Балкан

Во Косово стигнаа вакцините од ЕУ, продолжува процесот на вакцинација

„Целта ни е да ги вакцинираме загрозените групи пред летната сезона и да продолжиме со останатите во согласност со државниот план за вакцинација против Ковид-19“, рече Курти.

Zylfije Adem Jakupi   | 05.05.2021
Во Косово стигнаа вакцините од ЕУ, продолжува процесот на вакцинација ( Foto: Erkin Keçi / Anadolu Agency )

ПРИШТИНА

Комесарот за соседство и проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархели, кој денеска престојува во посета на Косово во рамките на повеќедневната посета на Западен Балкан, ја посети салата „1 Октомври“ во Приштина, каде што благодарение на новиот контингент вакцини од ЕУ, продолжи вакцинацијата на здравствените работници, јавува Агенција Анадолија (АА).

Синоќа во Косово пристигнаа 4.680 дози на вакцината против коронавирусот на компанијата „Фајзер“ во рамки на донациите на Европската Унија за земјите од Западен Балкан.

Вархели на прес-конференцијата со косовскиот премиер Албин Курти рече дека следниот контингент вакцини од ЕУ ќе пристигне во јуни.

„Со првата пратка и со испораките што ќе пристигнат во јуни, ќе го имате вакцинирано целиот медицински персонал, флексибилен против вирусот. Мислам дека ова е најважниот придонес што би можеле да го дадеме за да помогнеме во започнување на крајот на пандемијата на Ковид-19, бидејќи пандемијата ќе заврши кога сите ќе бидеме вакцинирани“, рече Вархели, кој пристигна во Косово од Албанија, каде што престојуваше утринава.

Косовскиот премиер Курти изрази оптимизам дека пред летото ќе бидат вакцинирани сите лица кои се најзагрозени од коронавирусот. Тој рече дека вакцините од ЕУ влеваат надеж и порача дека процесот на вакцинирање нема да запре.

„Целта ни е да ги вакцинираме загрозените групи пред летната сезона и да продолжиме со останатите во согласност со државниот план за вакцинација против Ковид-19. Владата неуморно работи на обезбедување и снабдување со вакцини, и сме на добар пат да ја исполниме оваа цел“, рече Курти.

Првиот контингент од 24.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“ пристигна во Косово на 28 март од програмата КОВАКС и оваа вакцина ја примија здравствените работници, лицата постари од 80 години и хронично болните лица. Тој контингент беше потрошен на 23 април, кога беше прекината вакцинацијата во Косово.

Претходно од Министерството за здравство беше соопштено дека до крајот на мај Косово треба да добие 76.000 дози вакцина на „АстраЗенека“ од програмата КОВАКС. Програмата има за цел достава на вакцини во сиромашните земји за 20 отсто од населението. Косово од таа програма би требало да добие 100.800 дози вакцина.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın