политика, Балкан

Османи во Подгорица: „Благодарни сме ѝ на Црна Гора за поддршката на Северна Македонија во НАТО“

Говорејќи за европската перспектива на Северна Македонија, министерот Османи сподели позитивни очекувања во поглед на отпочнување на преговори со ЕУ

Adel Omeragic   | 22.01.2021
Османи во Подгорица: „Благодарни сме ѝ на Црна Гора за поддршката на Северна Македонија во НАТО“ Фото: Собрание на Црна Гора

ПОДГОРИЦА (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, престојува во официјална посета на Црна Гора, во рамките на која се состана со претседателот на Собранието на Црна Гора, Алекса Бечиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението од Собранието на Црна Гора објавено по состанокот се наведува дека министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, се заблагодарил за црногорската поддршка за членството на Северна Македонија во НАТО. Османи оценил дека припадноста во Северноатлантскиот сојуз придонесува кон политичката и економската предвидливост, како и кон поголема стабилност и безбедност на регионот.

Говорејќи за европската перспектива на Северна Македонија, Османи сподели позитивни очекувања во поглед на отпочнување преговори со ЕУ.

Претседателот на црногорското Собрание, Алекса Бечиќ, потврдувајќи ги одличните меѓудржавни односи, истакна дека Црна Гора и Северна Македонија имаат заедничко минато, но и иста визија за иднината во поглед на евроатлантизмот и достигнување на европските вредности.

„Имајќи ја предвид блискоста на двете држави, како и фактот дека јакнењето на регионалната соработка е еден од клучните надворешнополитички приоритети на Црна Гора, претседателот на Собранието изрази силна поддршка на европската аспирација на Северна Македонија, со спремност и отвореност за помош во остварување на целите од европската агенда. Тој оцени дека важна поврзаност помеѓу двете пријателски држави претставува црногорската дијаспора во Северна Македонија, како и македонската дијаспора во Црна Гора“, се наведува во соопштението.

На состанокот присуствуваа црногорската амбасадорка во Северна Македонија, Марија Петровиќ и македонскиот амбасадор во Црна Гора, Михајло Трпкоски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.