Балкан

На седница на хрватската Влада во црвено-бели дресови

По вчерашниот пласман на фудбалската репрезентација на Хрватска во финалето на Светското првенство, на седницата на хрватската Влада, премиерот Пленковиќ и министрите пристигнаа во црвено-бели дресови

Stipe Majic   | 12.07.2018
На седница на хрватската Влада во црвено-бели дресови Stipe Majic/АА

Zagreb

ЗАГРЕБ (АА) - По вчерашниот пласман на фудбалската репрезентација на Хрватска во финалето на Светското првенство во Русија, на седницата на хрватската Влада, премиерот Андреј Пленковиќ и министрите пристигнаа во црвено-бели дресови, а успехот на репрезентативците беше поздравен со аплауз и пораката дека Хрватска се надева на победа во финалето против Франција, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот на хрватската Влада, Андреј Пленковиќ, на самиот почеток на седницата честиташе во име на хрватската Влада и хрватските навивачи за успехот на хрватската репрезентација, потоа на тренерот Златко Далиќ, како и на раководството на Хрватскиот фудбалски сојуз: „Фасцинантен успех на хрватскиот спорт, хрватскиот фудбал и промоција на земјата“.

„Ова што се случи вчера во Москва е без преседан, во глобални рамки, најголема промоција на Хрватска. Гледајќи ги успехот, срцето, знаењето, искуството, победничкиот менталитет, силата на пресвртницата и сè што нашите фудбалери вчера демонстрираа е премногу инспиративно. Имам впечаток дека со Хрватска се идентификуваа многу од нашите пријателски народи и соседни земји кои ова го гледаат како успех кој зборува за силата на една земја која не е голема, но има големо срце, храброст и ентузијазам“, рече Пленковиќ.

Тој истакна дека станува збор за успех кој го надмина 3. место, кое хрватската репрезентација го освои на Светското првенство, на чело со Мирослав Блажевиќ во 1998 година.

„Тоа потврдува дека за 20 години станавме фудбалска сила и дека по ова, самите себе во фудбалска смисла ќе се гледаме како земја со авторитет, а не како аутсајдери, бидејќи Хрватска, денеска, со овие играчи, со ваквиот стил на игра и водство, тоа навистина го може“, рече премиерот Андреј Пленковиќ

Пленковиќ порачува дека е потребно долгорочно решение за прашањето за национален стадион во Хрватска, истакнувајќи дека оваа фудбалска репрезентација тоа го заслужува, а со тоа ќе се испрати и порака до младите фудбалери да продолжат да се занимаваат со спорт.

На крајот од воведните зборови, Андреј Пленковиќ им посака на репрезентативците во финалето да ја победат Франција и на Хрватска да ѝ ја донесат титулата „светски првак“.

На натпреварот Хрватска - Англија во Русија, вчера отпатуваа хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на хрватското Собрание, Гордан Јандроковиќ, кои заедно со десетици илјади навивачи ја бодреа репрезентацијата на Хрватска.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın