Балкан

Во трагичната автобуска несреќа во Бугарија откриени 44 тела

„Инцидентот не е терористички чин. Немало експлозија, избувнал само силен пожар. Бројот на преживеани е 8. Во болница се 7 лица. Се истражува каде се наоѓа едно лице.“

Ihvan Radoykov   | 25.11.2021
Во трагичната автобуска несреќа во Бугарија откриени 44 тела

СОФИЈА (АА) – Бројот на загинати во несреќата на патнички автобус со скопски регистарски таблички што се случи на 23 ноември во околината на селото Боснек, близу градот Перник, западно од бугарската престолнина Софија, е ажуриран на 44, јавува Агенција Анадолија (АА).

Борислав Сарафов, вршителот на должноста главен јавен обвинител и директор на Националната истражна служба, заедно со членовите на истражниот тим ги информира новинарите за несреќата.

„Инцидентот не е терористички чин. Немало експлозија, избувнал само силен пожар. Бројот на преживеани е 8. Во болница се 7 лица. Се истражува каде се наоѓа едно лице“, рече Сарафов.

Сарафов, истакнувајќи дека има неусогласеност во бројот на загинати и преживеани патници откако се земени изјавите на дел од патниците на кои им била укажана лекарска помош во ургентната болница „Пирогов“ во Софија, рече:

„Нема очевидци на инцидентот. Според сведочењето на херојот, кој го скршил задното стакло на автобусот и ги спасил патниците, несреќата ја преживеале 8 лица. Регистрирани се 52 патници кога автобусот влегол во Бугарија од Капитан Андреево. Во обдукцијата се откриени 44 трупа. По споредбата на примероците на ДНК што ќе бидат донесени од Северна Македонија утре, телата ќе бидат испратени во Македонија за неколку дена.“

Сарафов, исто така изјави дека при обдукцијата е утврдено дека сите патници кои ги загубиле животите во несреќата, починале од задушување, пред да изгорат.

Велејќи дека се истражува „можноста за човечка грешка“ како главна причина за несреќата, Сарафов во однос на тоа дека автобусот изгорел за кратко време, рече дека продолжува релевантното техничко и противпожарно вештачење.

Наведувајќи дека, спротивно на наводите објавени во медиумите, во автобусот не се пронајдени запаливи материи освен сопственото гориво, Сарафов додаде дека лошата состојба на патот и сообраќајните знаци во регионот се еден фактор за несреќата.

Марин Маринов, кој ја води истрагата, истакна дека возачот на автобусот, кој загинал во несреќата, нагло свртел надесно од својата лента и откако удрил во сообраќајната бариера, го насочил автобусот налево.

Маринов, исто така додаде дека вратата низ која патниците можеле да избегаат, не можела да се отвори бидејќи автобусот бил потпрен на бариерата од левата страна.

Бугарските медуими дадоа широк простор за наодите на независните експерти кои вршеа истраги на местото на несреќата.

Дијана Русинова, раководителка на Центарот за европска транспортна политика, рече дека со автобус од иста фирма и модел, поминале низ истиот коловоз каде што се случи несреќата, и увиделе дека екстремно лошата состојба на патот и недостигот на хоризонтални и вертикални знаци придонеле возачот ноќта да не може да се ориентира на патот.

Рели-возачот Димитар Илиев со визуелната презентација што ја подготви, се обиде да ги расветли причините за несреќата.

На 23 ноември автобус полн со патници со регистарски таблички на Северна Македонија се запали на автопат во Бугарија. Првично беше објавено дека во несреќата загинале 46 лица.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.