Балкан

Грција: Бурни протести поради Договорот со Македонија

- Во главниот град Атина десетици илјади демонстранти протестираа против потпишаниот Договор за името со Македонија

Furkan Naci Top   | 20.01.2019
Грција: Бурни протести поради Договорот со Македонија

Atina

АТИНА (АА) - Во Атина, главниот град на Грција, десетици илјади лица демонстрираа во знак на протест против потпишаниот Договор за името со Македонија, при што дојде до тепачка меѓу полицијата и протестантите, јавува Anadolu Agency (AA).

Демонстрантите се собраа на плоштадот „Синтагма“ во Атина, во знак на протест против потпишаниот Преспански договор меѓу владите на Македонија и Грција, со цел разрешување на проблемот околу името.

Илјадници лица со автобуси пристигнаа во главниот град Атина. На протестот на кој поддршка му даде и грчката црква, се приклучија и голем број свештеници.

Протестантите со грчки знамиња во рацете, ги извикуваа паролите „Македонија е Грција“, „Тргнете ги рацете од Македонија“.

Додека траеја обраќањата, една група протестанти фрлија молотов коктел и камења врз полицијата што го обезбедува влезот во Парламентот. Грчките специјални сили против овие лица употребија солзавец и звучни бомби.

За време на реакцијата на полицијата беше предизвикана паника, а дел од протестантите кои беа зафатени од солзавецот, спас побараа во околните споредни улици.

Поддршка на протестантите во врска со проблемот со Македонија им дадоа и припадниците на главната опозициска партија, Нова демократија (НД) и на партијата Независни Грци (АНЕЛ) која ја напушти грчката Влада. На протестите, покрај поранешниот премиер на Грција, Андонис Самарас, се најдоа и голем број групи, припадници на екстремната десница Златна зора.


- Опсежни безбедносни мерки

Соопштено е дека на протестите на кои беа спроведени опсежни безбедносни мерки, учествувале околу 60.000 лица.

Во текот на протестите, повеќе од 2.000 полицајци ја одржуваа безбедноста на повеќе точки. Полицијата уште во раните утрински часови, поголемиот дел од улиците што водат кон центарот на градот ги затвори со полициски автобуси. Во текот на целиот ден хеликоптер на грчката полиција ја надгледуваше ситуацијата.

Од друга страна, во една точка во близина на центарот, анархистите и левоориентираните групи изведоа контрапротести.


- Договорот ја распарчи грчката коалиција

Повлекувањето на грчкиот министер за одбрана и лидер на партијата Независни Грци (АНЕЛ), Панос Каменас, стави крај на грчката коалиција. По ова беше побарана доверба на Владата, а премиерот Ципрас успеа да ја добие, благодарение на гласовите на пратеници од различни партии во земјата.

Се очекува грчката Влада идната недела на гласање пред Парламентот да го постави Договорот за прифаќање на новото име на Република Македонија.

На тој начин, по целосното исполнување на обврските од Договорот од двете страни, се очекува Македонија со новото име „Република Северна Македонија“ и официјално да стане 30. членка на НАТО.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın