Балкан, Коронавирус

Косово: Во текот на овој месец се очекува првиот контингент вакцини против Ковид-19

Косовскиот премиер нагласи дека во текот на овој месец се очекува првиот контингент од 33.000 дози од вакцините КОВАКС

Zylfije Adem Jakupi   | 05.03.2021
Косово: Во текот на овој месец се очекува првиот контингент вакцини против Ковид-19

ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска се состана со министерот за здравство на должност, Арменд Земај, директорот на Националниот институт за јавно здравје на Косово, Насер Рамадани, и со директорот на Клиничкиот универзитетски центар на Косово, Валбон Красниќи, со кои разговараше за влошената епидемиолошка состојба во Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Бидејќи земјата се соочува со нов бран на пандемијата на Ковид-19, побарано е да се одржат на сила мерките и целосно да се почитуваат“, соопшти Владата на Косово.

Речено е дека здравствените установи интензивно работат на зголемување на капацитетот, обезбедувањето лекови и зголемување на бројот на медицинскиот персонал.

Од надлежните служби и институции беше побарано да ја зголемат својата посветеност на превенцијата, управувањето и контролата за Ковид-19, и истовремено строго да се придржуваат до важечките мерки.

Исто така, од сите граѓани се бара да ја почитуваат физичката дистанца, да користат маски, да ги дезинфицираат и проветруваат просториите за да спречат можно ширење на инфекцијата, како и да избегнуваат затворени простори.

Хоти нагласи дека во текот на овој месец се очекува првиот контингент од 33.000 дози од вакцините КОВАКС. Од овој механизам Косово ќе добие 100.800 дози од вакцината против Ковид-19, додека во тек се интензивни преговори со други производители за да се обезбеди потребниот број вакцини за целосно имунизирање на населението.

Косово е единствената земја во регионот што сè уште не започнала со вакцинација.

Во последните 24 часа во Косово се регистрирани 591 позитивен случај на коронавирусот од 3.674 тестирани примероци, додека 7 лица починаа како последица на Ковид-19. Вкупно досега од вирусот починаа 1.627 лица.

Од почетокот на епидемијата тестирани се 319.338 лица, од кои 71.344 биле позитивни на коронавирусот. Во моментов, има 8.703 лица активно заразени со коронавирусот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın