Балкан

Касапоглу во Поточари: „Сите сме денеска тука семејство на шехидите“

- Турскиот министер Касапоглу потсети дека во БиХ е извршен геноцид кој е потврден со пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг.

Zlatan Kapiç   | 11.07.2019
Касапоглу во Поточари: „Сите сме денеска тука семејство на шехидите“

vina

ПОТОЧАРИ

Министерот за млади и спорт на Република Турција, Мехмет Мухарем Касапоглу, денеска на одбележувањето на 24. годишнина од геноцидот во Сребреница порача дека сите таму присутни се семејства на жртвите, и дека геноцидот не смее да се заборави за да не се повтори, јавува Anadolu Agency (AA).

Касапоглу, на почетокот на својот говор присутните ги поздрави на босански јазик, потсетувајќи дека во БиХ е извршен геноцид кој е потврден со пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг.

„Сите ние кои сме денеска во Сребреница сме семејства на жртвите. Во име на Република Турција најостро го проколнувам ова злосторство, во надеж дека сите злосторства ќе бидат казнети“, изјави Касапоглу, и додаде:

„Босна е наша родена братска земја и со неа чекориме по ист цивилизациски хоризонт. Неописливото страдање кое тука се случуваше пред 24 години, и денеска го чувствуваме.“

Тој потсети дека претседателот Ердоган на 8 и 9 јули престојувал во посета на БиХ, а во таа пригода ги испратил и 33 шехиди убиени во геноцидот во Сребреница при поаѓање на камионот со нивните ковчези низ Сараево.

„Денеска ќе присуствуваме на нивниот погреб. Нѐ згрозува фактот што и по олку години, и понатаму се откриваат останките од жртвите, што зборува за размерот на злосторството. Имаме обврска да сториме сѐ за ова никогаш никаде да не се повтори“, изјави Касапоглу и нагласи дека мораме да поттикнуваме соживот во мир, поттикнување на соработка и компромис, и дека ова не смее да остане на зборови, туку дека мораме да правиме конкретни чекори во сите сегменти на животот.

„Геноцидот не смее да се заборави за да не се повтори. Знам дека не постои ниту еден збор кој би можел да ја опише оваа болка, ништо не може да ги врати оние кои ги изгубивме. Сепак, мораме да продолжиме да работиме на подигање на мирот и братството, и да садиме семиња на посветла иднина на ова подрачје“, изјави Касапоглу.

Мирот и благосостојбата на секој нејзин регион се неопходни за БиХ, смета Касапоглу, а мирот во БиХ, како што изјави тој, е неопходен за Балканот, Европа и за целиот свет.

„И сите носиме одговорност за зачувување на мирот тука, бидејќи го должиме тоа на жртвите. БиХ со својата шаренолика етничка структура носи потенцијал да биде земја пример за сите во светот, затоа на луѓето мораме да им дадеме надеж за мир и иднина. Турција преку поволните кредити на банката „Зират“ го поттикнува враќањето, и на овој начин се дава поттик на просперитетот. Проектите на ТИКА придонесуваат за развојот на ова подрачје“, изјави Касапоглу.

БиХ е држава која тешките денови ги остави зад себе, како што рече, и која секогаш ќе биде свртена кон иднината.

„Турција секогаш и во сите пригоди беше со БиХ и така ќе биде и во иднина, секогаш ќе водиме грижа за аманетот на шехидите“, заклучи Касапоглу.

Во Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари, пристигнаа семејствата на жртвите на геноцидот извршен во јули 1995 година, кои денеска ќе присуствуваат на погребната молитва и закопот на посмртните останки на 33 новоидентификувани жртви

Табутите со посмртните останки на жртвите од Сребреница се пренесени синоќа од поранешната фабрика за акумулатори во Мусала на гробиштата во Меморијалниот центар.

Од утринава семејствата се простуваат од најмилите, по кои трагаа 24 години.

Најмладата жртва којашто ќе биде закопана во Поточари оваа година е Осман Цврк, роден во 1979 година. Тој во моментот кога е убиен бил малолетен, имал само 16 години. На табутот со името на малолетниот Осман се наоѓаат посмртните останки кои се пронајдени на неколку различни локации.

Конечниот спокој оваа година ќе го најдат и таткото и синот - Заим и Фуад Пилав. Закопани ќе бидат и браќата Мујиќ, Фахрудин (25) и Зијо (28), како и браќата Исаковиќ. Еден од браќата, Асим Исаковиќ, во моментот кога е убиен имал 20 години, додека неговиот брат Касим бил само две години постар. Покрај нив, денеска ќе бидат закопани останки на уште 26 жртви од геноцидот.

Во Подриње, во Центарот за идентификација во Тузла се наоѓаат уште 140 неидентификувани жртви, но главно поради некомплетните посмртни останки семејствата сѐ уште не се решиле за закоп. Меѓу нив се наоѓаат 38 жртви кои се официјално идентификувани и со ДНК анализа и од страна на семејствата, а останатите се идентификувани само врз основа на ДНК анализа.

На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, досега се погребани 6.610 жртви на геноцидот, а и понатаму се трага по над 1.000 исчезнати сребреничани.

Посмртните останки на жртвите од геноцидот се пронајдени на околу 150 различни локации, од кои повеќе од 70 се масовни гробници.

Најмладата досега погребана жртва во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата жртва е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın