Балкан, Коронавирус

Карантинот во Грција поради Ковид-19 ќе биде продолжен уште една недела

- Генералниот карантин и полицискиот час што се воведени во периодот од 21:00 до 5:00 часот во земјата и требаше да траат до 7 декември, продолжени се до 6:00 часот на 14 декември

Tevfik Durul   | 03.12.2020
Карантинот во Грција поради Ковид-19 ќе биде продолжен уште една недела

АТИНА

Грчката Влада која претходно информира дека карантинот на ниво на целата земјата ќе трае до 7 декември поради пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), соопшти дека таквата состојба ќе биде продолжена за уште една недела, јавува Агенција Анадолија (АА).

Стелиос Петсас, портпаролот на Владата на Грција, на неделниот брифинг за новинарите зборуваше за состојбата и мерките во земјата во врска со епидемијата на коронавирусот.

Петсас информира дека генералниот карантин и полицискиот час што се воведени во периодот од 21:00 до 5:00 часот во земјата и требаше да траат до 7 декември, продолжени се до 6:00 часот на 14 декември, додавајќи дека оваа одлука е донесена поради постоечкиот интензитет на епидемијата во земјата.

Петсас рече дека иако бројот на случаи во земјата е во опаѓање, постоечкиот пад е побавен од очекуваното.

Подвлекувајќи дека во моментов бројот на пациенти отпуштени од болниците го надминува бројот на нови пациенти, Петсас истакна дека капацитетите во болниците во земјата сè уште се под силен притисок, особено во градовите на северот од земјата, меѓу кои е и Солун.

Петсас соопшти дека почнувајќи од 7 декември ќе биде дозволено отворање на сезонските продавници за малопродажба, вклучувајќи ги бизнисите што се занимаваат со продажба на божиќни и новогодишни украси.

Според податоците што ги објави Националната агенција за јавно здравје на Грција, вчера бројот на пациенти заразени со Ковид-19 што се поврзани на респиратор во земјата е зголемен на 613.

Вчера во земјата биле евидентирани 2.186 новозаразени, а 89 лица починале како последица на заразувањето со коронавирусот.

Од почетокот на епидемијата во Грција досега регистрирани се 109.655 лица позитивни на Ковид-19, а 2.606 ги загубија животите.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın