Балкан

Во Приштина одржана воена парада по повод Денот на независноста

„Само пред 11 години тргнавме заедно по патот на консолидација на независна Република Косово, а пред нас денес имаме професионална, мултиетничка војска, која е во служба на заштита на најмладата држава во Европа и светот, подготвена да придонесе...“

Zülfiya Yakup   | 17.02.2019
Во Приштина одржана воена парада по повод Денот на независноста Erkin Keçi/AA

Pristina

ПРИШТИНА (АА) - Со парада на трупите на Косовските безбедносни сили во Приштина и со свечена седница на Собранието на Косово се одбележа 11. годишнина од независноста на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).

Пред почетокот на воената парада, претседателот на Косово, Хашим Тачи, честитајќи им ја 11-годишнината од независноста на сите граѓани на Косово, нагласи дека војниците на Косовските безбедносни сили се гордост на Косово и најдобар доказ за успехот и напредокот на државата.

„Само пред 11 години тргнавме заедно по патот на консолидација на независна Република Косово, а пред нас денес имаме професионална, мултиетничка војска, која е во служба на заштита на најмладата држава во Европа и во светот, подготвена да придонесе за мирот во регионот, но и во светот“, рече Тачи.

Тој истакна дека одлуката за формирање на војската е праведна и легитимна историска порака. 

Косовскиот претседател порача дека патот за изградба на државата барал мудрост и трпеливост, како и познавање кога да се донесат стратешки одлуки, а кога да се направат компромиси.

„Оваа година мораме да донесеме уште една стратешка одлука за иднината на нашата земја, треба да постигнеме сеопфатен траен мировен договор, кој подразбира реципрочно признавање и зачленување на Косово во Обединетите нации, значи, мировен договор со Србија. Не за да го заборавиме минатото, туку да не дозволиме да се повтори страдањето и трагедиите од минатото“, рече Тачи.

Тој истакна дека на патот на изградбата на Косово незаменливо е партнерството со меѓународната заедница, во прв ред со САД, но исто така и со ЕУ, со европските земји и со НАТО. Како што рече, тоа партнерство се базира на заеднички принципи и вредности, и Косово секогаш излегувало како победник кога било заедно со своите стратешки партнери. 

По говорот следуваше воена парада на која присуствуваа голем број граѓани.

Пред парадата се одржа свечена седница на Собранието, на која говореа косовскиот премиер Рамуш Харадинај и претседателот на Парламентот, Кадри Весели.

Харадинај во таа пригода рече дека Албанците се народ на Балканот кој дал придонес на Балканот и на европскиот континент, „народ кој ја плати цената на сите процеси низ кои помина нашиот континент во последниов век“. Како што истакна, Косово и денес придонесува кон мирот и стабилноста.

„Ќе работиме на добрите односи со сите соседи, а заинтересирани сме и за правнообврзувачки договор за реципрочно признавање со Србија во постоечките граници и за унапредување на Косово кон зачленувањето во НАТО и во ЕУ, изразувајќи почит кон сите заслужни за нашата слобода, за консолидација на државата, за сите сојузници на Косово“, рече Харадинај.

На воената парада, како и на свечената седница на косовското Собрание, присуствуваа премиерот на Албанија, Еди Рама, амбасадорот Вилијам Вокер, како и амбасадорите на други пријателски земји на Косово.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın