спорт, Балкан

Во Алејата на великаните во Сараево погребан Ивица Осим

На погребот, покрај семејството и пријателите, присуствуваа и голем број граѓани, навивачи и фудбалери, сегашни и поранешни, како и бројни личности од јавниот живот на БиХ и регионот

Gorana Jakovljevic   | 14.05.2022
Во Алејата на великаните во Сараево погребан Ивица Осим Фото: Elman Omić/AA

САРАЕВО (АА) - Ивица Осим, еден од најдобрите фудбалери и тренери во Босна и Херцеговина досега, беше погребан денеска во Алејата на великаните на сараевските градски гробишта во присуство на повеќе илјади луѓе, јавува Агенција Анадолија (АА).

На погребот, покрај семејството и пријателите, присуствуваа и голем број граѓани, навивачи и фудбалери, сегашни и поранешни, како и бројни личности од јавниот живот на БиХ и регионот.

На гробиштата „Баре“ говореше пријателот на Осим, Ивица Шариќ, кој рече дека Ивица Осим покажал како среќата се пронаоѓа во играта.

„Фудбалерот што го викавме Штраус од Грбавица, виртуоз со совршено чувство за ритамот на играта, така висок и стамен го сакаше дуелот и дриблингот што станува како музички акорд кога ќе се проигра дупли пас или ќе се продолжи до линијата со топката“, рече Шариќ.

Истакна дека Осим е ненадминат, не само како одличен играч и тренер, туку и како татко, сопруг. Рече дека Швабо како играч имал срце и импулс на момче, а како тренер мудрост и интелигенција.

„Тој направи многу за спортот да стане простор на наше собирање, спојување, заедништво, единство на различностите, како неговото родно Сараево, во кое секогаш се враќаше, без разлика во кој дел од светот живееше и работеше“, рече Шариќ.

Додаде дека Осим до крајот бил интернационалниот крик на оној дел од спортската и навивачката заедница чувствителен на корупција, политичка и економска подлост.

„Неговата чувствителност за правда никогаш не се потроши, како ни неговата вечна желба за фудбалот да ја сочува својата душа“, рече Шариќ.

Потоа следуваше изведбата на песната „Грбавица“.

Претходно, во Народниот театар во Сараево се одржа комеморација за Ивица Осим на која освен членовите на семејството присуствуваа и блиски пријатели и бројни почитувачи на ликот и делото на еден од најголемите фудбалски тренери од овие простори. Говорниците на комеморацијата ја истакнаа големината на ликот и делото на Ивица Осим, нагласувајќи дека бил голем човек и спортска легенда. Поранешните фудбалери кои денеска се простија од него рекоа дека тој им бил како татко, човек од кој можело многу да се научи, како во спортот, така и во животот.

Беше прославен фудбалер и тренер во сараевски Железничар. Во својата играчка кариера настапуваше и за холандски Зволе, и за француските клубови Стразбур, Седан и Валансиен, а од 1964 до 1969 година беше репрезентативец на поранешна СФР Југославија.

Освен во матичниот Железничар тој беше успешен тренер на белградски Партизан (Србија), Панатинаикос од Атина (Грција), Штурм Грац (Австрија) и ЏЕФ Јунајтед (Јапонија).

Ивица Осим ќе остане запаметен како многу добар селектор на фудбалските репрезентации на поранешна СФР Југославија и Јапонија.

Беше почесен претседател на ФК Железничар и на Фудбалската федерација на БиХ.

Ивица Осим почина на 1 мај годинава во Грац, Австрија, каде што живееше последните години, на 81-годишна возраст.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın