Балкан

Марш на мирот: Скопје се сеќава на жртвите од геноцидот во Сребреница

„Тежината на злосторствата извршени во БиХ нè обврзуваaт на постојано соочување со фактот дека во Сребреница се убиени повеќе од 8 илјади недолжни луѓе во кукавички поход на злосторниците, каков што не познава поновата човечка историја“, порача Хот.

Admir Fazlagic   | 11.07.2018
Марш на мирот: Скопје се сеќава на жртвите од геноцидот во Сребреница (Foto: Vedat Abdul/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Здруженијата на Бошњаците во Македонија денеска во Скопје организираа Марш во чест на жртвите на геноцидот во Сребреница, со што беше одбележан 11 јули – Денот на сеќавање на геноцидот над Бошњаците во Сребреница, во Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).

На Маршот учествуваа бројни граѓани од различна етничка припадност, кои поворката ја започнаа од скопската населба Чаир, движејќи се до Градскиот плоштад во Скопје, каде што ги упатија своите пораки на солидарност, мир и сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница.

Претставниците на бошњачките здруженија истакнаа дека геноцидот во Сребреница претставува најголемо злосторство што се случило на прагот на 21 век во срцето на Европа.

Во име на Координативното тело за одбележување на геноцидот во Сребреница, се обрати еден од неговите членови, Џевад Хот, кој рече дека присутните се собрале денеска со цел да се присетат на невините жртви во Сребреница, Подриње, но и на целата територија на БиХ и на сите шехиди.

„Тежината на злосторствата извршени на територијата на Босна и Херцеговина нè обврзуваaт на постојано соочување со фактот дека во Сребреница се убиени повеќе од осум илјади недолжни луѓе во кукавички поход на злосторниците, каков што не познава поновата човечка историја“, порача Хот.

Тој додаде дека Сребреница ја симболизира и надежта дека на ваквите злосторства им дојде крајот и дека идните поколенија нема да ја делат судбината на жртвите во Сребреница. Како што истакна тој, со организацијата на овој марш сакаат да им ја пренесат пораката на нивните сограѓани во Македонија, а и пошироко „никогаш повеќе да не се повтори Сребреница“.

Во име на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) се обрати неговиот генерален секретар, Дино Дрпљанин, кој ја прочита Декларацијата за геноцидот во Сребреница.

„Свесни за големото злосторство, 23-годишнината од геноцидот во Сребреница ја користиме за да го осудиме овој злосторнички чин и да пратиме порака со која сакаме да ги потсетиме граѓаните во Македонија и во светот, дека е извршен геноцид врз Бошњаците и дека не смееме да дозволиме тоа повторно да се случи“, рече Дрпљанин.

Едина Зеќировиќ, член на Координативното тело за одбележување на геноцидот во Сребреница и автор на перформансот „Погледни се и сети се на Сребреница“, го претстави значењето на огледалата, ружите и црвената боја на огледалата кои беа поставени на Градскиот плоштад во Скопје.

Таа истакна дека црвената боја на огледалата ја симболизира крвта на жртвите на сребреничкиот геноцид, а белите ружи ја симболизираат нивната невиност.

„Целта на ова огледало е секој да се погледне и во себе да ја види една од оние 8.372 жртви. Сребреница не е тага само на бошњачкиот народ, таа е најголема дамка на дотогашните цивилизациски достигнувања“, истакна Зеќировиќ.

Денеска во Меморијалниот центар во Поточари беа погребани 35 жртви на геноцидот во Сребреница кој се случи во 1995 година, а меѓу тие жртви беше и брачната двојка Нијаз и Ремзија Дудиќ и нејзиното шестмесечно бебе, кое Ремзија го носела во утробата кога била убиена.

За неа и за сите жртви на геноцидот, од Градскиот плоштад во Скопје, во воздух беа пуштени шест гулаби кои ја симболизираат невиноста на жртвите и испраќаат порака на мирот.

Беше прочитана и поезија, во знак на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница.

- Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница одбележан во Косово

Под мотото Да не ја забораваме Сребреница - придужи се и ти" во Призрен денеска беше организиран Марш на мирот посветен на жртвите на сребреничкиот геноцид.

Освен Бошњаци, Албанци и Турци, на маршот учествуваше и група млади луѓе од Тирана, главниот град на Албанија.

Расим Демири, министер од редовите на бошњачката заедница во Владата на Косово, во оваа прилика изрази жалење затоа што многумина негови сонародници денеска не присуствува на погребот на бошњачките жртви во Сребреница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.