Балкан

Од воздух продолжува борбата со пожарот во Грција

Авионите се фокусирани на областите во коишто пристапот до густата борова шума преку копнен пат е отежнат

Ekip   | 14.08.2019
Од воздух продолжува борбата со пожарот во Грција Фото: АА/Архива

АТИНА (АА) - Противпожарните авиони и хеликоптери и денес продолжуваат со гаснењето на шумскиот пожар што гори во заштитениот природен резерват на грчкиот остров Евија, од каде што стотици луѓе од вкупно четири села и еден манастир беа евакуирани, пренесува Anadolu Agency (AA).

Авионите се фокусирани на областите во коишто пристапот до густата борова шума преку копнен пат е отежнат. Над 200 пожарникари се бореа со шумскиот пожар, што избувна околу 3 часот по полноќ вчера наутро. Еден пожарникар волонтер е хоспитализиран откако претрпе изгореници.

Пламените јазици беа интензивирани од силните ветрови, отежнувајќи ги напорите да се контролира ширењето и разнесувањето на чадот од пожарот дури до грчката престолнина, каде што мирисот на изгорено дрво се чувствуваше до доцна синоќа. Природниот резерват е дел од мрежата на заштитени подрачја на ЕУ, „Натура 2000“ (Natura 2000).

Властите соопштија дека имало два активни фронта на пожарот, а во текот на ноќта и спорадични изолирани мали пожари.

Вчера беше прогласена вонредна состојба за подрачјето погодено од пожарот, а Грција го повика Европскиот систем на цивилна заштита за помош, по што Италија и Хрватска ветија четири авиони за противпожарна заштита.

Минатата година, над 100 луѓе загинаа при избувнувањето на шумски пожар кој брзо се прошири во приморскиот дел североисточно од Атина и ја зафати блиската населба - одморалиште. Пожарот ги затекна луѓето во нивните автомобили додека се обидуваа да им избегаат на пламените јазици, а многумина се удавија обидувајќи се да испливаат подалеку од плажите за да избегаат од големата топлина и загушувачкиот чад.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın