Балкан

Падна Владата на Косово на премиерот Албин Курти

За недоверба на Владата гласаа вкупно 82 пратеници, против беа 32 пратеници додека еден беше воздржан, а потребно беше просто мнозинство од 120 пратеници на Собранието или 61 глас

Zylfije Adem Jakupi   | 26.03.2020
Падна Владата на Косово на премиерот Албин Курти

ПРИШТИНА (АА) - По десет часа расправа, Собранието на Косово изгласа недоверба на Владата на премиерот Албин Курти, на иницијатива на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), партијата која беше дел од владејачката коалиција со движењето Самоопределување на Курти, јавува Агенција Анадолија (AA).

За недоверба на Владата гласаа вкупно 82 пратеници, против беа 32 пратеници додека еден беше воздржан, а потребно беше просто мнозинство од 120 пратеници на Собранието или 61 глас.

За недоверба на Владата гласаа мнозинството пратеници на Демократскиот сојуз на Косово, пратениците на опозициските Демократска партија на Косово, Алијанса за иднината на Косово, Социјалдемократска иницијатива, Алијанса за ново Косово, како и Српска листа и пратениците на несрпските малцински заедници.

Против уривањето на Владата, освен пратениците на Самоопределување гласаше и пратеничката на Демократскиот сојуз на Косово, Вјоса Османи, која истовремено е и претседателка на Собранието, како и пратеникот од истата партија, Хаџи Авдили.

Арбен Гаши, шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), рече дека до ова барање дошло затоа што премиерот Албин Курти не ја укинал таксата од 100 отсто за увоз на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, како што бараа Соединетите Американски Држави (САД), и поради разрешувањето на министерот Велиу без претходни консултации со коалицискиот партнер. Гаши истакна дека во време на криза поради коронавирусот, премиерот и претседателот избрале да се борат еден против друг за надмоќ во, како што рече, малиот политички косовски кафез.

Мемли Красниќи, шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), рече дека премиерот Курти во овој период колку што е на чело на Владата, поттикнувал и оркестрирал антиамерикански дух со занемарување на американските препораки и со спротивставувачки и дискурс на расправии во однос на САД.

Од друга страна, премиерот Албин Курти во своето обраќање пред пратениците рече дека соборувањето на Владата има за позадина спремен договор за размена на територии со Србија. Оцени дека коалицискиот договор е прекршен кога ЛДК побарала од него да ги укине таксите без воведување реципроцитет.

Тврдењето дека американските трупи ќе бидат повлечени од Косово е неточно, истакна премиерот, и додаде дека вчера се состанал со командантот на КФОР кој му рекол дека нема никакво барање за повлекување на американските трупи.

Да потсетиме, премиерот Курти го разреши министерот за внатрешни работи и јавна администрација од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Агим Велиу, пред една недела, заради неговите изјави дека го поддржува прогласувањето вонредна состојба, спротивно на ставот на Владата, како и поради ширење паника кај граѓаните со изјавата дека бројот на заразени од коронавирусот се зголемува од час во час.

Коалицијата помеѓу Самоопределување и ЛДК беше постигната три месеци по предвремените избори одржани на 6 октомври.

Во согласност со мерките против ширењето на коронавирусот, пратениците седеа на растојание од најмалку 1,5 метар и носеа заштитни маски и раквици. На влезот во Собранието на секој пратеник му беше мерена телесната температура.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın