Балкан

Конференција за унапредување на транспарентноста на судството во Македонија

Организаторите на конференцијата истакнаа дека транспарентноста на судството придонесува за зајакнување на неговата независност

Ivana Ramadanova   | 25.04.2017
Конференција за унапредување на транспарентноста на судството во Македонија ( Foto: Vedat Abdul/AA )

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Институтот за европска политика, заедно со Хелсиншкиот комитет во Македонија, денес во Скопје организира конференција за унапредување на транспарентноста во судството во Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, расправата е организирана во рамките на проектот „Мрежа 23+“ и е поврзана со унапредување на транспарентноста на судството, како начин за зголемување на довербата на јавноста во судскиот систем и разбирање на работата на судовите и донесените пресуди, со што истовремено се елиминира и ризикот од корупција.

„Денешниот наш настан претставува заеднички напор заедно со Здружението на судиите да ги отвориме темите што се на агендата при реформата во правосудството, бидејќи цениме дека судството како трета алка од власта треба да биде исклучително вклучено во процесот на европските интеграции, што не беше случај ниту досега кај нас и пошироко, во земјите што пристапуваа. Настанот истовремено претставува отпочнување дијалог на граѓанските организации со правосудните институции, со кои несомнено ќе има многу несогласувања, меѓутоа се надеваме дека ќе можеме да придонесеме заедно кон реформите на правосудниот систем“, истакна Кацарска.

Tаа истакна дека дел од критиките на Институтот за европска политика се во однос на перцепцијата за затвореност кон судството, со што на некој начин овој денешен настан се обидува да го надмине тој момент, односно да ги донесе дел од клучните актери во судството кон дијалог со граѓанските организации, со цел понатаму да се најде решение за овие прашања.

Организаторите на конференцијата истакнаа дека транспарентноста на судството придонесува за зајакнување на неговата независност, а според извештајот на Европската комисија, Македонија назадува втора година по ред во делот на правосудството.

Согласно извештаите на ГРЕКО, транспарентноста е клучна за зголемување на довербата на јавноста во правосудниот систем.

На конференцијата учествуваа релеватни чинители, меѓу кои и судии од Врховниот суд на Република Македонија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.