Балкан

Најважните настани во 2018 година во Македонија, Косово и Албанија

Политичките настани, напорите за процесите за интеграција во европските организации, честите посети на меѓународните претставници и протестите беа некои од главните настани во текот на 2018 година во Македонија, Косово и Албанија.

Ekip  | 28.12.2018 - Обновена : 01.01.2019
Најважните настани во 2018 година во Македонија, Косово и Албанија

Skopje

СКОПЈЕ/ПРИШТИНА/ТИРАНА (АА) - Политичките настани, напорите за процесите за интеграција во евро-атланските организации, честите посети на меѓународните претставници и протестите беа некои од главните настани од претходната година кои продолжија да бидат актуелни и во текот на 2018 година во Македонија, Косово и Албанија. Ова се неколку од најважните настани во овие три земји од регионот, кои ја одбележаа 2018 година и кои Anadolu Agency (AA) ги претставува по хронолошки редослед.

- Македонија

11 јануари - Собранието на Македонија го усвои Законот за употреба на јазиците, кој предвидува во сите органи на државната власт, покрај македонскиот јазик и неговата азбука, официјален јазик да биде и јазикот кој го зборуваат 20 отсто од граѓаните во земјата и неговата азбука, што во случајот е албанскиот јазик. Претседателот на земјата одби да го потпише Законот, со образложение дека е противуставен, но потоа на 14 март овој Закон беше повторно изгласан во Собранието на Македонија.

17 јануари - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, реализираше дводневна посета на Македонија, по речиси четири години од последната посета кога Андрес фог Расмусен престојуваше во проштална посета во мај 2014 година. По средбата со премиерот Зоран Заев, Столтенберг истакна дека вратите на НАТО се отворени за нови земји членки, но дека без да се реши спорот за името со Грција, земјата не може да стане членка на НАТО.

1 февруари - Посредникот на Обединетите нации (ОН) во разговорите за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, во текот на неговата посета на Македонија нагласи дека би било трагедија за регионот доколку не се постигне решение за ова прашање.

25 февруари - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, ја посети Македонија, при што изјави дека оваа земја е на добар пат по кој треба да продолжи и понатаму за да може да ја добие потребната препорака од страна на Европската комисија.

12 март - Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ), Денис Звиздиќ, ја посети Македонија, каде што со премиерот на Македонија, Зоран Заев, се согласи на граѓаните на Македонија и БиХ да им се олесни движењето во преминувањето на границите во двете земји само со лични карти.

13 март - Помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, ја посети Македонија, а по средбата со премиерот Зоран Заев рече дека американската администрација е вклучена и ќе се вклучи уште повеќе во спорот за името кој го имаат Македонија и Грција, но дека договорот треба да биде резултат на усогласување меѓу Скопје и Атина.

23 март - Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, по средбата во Скопје со неговиот македонски колега Никола Димитров, осврнувајќи се на спорот за името меѓу двете земји, истакна дека тоа ќе биде едно праведно и точно решение, кое ќе ги земе предвид интересите на двете страни.

26 март - Министерството за надворешни работи на Македонија донесе одлука за протерување на еден руски дипломат, во знак на солидарност со Обединетото Кралство и партнерите на земјата во НАТО и ЕУ, кои исто така протераа руски дипломати од нивните земји, по случајот со труење на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал во Солсбери, Англија, случај за кој Лондон ја обвини Русија, тврдејќи дека е користен нервниот агенс новичок, којшто советските сили го користеле во Втората светска војна.

14 април - Турската Фондација „Маариф“, со купување на приватното училиште „Woodrow Willson School“, ги започна своите активности во Македонија, и со тоа статусот на правно лице го доби во шест земји на Балканот.

18 април - Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, на премиерот на Македонија, Зоран Заев, му го врачи извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во нејзиниот пат за интеграција, при што нагласи дека Македонија ја заслужила безусловната препорака. Во истиот ден, земјата ја посети и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), а воедно и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, која го поздрави прогресот на Македонија.

27 април - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ја посети Македонија во рамки на средбата на лидерите на земјите од процесот Брдо - Бриони (Хрватска, Словенија, Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина), чиј домаќин за оваа година беше претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.

17 мај - По повод 25. годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Велика Британија, британската премиерка Тереза Меј ја посети Македонија, каде што беше пречекана на средба од страна на нејзиниот македонски колега Зоран Заев.

12 јуни - Премиерот на Македонија, Зоран Заев, на прес-конференција во Владата на Македонија, во присуство на сите владини министри, истакна дека „Република Северна Македонија“ е постигнатото решение околу спорот за името со Грција, бидејќи пред тоа предлогот „Република Илинденска Македонија“ не постигнал компромис со грчката страна.

17 јуни - Владите на Македонија и Грција на грчката страна на Преспанското Езеро го потпишаа Договорот за решавање на спорот за името и стратешко партнерство, според кој Македонија треба да го промени името на државата во Република Северна Македонија.

12 јули - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел официјално му ја врачи поканата на премиерот на Македонија, Зоран Заев, за започнување на преговорите за членство во Алијансата.

30 јули - Собранието на Република Македонија донесе одлука за одржување референдум за името на 30 септември 2018 година, со прашањето „Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“

30 август - 28 септември - Парламентарното мнозинство со мотото „Заедно ЗА европска Македонија“ официјално ја започна кампањата за референдумот на 30 септември околу Договорот на оваа земја со Грција, во чиј тек важни меѓународни лидери, вклучувајќи го и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и американскиот министер за одбрана, Џим Матис, ја посетија Македонија и упатија апел до граѓаните да излезат за поддршка на референдумот.

2 септември - Премиерот на Македонија, Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на граничниот премин Табановце - Прешево најавија спроведување на проектот за интегрирано гранично управување „One Stop Shop“.

30 септември - Се одржа гласањето во Македонија, при што граѓаните на оваа земја се изјаснија на консултативниот референдум за прашањето за промена на името кој е предуслов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ. Прашањето на референдумот беше „Дали сте за НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“, но без разлика на тоа што 91,46 отсто гласаа „за“, не беше постигнат консензус, односно излезноста на граѓаните беше 36,91 отсто.

20 октомври - Со двотретинско мнозинство пратениците во Собранието на Македонија го усвоија предлогот за пристап кон уставните измени во Република Македонија, при што две третини, односно 80 пратеници гласаа „за“, додека 39 беа „против“. Предлогот содржи неколку точки, вклучувајќи го и додавањето на придавката „Северна“ во постоечкото име на Македонија, измени во преамбулата на Уставот, гаранција за територијалните граници на Македонија, како и грижа за граѓаните на Македонија во дијаспората и пошироко.

13 ноември - Поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, на кого на 23 мај му беше изречена затворска казна од 2 години за снабдување на еден луксузен автомобил во вредност од околу 570 илјади евра, а требаше да се јави за издржување на казната, на својот профил на Фејсбук соопшти дека се наоѓа во Будимпешта, и дека побарал политички азил од унгарските власти, случај кој потоа го потврди и Министерството за внатрешни работи на Македонија. Еден ден по неговата објава на Фејсбук, македонската полиција издаде меѓународна потерница и побара негова екстрадиција. Груевски потоа, на 20 ноември, исто така преку Фејсбук соопшти дека Унгарија позитивно му одговорила на неговото барање за азил.

18 декември - Собранието на Република Македонија го усвои Законот за амнестија за настаните од 27 април од минатата година во Собранието, каде што како резултат на насилството на илјадници демонстранти, кои присилно влегоа во дворот на Собранието, беа погодени околу 100 лица, меѓу кои пратеници, полицајци и медиумски работници.

- Косово

16 јануари - Лидерот на граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ, беше застрелан со огнено оружје пред неговата канцеларија, случај по кој на 20 јануари претседателот на Србија, Александар Вучиќ, реализираше еднодневна посета на Косово, со цел да разговара со Србите во северниот дел на Косово.

15 февруари - Барбадос, земја која се наоѓа на Карибите, ја призна независноста на Косово, и со тоа бројот на земјите кои ја признаваат независноста на Косово се искачи на 116.

17 февруари - Со различни активности, меѓу кои и концертот на светската пејачка со потекло од Косово, Рита Ора, Косово ја одбележа 10. годишнина од својата независност.

21 март - По неколку одложувања, се одржа вонредната седница во Собранието на Косово, на која се гласаше за Договорот за демаркација со Црна Гора. Пратениците на косовскиот Парламент, по четири неуспешни обиди од солзавец кој го фрлија пратениците на опозициската партија Самоопределување, со 80 гласа „за“ го усвоија Нацрт-законот за демаркација со Црна Гора.

26 март - Косовската полиција ангажираше надлежни полициски единици за спречување на посетата на Косово на српските функционери Александар Вулин и Марко Ѓуриќ, бидејќи Министерството за надворешни работи на Косово не им даде дозвола за нивната посета. Потоа, косовската полиција во Северна Митровица го приведе шефот на таканаречената Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, кого откако го пренесоа во полициска станица во Приштина, го отстранија од територијата на Косово.

29 март - Во соработка со косовското разузнавање, турската Национална разузнавачка агенција (МИТ) изврши тежок удар врз структурата на терористичката организација ФЕТО во Косово, во чии рамки во Турција ги донесе шесте високи припадници на оваа терористичка организација.

30 март - Директорот на косовското разузнавање, Дритон Гаши и министерот за внатрешни работи, Фламур Сефа, поднесоа оставка од своите функции, откако премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, го побара тоа по операцијата на МИТ, која според Харадинај е извршена без негова дозвола и знаење.

9 јуни - Почина легендарниот косовски фудбалер Фадил Вокри, кој беше и претседател на Фудбалската федерација на Косово.

24 јуни - Претседателот на Косово, Хашим Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ, ја реализираа првата средба од конечната фаза на процесот на дијалог во Брисел со посредство и водство на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

18 јули - Еврокомесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, потврди дека Косово ги исполнило сите критериуми од патот за визна либерализација, за што препорака доби на 30 август од страна на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (LIBE), кој функционира во рамки на Европскиот парламент, кој на 13 септември гласаше за визна либерализација на оваа земја.

2 август - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, најави можна корекција на границата меѓу Косово и Србија, и укажа на можноста Прешевската Долина да му се приклучи на Косово.

8 септември - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, реализираше дводневна посета на Косово, во чии рамки го посети езерото Газивода и четирите општини во северниот дел на Косово во кои населението е со мнозинство Срби.

9 септември - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, ја повлече дозволата со која претседателот на Србија, Александар Вучиќ, требаше да го посети селото Бање во општина Скендерај, бидејќи ветераните на Косовската ослободителна војска (УЧК) и граѓаните на Скендерај го блокираа патот Митровица - Скендерај.

18 октомври - Пратениците во Собранието на Косово во принцип усвоија три закони за трансформација на Безбедносните сили на Косово во војска.

19 октомври - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, реализираше официјална посета на Косово, во чии рамки реализираше средби со државните власти, и ги посети Призрен и Мамуша.

20 ноември - На гласањето на 87. Генерално собрание на Интерпол, во врска со членството на Косово во оваа организација не беа постигнати доволен број гласови за членство, односно две третини од земјите членки на Интерпол.

21 ноември - Владата на Косово донесе одлука за воведување 100 отсто царина за производите од Србија и Босна и Херцеговина, со исклучок на меѓународните брендови.

23 ноември - Косовската полиција реализираше операција во северниот дел на Митровица во врска со убиството на српскиот лидер од Косово на граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ, во која беа приведени четири лица од српската заедница, од кои двајца полициски службеници во северниот дел на Митровица.

27 ноември - Градоначалниците на четири општини во северниот дел на Косово населени со мнозинство Срби, дадоа отказ од своите функции, поради воведување 100 отсто царина за производите од Србија.

3 декември - Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, го посети Косово каде што се сретна со државниот врв, при што нагласи дека царината на Косово за Србија и Босна и Хереговина не треба да остане во сила.

14 декември - Собранието на Косово со апсолутно мнозинство ги усвои трите нацрт-закони за трансформирање на Безбедносните сили на Косово во војска.

- Албанија

26 март - Албанија прогласи за непожелни личности двајца руски дипломати. Оваа одлука беше донесена по нападот со нервен агенс врз поранешниот руски агент во Британија, Сергеј Скрипал. Со тоа Албанија им се приклучи на земјите кои донесоа одлука за протерување на руски дипломати во врска со ова прашање.

30 април - Албанија и Грција во Тирана официјално ги започнаа преговорите за отворените прашања меѓу двете земји, фокусирајќи се во преговорите за границите во поморските зони. Двете земји во април го одржаа првиот круг на преговорите околу ова прашање.

3 јули - Во градот Скадар се одржа заедничкиот состанок на владите на Албанија и Црна Гора, а меѓу двете земји беа потпишани и неколку меморандуми за соработка.

27 август - Премиерите на некои земји од регионот се сретнаа на неформална средба во Драч на тема „Интеграција на регионалната економија“, а во фокусот на разговорите беа и прашањата во врска со европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

14 септември - Отворена е првата национална авиокомпанија на Албанија, „Ер Албанија“ (Air Albania), формирана во партнерство со „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines).

17 септември - Започна наставата во основните и средните образовни установи на турската Фондација „Маариф“ во Албанија за академската 2018/2019 година.

18 - 19 октомври - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, ја посети Албанија, каде што се сретна со високите претставници на земјата, а учествуваше и на церемонијата по повод започнувањето на академската година во Универзитетот на турската Фондација „Маариф“, „University New York Tirana“.

27 октомври - Министерот за внатрешни работи на Албанија, Фатмир Џафар, кој од 13 септември 2017 година ја вршеше оваа функција, поднесе оставка.

28 октомври - Костандинос Качифа (35), жител на Ѓирокастро и припадник на грчкото малциство во земјата, го загуби својот живот во оружениот судир со полициските сили во ова подрачје. Овој случај предизвика бројни реакции во Албанија и Грција.

3 ноември - Претседателот на Албанија, Илир Мета, не го потпиша назначувањето на Сандер Лешај за министер за внатрешни работи на оваа земја. Овој случај предизвика конфликт меѓу Претседателството на Албанија и Кабинетот на премиерот на Албанија, при што премиерот на Албанија, Еди Рама, повторно го предложи Лешај за функцијата министер за внатрешни работи.

5 ноември - Претседателот на Албанија, Илир Мета, го потпиша Декретот за одржување на локалните избори во Албанија на 30 јуни 2019 година.

8 ноември - Во село Буларат во Ѓирокастро се одржа погребна церемонија за Костандинос Качифа. Дел од погребната поворка беа илјадници граѓани на Грција, кои носеа грчки симболи, а се слушнаа и екстремистички и антиалбански извици.

10 ноември - Албанија ја прогласи за непожелна личност европратеничката Елени Теокарус, поради нејзиното учество и изјавите за време на одржувањето на погребната церемонија на Костандинос Качифа. Исто така, Албанија ги прогласи за непожелни личности 52-та државјани на Грција поради организирана активност на штета на сувереноста на земјата и уставниот поредок.

22 ноември - Протестот на жителите на Тирана кои се против рушење на нивните згради погодени од проектот за изградба на Големата обиколница во Тирана беше придружен со тензии и судири пред Собранието на Албанија каде што беа повредени неколку полицајци, меѓу кои и Ина Нука, која на 23 ноември беше испратена во Турција на специјализирано здравствено лекување.

5 ноември - Студентите од државните универзитети во Тирана и во некои други градови во земјата започнаа протест со барање да се намалат на половина годишните тарифи за студирање, за подобрување на условите во студентските домови, зголемување на буџетот за образование, а имаа и некои други барања.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın