Балкан

Мемети: „Попреченоста е последица на неуспехот на инклузивното општество“

„И во духот на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост ќе речам дека попреченоста е последица на неуспехот на инклузивното општество, за прифаќање на индивидуите со нивната различност“

Husamedin Gina   | 03.12.2019
Мемети: „Попреченоста е последица на неуспехот на инклузивното општество“ Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) – Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Иџет Мемети, денеска, по повод 3 декември – Меѓународниот ден за лицата со посебни потреби, го промовираше тимот на Народниот правобранител за мониторирање на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според Мемети, тимот ќе биде составен од двајца правници, еден специјален едукатор и рехабилитатор, кои заедно со лицата со попреченост, со нивните претставници, ќе врши анализи, проучувања и следење на прописите и компаративните права во врска со правата утврдени со Конвенцијата.

Во своето обраќање, истакнувајќи дека попреченоста не треба да се гледа како недостаток или болест на лицето, народниот правобранител рече: „И во духот на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост ќе речам дека попреченоста е последица на неуспехот на инклузивното општество, за прифаќање на индивидуите со нивната различност.“

Тој исто така истакна дека промените во врска со лицата со попреченост треба да се бараат во општеството, кое ќе се раководи од Конвенцијата која ги дава насоките на таквите промени.

Промовирајќи го посебниот Извештај за остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, Васка Бајрамовска Мустафа, заменик-народен правобранител на Северна Македонија, рече дека сѐ уште има училишта во коишто не се вработени специјални едукатори и рехабилитатори, кои се од голема важност за тие лица.

„Нема да кажам ништо ново ако речам дека училиштата и натаму се со архитектонски бариери за пристап на децата со попреченост, дека училиштата немаат соработка и обезбедена поддршка од училиштата со ресурсен центар“, нагласи Бајрамовска.

Таа исто така истакна дека вкупниот број ученици со посебни образовни потреби во 84-те општински основни училишта во Скопскиот Регион изнесува 1.236.

Наведувајќи дека се направени анализи за тоа кој вид попреченост од децата е најмногу застапен во редовното образование, Васка Бајрамовска рече дека децата со лесна интелектуална попреченост и децата со аутизам предничат во однос на останатите попречености.

Секоја година на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лица со попреченост. Според Светска банка, една милијарда луѓе или 15 отсто од светската популација се соочуваат со одреден степен на попреченост.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.