Балкан

Во Скопје започна меѓународната конференција „Жени во индустријата“

„Нема да запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените. Нема да запреме со спроведување на политиките за родова еднаквост...“

Husamedin Gina   | 09.10.2019
Во Скопје започна меѓународната конференција „Жени во индустријата“ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање на отворањето на меѓународната конференција „Жени во индустријата: Лидерите ја унапредуваат родовата еднаквост“ истакна дека како Влада нема да запрат со политиките за родова еднаквост сè додека целосно не ја анулираат разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените, јавува Anadolu Agency (AA).

Под мотото „Здружени лидери за унапредување на родовата еднаквост“, во Скопје започна дводневната меѓународна конференција „Жени во индустријата“, на која домашни и странски експерти од повеќе области ќе ги презентираат состојбите во компаниите и организациите во врска со родовата еднаквост, во насока на подобрување на продуктивноста и општите перформанси.

Дводневната конференција ја отвори премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

Истакнувајќи дека сите треба да го дадат најдоброто од себе и својата поддршка за остварувањето на целосната безусловна еднаквост на жените и девојките, премиерот Заев рече дека нема да запрат со спроведувањето на политиките за родовата еднаквост.

„Нема да запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените. Нема да запреме со спроведување на политиките за родова еднаквост додека не обезбедиме дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избрани на највисоките работни позиции“, нагласи премиерот Заев, додавајќи дека ниту една земја не може да си дозволи да остави половина од својата популација зад себе.

Претседателката на Асоцијацијата на здруженија на инженери, Христина Спасевска, во своето обраќање рече дека со започнувањето на иницијативата „Жените во индустријата“ во секој сегмент на општественото живеење во земјата сè повеќе се зборува за родовата еднаквост.

„Ние жените секако се менуваме, полека но сигурно. Ги нарушуваме традиционалните сфаќања дека треба да се биде само домаќинка, мајка и сопруга. Па сепак, во ова ново општество на експлозивен технолошки развој, покрај овие наши улоги треба да ги додадеме и другите, да бидеме добри професионалци, менаџери и политичари“, нагласи Спасевска.

Во рамки на конференцијата свои излагања ќе имаат учесници од различни профили, меѓу кои извршни директори, сопственици, претседатели, менаџери и жени вработени во сите организациски нивоа на домашни и меѓународни компании, како и студенти и активисти.

Меѓународната конференција „Жени во индустријата“ се организира трета година по ред.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.