Балкан, Коронавирус

Заев и Мицкоски во задолжителна самоизолација, имале контакт со новинар позитивен на Ковид-19

„Лидерите на двете најголеми политички партии во нашата земја, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, од денеска се во задолжителна домашна изолација“, соопшти министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче

Abdula Berisha   | 10.04.2020
Заев и Мицкоски во задолжителна самоизолација, имале контакт со новинар позитивен на Ковид-19

СКОПЈЕ

Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на вонредна прес-конференција информираше дека претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се во задолжителна изолација откако имале контакт со новинар кој бил позитивен на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (AA).

„Лидерите на двете најголеми политички партии во нашата земја, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, од денеска се во задолжителна домашна изолација. По информацијата која ја доби Министерството за здравство дека еден новинар од телевизиски медиум е позитивен на вирусот Ковид-19, кој новинар во текот на минатата недела имаше ТВ-интервјуа со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и Мицкоски и Заев се тестирани за коронавирусот“, рече Филипче.

Министерот исто така рече дека резултатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, беше изработен доцна синоќа и е негативен, но истакна дека тој ќе остане во задолжителна самоизолација.

Филипче исто така рече дека резултатот на лидерот на СДСМ, Заев, кој синоќа беше во родниот град Струмица, ќе биде готов денес, додавајќи дека и Заев ќе остане во куќна изолација.

Министерот Филипче исто така информираше дека новинарот е во стабилна здравствена состојба и дека се лекува во болницата „8 Септември“ во Скопје.

Според податоците на Министерството за здравство на Северна Македонија, во земјата се регистрирани вкупно 663 случаи на инфекции со Ковид-19, од кои 30 лица починале, а 37 пациенти се излечени.

Потсетуваме дека од средата, во Северна Македонија стапија во сила нови мерки за ограничување на движењето на граѓаните, со кои се ограничува слободното движење во текот на работните денови од 16:00 до 05:00 часот и за време на викендите со почеток од петок во 16:00 часот до понеделник до 05:00 часот.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот Ковид-19.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın