Балкан

Во Скопје започна дводневна конференција на тема „Жените во надворешната политика“

Во фокусот на конференцијата е унапредувањето на позицијата на жените како во надворешната политика, така и во сите други процеси на донесување одлуки во државата

Husamedin Gina, Abdula Berisha   | 14.09.2021
Во Скопје започна дводневна конференција на тема „Жените во надворешната политика“ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – На иницијатива на заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, а под покровителство на првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, денеска во Скопје започна дводневна конференција на тема „Жените во надворешната политика”, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во фокусот на конференцијата е унапредувањето на позицијата на жените како во надворешната политика, така и во сите други процеси на донесување одлуки во државата.

На конференцијата, воведно обраќање имаше министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој истакна дека оваа конференција е прва од ваков вид што се организира во земјата.

„Постигнувањето родова еднаквост е наша морална должност и итна потреба бидејќи претставува не само основно човеково право, туку и цврста основа за помирно, просперитетно и кохезивно општество. Уште повеќе, поттикнувањето на значајното учество на жените во процесите на донесување одлуки е тесно поврзано со целокупниот успех на земјата, благосостојбата и нејзиниот демократски развој“, истакна Османи.

Во своето обраќање на конференцијата, првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, истакна дека иницијативата има особено значење токму поради фактот кој упатува на тоа дека е нужно почесто да говориме, и поактивно да се ангажираме за промена на застапеноста и улогата на жените во надворешната политика.

„Потребно е да размислуваме да воведуваме механизми за поддршка на жените коишто работат со цел да имаат напредок во кариерата, а не да бидат исправени пред дилемата дали може да имаат и фамилија и кариера. И ова треба да биде една од клучните застапувачки агенди“, нагласи Елизабета Ѓоргиевска.

Истакнувајќи дека на оваа конференција ќе се усвои заедничка декларација за основање мрежа на жени дипломатки од Западен Балкан, Ѓоргиевска рече дека се надева дека формирањето на оваа мрежа ќе биде можност за зголемена комуникација и размена на искуства на жените дипломатки.

Заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, нагласи дека жените не треба да останат само бројка, додавајќи дека кога жените се вклучуваат во „нетрадиционални улоги“, создаваат повеќе вредности, креативност и енергија.

На дводневниот форум, според организаторите, предвидено е да се обратат и премиерот Зоран Заев, поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, шефицата на шведската дипломатија, Ан Линде, Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, и британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.