Балкан

Клинтон: „НАТО ја доби војната, а граѓаните на Косово стекнаа мир“

Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, рече дека го сака Косово и дека секогаш во животот ќе му биде најголема чест што бил со косовскиот народ против етничкото чистење и за неговата слобода

Zülfiya Yakup   | 12.06.2019
Клинтон: „НАТО ја доби војната, а граѓаните на Косово стекнаа мир“

ПРИШТИНА (AA) - Централната манифестација по повод 20. годишнината од влегувањето на НАТО-трупите во Косово одржана е денес на Плоштадот „Скендербег“ во центарот на Приштина, на која покрај останатите присуствуваа поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, поранешната американска државна секретарка, Медлин Олбрајт, и американскиот генерал Весли Кларк, кој командуваше со НАТО-силите во текот на бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година, јавува Anadolu Agency (AA).

Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Бил Клинтон, рече дека го сака Косово и дека секогаш во животот ќе му биде најголема чест што бил со косовскиот народ против етничкото чистење и за неговата слобода.

„Се сеќавам на лицата на граѓаните кои ги сретнав пред 20 години во основно училиште во Урошевац. Им го кажав она што го велам и денес, 79 дена воздушни напади на НАТО можеа да ја добијат оваа војна, меѓутоа, граѓаните на Косово стекнаа мир. Дваесет години подоцна мислам дека направивте прекрасна работа со добивањето на овој мир“, рече Клинтон.

Тој истакна дека САД 20 години се со Косово, независно од тоа кој бил на власт во Белата куќа.

Поранешната американска државна секретарка, Медлин Олбрајт, истакна дека војната во Косово била соочување со варварските убиства и тиранијата наспроти демократијата, но дека Алијансата била силна и решителна.

„Не беше лесна одлуката, имавме многу дискусии и претседателот Клинтон сакаше да се обезбеди дека Косово е сигурно. Вечерта кога почна бомбардирањето тој ме повика на телефон и ми рече: ‘Медлин, авионите полетаа, ние ја работиме вистинската работа’, и јас му реков: Да, господине претседателе ја правиме вистинската работа“, се присети Олбрајт.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, рече дека 12 јуни е ден на косовската слобода и датум кој ги обединува сите граѓани на Косово.

„Како што денес сме заедно, како Косовари, Американци, Британци, Германци, Французи, Италијанци и од многу други земји, на овој прекрасен јунски ден во главниот град на Косово, во Приштина, така бевме заедно и во најлош период, најтемен и најтрагичен во новата историја на Косово, кога беше загрозен опстанокот на еден народ, кога граѓаните на Косово беа спремни да жртвуваат сè за слобода“, рече Тачи и додаде дека она што во пролетта 1999 година го направи цивилизираниот свет персонифициран во САД, ЕУ, Северноатланскиот сојуз, беше голем и извонреден чекор.

Тој додаде и дека одлуката за воена интервенција беше праведна одлука. Потсети дека по периодот на стабилизацијата на општеството, Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година и нагласи дека Косово сака да биде членка на ЕУ и НАТО и дека е спремно да постигне историски договор со Србија, иако не може да се заборави геноцидот и етничкото чистење над албанскиот народ.

Заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Метју Палмер, исто така се обрати на собирот, порачувајќи дека продолжуваат да бидат силен партнер на Косово, како и дека сега е идеално време за постигнување конечен договор помеѓу Косово и Србија, откако Грција и Македонија го постигнаа Договорот (Преспански договор) за името Северна Македонија.

На собраните им се обратија и претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, и премиерот на Косово, Рамуш Харадинај. Меѓу гостите беа и директорот за Балкан во Министерството за надворешни работи на Германија, Кристијан Хелбах, претседателот на Хрватска, Стјепан Месиќ, како и претседателот и премиерот на Албанија, Илир Мета и Еди Рама.

Во рамките на одбележувањето на 20-годишнината од влегувањето на НАТО-трупите на Косово, предвидена е и „Прошетка за слободата“ на високите меѓународни и домашни функционери во центарот на Приштина и свечено откривање на бистата на секретарката Олбрајт, потоа посета на Булеварот „Бил Клинтон“ и меѓународна конференција за безбедноста „20 години слобода: Визија за одржлив мир“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın