Балкан

Караѓоз по собранието на ЕАНА во Сараево: Европските агенции ја пофалија работата на Агенција Анадолија

„Свесни сме дека секоја грешка во оваа област на известување води до сериозно губење на кредибилитетот. Затоа сите се на највисоко ниво на претпазливост. Секоја вест што доаѓа од завојуваното подрачје, ја проверуваме неколкупати...“

Zlatan Kapic   | 13.05.2022
Караѓоз по собранието на ЕАНА во Сараево: Европските агенции ја пофалија работата на Агенција Анадолија

САРАЕВО (АА) - Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Агенција Анадолија (АА), Сердар Караѓоз, денеска во Сараево, по собранието на Европската асоцијација на новински агенции (ЕАНА) изјави дека работата на АА, првенствено кога станува збор за известувањето за војната меѓу Украина и Русија, е пофалена од претставниците на европските агенции.

„Како Европска асоцијација на новински агенции (ЕАНА), денеска одржавме состанок во Босна и Херцеговина. Примарната цел на состанокот беше да се разговара за одговорноста на новинските агенции кога станува збор за известувањето во војната и во околностите на пандемијата на Ковид-19. Како да обезбедите точни вести? Како да ја информираме јавноста на вистински начин?“, рече тој.

Караѓоз потсети дека сите новински агенции од европските земји се членки на оваа асоцијација, и дека Агенција Анадолија е една од најважните членки.

„Како што знаете, за време на пандемијата на Ковид-19 имаше многу манипулации, многу лажни вести, а новинските агенции се институции кои имаат одговорност да објавуваат точни информации против тие лажни вести што се појавуваат, бидејќи со зголемувањето и различноста на изворите, се појавуваат сѐ повеќе лажни вести. Покрај оваа тема, разговаравме и за известување во воени услови. За тоа како како новински агенции известуваме за војната меѓу Украина и Русија. Овде се присутни различни пристапи. Во војната се присутни две страни, а двете новински агенции се членки на ЕАНА, и руската и украинската новинска агенција. Тука е донесена одлука за суспендирање на членството на руската агенција ТАСС во ЕАНА. Своите реакции на известувањето на руските агенции ги изнесоа и европските новински агенции“, рече Караѓоз.

Тој потсети дека Турција има добри односи и со Русија и со Украина и дека новинската агенција АА има воспоставено соработка со агенциите на двете земји.

„Турција ја има улогата на медијатор, улогата на посредник во преговорите на овие земји, затоа повикавме и тука дијалогот да продолжи. Ја истакнавме важноста на дијалогот на овие земји на ниво на Асоцијацијата на европски новински агенции, бидејќи кога дијалогот ќе заврши, војната продолжува и нема можности за дипломатија. За да живее дипломатијата, неопходен е дијалог. Мислам дека исклучување на една членка од здружението не би била правилна одлука. Ние имавме проценка во насока на неисфрлање од Асоцијацијата. Сепак, Европската асоцијација на новински агенции треба да има своја реакција. Како резултат на разговорите на АА со сите членки, руската агенција не беше исклучена од здружението, туку нејзиното членство беше суспендирано. Ова е прашање што цела Европа го следи со големо внимание. Некои од европските новински агенции нагласуваат дека се шират многу големи дезинформации за војната во Украина. Овде можеме да ја истакнеме позитивната состојба, а тоа е дека Aгенција Анадолија известува за оваа воена состојба на најкоректен, најточен начин и прецизно и навремено ги пренесува настаните до целиот свет“, објасни Караѓоз.

Караѓоз ги пренесе впечатоците на европските колеги кои сметаат дека Агенција Анадолија професионално, навремено и непристрасно ги покрива сите релевантни настани и од руската и од украинската страна, како и од сите области погодени од војната.

Тој потсети дека, кога станува збор за европските новински агенции, Агенција Анадолија (АА) има најангажирани известувачи во областа зафатена со војна.

„Свесни сме дека секоја грешка во оваа област на известување води до сериозно губење на кредибилитетот. Затоа сите се на највисоко ниво на претпазливост. Секоја вест што доаѓа од завојуваното подрачје, ја проверуваме неколкупати и дури потоа им ја сервисираме на нашите претплатници. Ваквиот начин на наша работа беше предмет на дискусија и на оваа средба, па добивме пофалби од нашите колеги. Мислам дека влијанието на новинските агенции ќе расте бидејќи состојбите на војни, природни катастрофи и слични ситуации, за жал, не изгледаат како да ќе се намалат во догледна иднина. Во вакви хаотични ситуации расте важноста на сериозните медиумски куќи, новинските агенции. Според нашите колеги, Агенција Анадолија (АА) е една од најсериозните агенции во рамките на ЕАНА и можам да кажам дека силата на Агенција Анадолија (АА) се зголемува на меѓународно ниво, а војната меѓу Украина и Русија уште еднаш го потврди влијанието на Агенција Анадолија (АА) во светот“, заклучи генералниот директор на АА, Караѓоз.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın