Балкан

Макрон во Хрватска: „Билатералната соработка е важна за темата која е пред нас, а тоа е Западен Балкан“

- На прес-конференцијата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, Макрон рече дека со официјалната посета и партнерството што ќе го потпишат, ќе ги зајакнат билатералните врски.

Gorana Jakovljevic, Stipe Majic   | 25.11.2021
Макрон во Хрватска: „Билатералната соработка е важна за темата која е пред нас, а тоа е Западен Балкан“ Фото: Стипе Мајиќ / Агенција Анадолија

ЗАГРЕБ 

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Загреб изрази задоволство и гордост што е прв француски претседател кој ја посетил Хрватска од нејзината независност, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Се работи за неправда бидејќи оваа посета е всушност симбол на нашето пријателство и покажува колку се силни врските меѓу Хрватска и Франција“, рече Макрон.

На прес-конференцијата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, Макрон рече дека со официјалната посета и партнерството што ќе го потпишат, ќе ги зајакнат билатералните врски.

Тој посочи дека двете земји ќе продолжат да работат во областите како безбедност, миграција, истражување, кои се заеднички проекти кои ќе бидат и проекти на француското претседателство со Европската Унија.

„Сето тоа се големи предизвици, геополитички, економски, социјални, здравствени и секако, климатски, и тие се во срцето на ова партнерство и она што ќе го направиме заедно во Европската Унија“, рече францускиот претседател.

Тој потсети дека Хрватска претседавала со Европската Унија во 2020 година, а Франција ќе го започне своето претседавање во 2022 година.

„Соработката што ќе ја зајакнеме, билатералната соработка е исклучително важна за темата пред нас, а тоа е темата за Западен Балкан. Прашањето за мирот е стратешко прашање за ЕУ, тоа ќе ни овозможи да изградиме нова етапа во Западен Балкан. Знам дека се грижите за тоа и знам дека вашите врски со Западен Балкан ќе ни помогнат во тоа“, рече Макрон.

Тој додаде дека оваа посета е ново поглавје во билатералните односи во областа на културата, економијата, одбраната.

„Разговаравме првенствено за набавка на авиони, тоа е голема работа за Хрватска и стратешки и финансиски, но и за настаните во регионот, во светот, Украина, Русија, сето тоа се работи што Франција, која во моментов е очигледно единствената нуклеарна сила во ЕУ, а постојана членка на Советот за безбедност, ги гледа на еден начин што е малку поширок од нашиот“, рече Милановиќ.

Хрватскиот претседател ги оцени разговорите со Макрон како одлични, наведувајќи дека тоа ќе резултира со стратешка соработка врз основа на декларација што треба да се потпише во хрватската Влада.

„Ова е мал нов почеток за Хрватска во некои аспекти“, нагласи Милановиќ, додавајќи дека Хрватска останува евроатлантска земја, дека ќе ја продолжи воената соработка со САД, но и дека ова е сериозна промена на која се радуваат.

За време на посетата на Хрватска, Макрон ќе потпише стратешко партнерство со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, а како што е најавено, министрите за одбрана, Флоренс Парли и Марио Баножиќ, ќе потпишат договор за набавка на авиони „Рафал“.

Макрон и Пленковиќ положија венец на Споменикот на татковината во Загреб за жртвите од Татковинската војна.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.