Балкан

БиХ: Мигрантите преживуваат во шумата кај Бихаќ, на три километри од границата на ЕУ

Патот до кампот е планински, а за да пријдат до своите мали шатори, кои во текот на ноќта тешко можат да се заштитат од зимата, приморани се да чекорат низ големи слоеви од кал. Околу кампот има големи количини ѓубре.

Kemal Zorlak   | 24.01.2021
БиХ: Мигрантите преживуваат во шумата кај Бихаќ, на три километри од границата на ЕУ ( Foto: Amar Mehic / Anadolu Agency )

БИХАЌ

Стотици мигранти на северозападот на Босна и Херцеговина во нехумани услови ги преживуваат тешките зимски денови. Група мигранти, во најголем дел од Пакистан, престојуваат во мал импровизиран камп во шумата недалеку од населбата Жегар кај Бикаќ, на само три километри од границата со Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).

Покрај непостоењето на соодветно засолниште во време на снежните врнежи и ниските температури, условите во кампот, што самите го направиле, се потполно нехумани и во него немаат ниту најосновни хигиенски услови.

Патот до кампот е планински, а за да пријдат до своите мали шатори, кои во текот на ноќта тешко можат да се заштитат од зимата, приморани се да чекорат низ големи слоеви од кал. Околу кампот има големи количини ѓубре.

Во кампот престојуваат по неколку десетици, а некогаш и повеќе од стотина мигранти.

Добар дел од нив, велат, повеќе од 20 пати се обиделе да се пробијат до територијата на ЕУ, но секој пат безуспешно. Се жалат на бруталното постапување на хрватската полиција и наведуваат дека повеќе пати се претепувани.

Порачуваат дека нивната единствена желба е да им се дозволи влез во ЕУ и да им се овозможи работа за да заработат пари. Благодарни им се на луѓето од подрачјето на Бихаќ што им помагаат. Како што наведуваат, зависат од хуманитарната помош.

Рашид Махмуд е еден од Пакистанците што престојуваат во овој камп без услови за живот, во близина на Жегар. Во Бихаќ е нешто подолго од шест месеци. Во Босна и Херцеговина стигна по петгодишно патување низ бројни земји.

„Дури 25 пати се обидов да ја поминам границата со Хрватска. Секој пат бевме вратени. Притоа повеќе пати сме претепувани“, истакнува Махмуд.

Семејството му останало во Пакистан. Има три деца.

„Моето семејство во Пакистан е многу сиромашно. Мојата единствена желба и цел се да дојдам до Италија, Франција, Шпанија, Португалија и таму да добијам работа. Сакам да работам за да му помогнам на семејството, на своите три деца во Пакистан“, појаснува Махмуд.

Уште еднаш укажа на многу бруталното однесување на хрватската полиција и војска за време на обидот за преминување во ЕУ.

„Упатуваме повик до Обединетите нации да ни ги отворат границите. Сите луѓе што тука престојуваат се бегалци и нивната единствена желба е да стигнат во Европа и да добијат работа“, заклучи Махмуд.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın