Балкан

Димитров - Чавушоглу: „Проблемот на нашиот пријател е и наш проблем"

„Процедурата за овие лица е во тек и во Основниот суд Скопје 1 и во Јавното обвинителство и разговаравме за тоа до каде е процеурата, што се случува, и така натаму...“, рече Димитров, зборувајќи во врска со терористичката организација ФЕТО

Admir Fazlagic   | 16.07.2019
Димитров - Чавушоглу: „Проблемот на нашиот пријател е и наш проблем" ( Foto: Cem Özdel / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ (АА) - Тускиот министер за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, престојува во официјална посета на Северна Македонија, во чии рамки се состана со неговиот колега, министерот за надворешни работи на земјата, Никола Димитров, јавува Anadolu Agency (AA).

По одржаната средба на двајцата министри, како и по средбата на делегациите на министерствата за надворешни работи на Турција и Северна Македонија, Чавушоглу и Димитров одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за деталите од нивните разговори од средбата.

- „Чавушоглу: ФЕТО претставува закана за Северна Македонија и за другите пријателски земји"

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, рече дека „односите меѓу Северна Македонија и Турција се многу блиски“ и изрази, како што рече, голема благодарност на Турција за ратификацијата за пристапниот Протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.

„Сакам да изразам големо благодарам на Турција за ратификацијата на пристапниот Проткол за нашето членство во НАТО. Како што му кажав на Мевлут, тоа не менува ништо суштински бидејќи ние сме сојузници уште од првиот ден на нашата независност, но сега и формално, како идна членка на Алијансата ќе станеме и во таа смисла сојузници со пријателска Турција“, рече Димитров.

На прес-конференцијата, министерот Димитров се осврна на борбата против тероризмот на Северна Македонија и за прашањата во врска со терористичката организација ФЕТО која има структури во Северна Македонија.

„Кога има многу долга традиција на блискост и пријателство тешко е да се зборува за услови ако земјите се многу блиски. Ако земјите се многу блиски, мора да доминира разбирањето. Бидејќи Мевлут е тука, пристигна вчера на 15 јули, на тригодишнината од неуспешниот пуч, од нападот врз Турција и турскиот народ, сакам да ја искажам нашата солидарност во името на Северна Македонија, во името на македонскиот народ и од сите народи што живеаат во нашата татковина“, изјави Димитров, и додаде:

„Проблемот на наш пријател е и наш проблем. Во смисла на политичка волја ќе направиме сѐ за да помогнеме. Имаме извонредна соработка меѓу разузнавачките служби. Овде немаме докрај одврзани раце, бидејќи имаме и домашен и меѓународен правен систем што треба да го следиме. Процедурата за овие лица е во тек и во Основниот суд Скопје 1 и во Јавното обвинителство и разговаравме за тоа до каде е процеурата, што се случува, и така натаму...“

Исто така, шефот на македонската дипломатија упати благодарност до неговиот турски колега Чавушоглу, до Турција и до ТИКА, бидејќи, како што рече, Меморандумот што го потпишале во јануари оваа година во Анкара, за време на неговата официјална посета, веднаш дал резултат. Димитров информираше дека се работи за проект со хардвер и софтвер, за дигитализација на дипломатскиот архив во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, што го обезбедиле преку пријателството со Турција и поддршката на ТИКА, за која рече дека има реализирао околу 900 проекти, во вредност од 100 милиони долари. Со помош на овој проект, според Димитров, МНР сега има систем преку кој неговиот дипломатски архив ќе биде многу попристапен за документи и за научните истражувачи.

По средбата со Димитров, Чавушоглу се состана со заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како и со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.