Балкан

Османи за АА: „Најавите што доаѓаат од Брисел, ги примам со резерва“

Османи во интервју за Anadolu Аgency (AA) вели дека во светот имало „еден консензус“ дека Северна Македонија ги исполнила сите политички и технички услови за почеток на преговорите

Abdula Berisha   | 08.11.2019
Османи за АА: „Најавите што доаѓаат од Брисел, ги примам со резерва“ (Foto: Umeys Sulejman/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања на Република Северна Македонија, Бујар Османи, минатомесечната одлука на Европската Унија (ЕУ) да не ги започне преговорите за членство со Северна Македонија ја смета како разочарување и незаслужена неправда.

Во интервју за Anadolu Agency (АА) вицепремиерот Османи вели дека повеќе не знае дали може да им верува на најавите што доаѓаат од Брисел, потенцирајќи дека сите најави ги прима со резерва.

Тој вели дека во светот имало „еден консензус“ дека Северна Македонија ги исполнила сите политички и технички услови за почеток на преговорите, и истакнува дека неуспехот да се започнат преговори со Северна Македонија може да има влијание врз регионот.

„Секако дека влијае, затоа што европската перспектива, овде во земјава, е многу важна како двигател на позитивните движења, како двигател на реформскиот мотор, но и како спојување за спротивставените наративи што се тука, без разлика дали се етнички, политички или општествени. ЕУ отсекогаш била таа што ги потчинуваше тие наративи и секако дека ќе има свои последици овде, но мислам дека ќе има последици и во регионот, затоа што дава лоша порака до прогресивните проевропски сили во земјата. Дава порака „дали вреди ова прогресивно проевропско движење“ и им дава порака на националистите дека е политички попрофитабилен нивниот дух од тој другиот“, вели Османи, нагласувајќи дека сепак, стратешките цели на земјата се многу јасни дека нема друга алтернатива, освен ЕУ и НАТО.

Говорејќи за состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на 19 ноември, Османи вели дека нема храброст да дава ветувања и дека сите најави ги прима со резерва.

„Сега повеќе немам храброст да дадам ветувања или да дадам датуми и најави за тоа што ќе се случи на тие совети, затоа што веќе не знам дали можам да им верувам на најавите кои доаѓаат од Брисел, бидејќи ние до пред последните часови пред Советот, информациите што ги добивавме од Брисел беа 100 проценти сигурни за почеток на преговорите и затоа сега сите овие најави ги примаме со резерва. Ова е дел од штетата за кредибилитетот што се случи во меѓувреме“, вели Османи.

Османи посочува дека има движења меѓу некои земји членки кои сакаат повторно да ја иницираат дебатата за започнување преговори во Советот, но како што вели тој, сè уште нема потврда дека Франција ќе биде подготвена до ноември или декември да ја преиспита својата позиција.

Според него, преостанува Франција да ја предложи новата методологија, без која нема да има одлука.

Говорејќи за најавената средба на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, со неговиот француски колега Емануел Макрон, Османи вели дека овие средби се добри, но дека тој е скептичен за тоа дали ќе има простор за посуштински разговори, потсетувајќи дека средбата се очекува да се одржи на маргините на една мировна конференција.

- „Не станува збор за проширување, туку за комплетирање на ЕУ“ -

На прашањето што може да се случи ако не се закаже датум за почеток на преговорите во блиска иднина, Османи вели дека ЕУ не може да постои без Балканот. Тој истакна дека дури и терминот „проширување“ не е соодветен да се користи во контекст на балканските држави.

„Зачленувањето на овој регион во ЕУ е комплетирање на Европската Унија, не е проширување. Нема смисла да постои Унијата која во своето срце има дупка која може да биде извор на нестабилност, извор на криза, извор на неизвесност, затоа не гледам алтернатива“, рече Османи, нагласувајќи дека ЕУ не може да биде стабилна и развиена без Балканот како нејзин дел.

Османи зборуваше и за досегашното спроведување на Договорот од Преспа, за кој рече дека е клучен фактор за деблокирање на интеграциите, особено за прашањето на НАТО.

„Ние не го спомнуваме доволно прашањето за НАТО. Ние, Преспанскиот договор го потпишавме првично за НАТО, затоа што знаевме дека ЕУ е долг процес на пристапување, но нам НАТО ни требаше сега поради овие регионални и геополитички случувања. Светот секој ден станува сè понесигурен, сè понепредвидлив и ни требаше НАТО итно и што е можно побрзо“, вели Османи.

Тој исто така се изјасни дека Северна Македонија е „де факто“ членка на НАТО и дека се чека само техничкото ратификување на Протоколот во некои земји членки. Османи информираше дека се прават подготовки за присуство на 70. Самит на НАТО, што ќе се одржи во Лондон на 4 декември.

- „Неодредувањето на датумот влијае и врз спроведувањето на Преспанскиот договор“ -

Вицепремиерот за европски прашања вели дека спроведувањето на Преспанскиот договор е поврзано со објективни и субјективни причини со евроинтеграцискиот процес.

„Внатрешната употреба на името е поврзана со отворањето на поглавјата. Неотворањето на поглавјата значи дека и за внатрешна употреба динамиката ќе се забави малку. Но покрај оваа објективна корелација, постои и субјективна врска. За спроведување на чувствителен договор треба расположение. Расположението тука беше до 16 октомври. Но сега ова расположение секако ќе се одрази и во оваа динамика“, вели Османи.

Според него, Северна Македонија како држава не треба да биде под влијание на емоциите во динамиката на спроведување на Преспанскиот договор, затоа што, како што вели, овој договор е многу важен за билатералните односи со Грција, за регионалните односи, но и за општата перспективата на земјата.

- „Интеграцијата во НАТО, поважна од одржувањето на изборите на 12 април“ -

Зборувајќи за 12 април, договорениот датум за предвремени парламентарни избори во Северна Македонија, Османи рече дека е најважно да се заврши процесот на интеграција на земјата во НАТО.

„Она што е константно е потребата за постоење на функционално Собрание на денот кога ќе се ратификува Протоколот на НАТО, и секако, кога ќе заврши тој процес. Од тој ден, треба да се бројат законските рокови за одржување избори. Во моментов, најавите се дека Шпанија може да го ратификува до февруари, затоа што тие имаат избори сега на 11. овој месец“, рече Османи, додавајќи дека доколку се исполнат овие рокови, тие се подготвени да започнат на 3 јануари со техничка влада и на 12 април за одржување предвремени избори.

Османи зборуваше и за примената на Законот за јазици и двојазичноста во институциите, како и за неодамнешните протести против отворањето на паралелки на албански јазик во некои населени места. Што се однесува до Законот за јазици, Османи рече дека со новиот Закон за јазици ќе има посебен инспекторат што ќе ги надгледува институциите, додавајќи дека очекува наскоро да се назначи и директорот на инспекторатот.

„Што се однесува до протестите, ова само го потврдува мојот став кој одамна го кажувам, дека меѓуетничките прашања во Северна Македонија се во многу добра фаза, релаксирани, но не и одржливи. Тие бараат секојдневно внимание, бидејќи во рамките на оваа позитивна фаза се наоѓа едно непознато и само се чека моментот кога може да се наметнат различни наративи. Затоа, секогаш сум бил против деетнизација на политичката сцена во земјата“, рече Османи.

- „Дијалог Косово - Србија: Конечното решение - заемно признавање меѓу двете држави“ -

Нагласувајќи ја важноста на преговарачкиот процес помеѓу Приштина и Белград, Османи рече дека Косово, по предвремените избори на 6 октомври, треба да формира своја влада и институции што е можно поскоро.

Според него, дијалогот е важен затоа што овој „статус кво“ е малку нестабилен, особено, како што вели тој, кога Србија има агресивна кампања за повлекување на признавањето на Косово, што потоа ќе создаде „реципроцитет и вициозен круг“ во односите меѓу овие две земји.

„Добро е што САД назначија двајца специјални пратеници за регионот и за Косово, и еден повеќе унифициран ангажман на ЕУ овде, заедно со САД и со помош од земјите од регионот, ќе треба да се најде конечно решение што подразбира заемно признавање меѓу двете независни држави, Косово и Србија, и нивна интеграција во ЕУ“, вели Османи.

- Османи за мини-Шенгенот: „Не правиме регионални проекти без одобрение од Вашингтон и Брисел“ -

Османи зборуваше и за состанокот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи в недела во Охрид, каде што рече дека се поканети претседателите на Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.

Османи истакна дека средбата е организирана без предрасуди и политички проекти, додавајќи дека „не правиме регионални проекти без одобрение од Вашингтон и Брисел“.

„Идејата не е предрасуди во однос на формирање на мини-Шенгенска политичка зона и слично, туку да се погледнат можностите, да се искористат можностите за подобра регионална соработка“, вели Османи, повикувајќи се на анализа на Светската банка, според која, камионите поминуваат 80 проценти од своето време на граничните премини и повикувајќи да се отстранат економските и царинските бариери.

- „Односите со Турција се недоволно искористени“ -

Говорејќи за односите меѓу Северна Македонија и Турција, Османи рече дека Турција е една од трите држави со кои Северна Македонија има потпишано стратешко партнерство, додека другите две земји се САД и Грција.

„Секако дека сега имаме разлики во однос на оценувањето на политичките ориентации, надворешната политика, односот кон ЕУ, САД. Ова е природно поради нашето геостратешко позиционирање што го имаме, но билатералните односи со Турција, мислам дека тие дури и се недоволно искористени, за капацитетот што го имаат за соработка“, рече Османи.

Тој потсети дека постои иницијатива да се одржи заедничка конференција со Министерството за надворешни работи на Турција, за да можат работните групи да добијат искуство од турскиот пат за интеграција во ЕУ. Но, додаде тој, ова за некое време е суспендирано поради недобивањето датум за почеток на преговорите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.