на претходна терапија и дијабетес“, истакна Шабиќ.

Таа нагласи дека постковид-амбулантите во Општата болница се организирани за пациентите кои се лекувани на Одделот за Ковид во оваа болница.

„Не се работи за луѓе кои го прележале Ковид-19 во домашни услови или се лекувани во некоја друга здравствена установа“, изјави Шабиќ.

Кај лицата кои го прележале коронавирусот се продолжува со земањето суплементи, витаминска терапија, лесна исхрана и намалување на тежината, што е многу важно.

„Нашето искуство покажа дека пациентите кои беа со прекумерна тежина, кои се заразија како такви, имаа потешка клиничка слика и закрепнувањето на таквите пациенти е побавно, така што намалувањето на тежината е една од препораките, како и секојдневната физичка активност“, појасни Шабиќ.

Како што изјави таа, во постковид-амбулантата доаѓаат и пациенти кои се потполно стабилни.

„На неделно ниво имаме до 40 пациенти. Со нив работиме веќе втор месец“, додаде Шабиќ.


- Најчести симптоми се главоболка, вртоглавица, трнење на екстремитетите

За работата со пациентите позитивни на Ковид-19 и за компликациите кои коронавирусот може да ги предизвика на нервниот систем, зборуваше и специјалистот по неврологија на Општата болница „Прим. д-р Абдулах Накаш“, Амел Амиџиќ.

„Меѓу компликациите што коронавирусот може да ги предизвика на нервниот систем е и хематогеното ширење од белодробната циркулација, кога имаме дејствување на сите органи, па така и на мозокот, преку крвните садови, каде што во централниот нервен систем се случуваат т.н. микротромбози. Тоа се микроинфаркти кои се мали. Тоа не се класични мозочни удари со кои секојдневно се среќаваме, туку помали“, појасни Амиџиќ.

Според неговите зборови, што се однесува до невролошките симптоми, освен губењето вкус и мирис, најчести симптоми се главоболката, вртоглавицата, трнењето на екстремитетите, болка, општа слабост...

„Тоа се најчестите невролошки симптоми со кои се среќававме во амбулантите за Ковид и во центрите за изолација. Што се однесува до пациентите со средно тешка и тешка клиничка слика, тука имаме доста психијатриски дијагнози, кај кои имаме панични нарушувања, анксиознот, депресија... Кај пациентите со тешка клиничка слика најчесто се потешки емболии, односно тежок мозочен удар. Кај пациентите со тешка клиничка слика имавме најчеста компликација делириум. Делириумот е некако најтешка состојба во неврологијата и психијатријата за третирање, особено кај пациентите кои имаат потреба од кислород. Кога ќе дојде до делириум, тие пациенти врзани на кислород ја тргаат маската“, изјави Амиџиќ.

Тогаш, како што изјави тој, мораат да се даваат посилни седативи за да се смират тие пациенти.

„Тие пациенти сочинуваат 5 отсто од бројот на хоспитализираните. Тоа не е голем број“, изјави Амиџиќ за АА.

Според неговите зборови, најчест проблем кај постковид-пациентите е што имаат пролонгирана болка во градите, отежнато дишење, некогаш и кашлање.

„Имавме случаи, кај лица кои од претходно имаат некака невролошка болест како што е Паркинсоновата болест, симптомите на тие болести да се влошат по Ковид, иако терапијата останала иста“, додаде Амиџиќ.

Здравствените работници уште еднаш апелираат до граѓаните да се придржуваат до пропишаните епидемиолошки мерки за да го зачуваат своето и здравјето на луѓето околу себе.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.