Балкан

Османи: „Независноста на Косово е неповратна“

Претседателката на Собранието, Османи, во својот говор нагласи дека косовската независност е неповратна и дека мора да се сочува територијалниот интегритет и суверенитетот на земјата

Zylfıje Adem Jakupı   | 17.02.2020
Османи: „Независноста на Косово е неповратна“

ПРИШТИНА (AA) – Независноста на Косово е неповратна и мора да се сочува територијалниот интегритет на земјата, порача претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи, на свечената седница на Собранието по повод 12-годишнината од прогласувањето на независноста, јавува Агенција Анадолија (АА).

На свечената седница која почна со интонирање на косовската химна, покрај премиерот на Косово, Албин Курти, пратениците и министрите, присуствуваа и поранешните претседатели, пратеници и министри и семејствата на хероите, паднатите борци, семејствата на исчезнатите лица, ветерани, дипломати на пријателските држави акредитирани во Косово, претставници на верските заедници, уметници и спортисти. На свечената седница по повод Денот на независноста за првпат не присуствуваше претседателот на Косово, Хашим Тачи.

Претседателката на Собранието, Османи, во својот говор нагласи дека косовската независност е неповратна и дека мора да се сочува територијалниот интегритет и суверенитетот на земјата.

„Денес ни е потребен, како никогаш порано, конститутивниот патриотизам, максимално да се трудиме нашата секојдневна референца да бидат Уставот и законите и нивното почитување. Неопходна е соработката на сите нас за стабилна држава, економски развиена, поврзана со демократскиот и безбеден свет, за сите заедници кои живеат во неа“, рече Османи.

Таа им се заблагодари на сите пријателски држави кои беа покрај Косово и кога се бореше за слобода и подоцна, во изградба на косовската држава.

„Ние денес ги молиме да останат со нас и во нашите заеднички цели сега и понатаму, ги молиме да останат со нас во оживувањето на волјата на нашите граѓани кон тежнеењето за брза интеграција во евроатлантските структури, за економскиот развој и општиот просперитет на земјата“, рече Османи.

Таа им се заблагодари на европските држави и народите со кои Косово го дели истиот географски простор, како и истите вредности. Изрази посебна благодарност до Соединетите Американски Држави (САД) и до „слободниот американски народ со кој Косово негува трајно пријателство“.

Претседателката на Собранието на Косово ги спомена имињата на бројни спортисти, уметници и заслужни граѓани, кои со своите успеси ја промовираат државата Косово во светот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın