Балкан

Австриската министерка Едштадлер: „Без Западен Балкан, ЕУ нема да биде комплетна“

„Направивме многу изминатите неколку години. И работејќи дома и решавајќи проблеми со други држави. Мислам дека ако Европа потфрли да го потенцира и потврди овој успех, ќе испрати многу погрешна порака до целиот регион“, рече Димитров.

Husamedin Gina   | 04.05.2021
Австриската министерка Едштадлер: „Без Западен Балкан, ЕУ нема да биде комплетна“ ( Фото: Секретаријат за европски прашања на РСМ )

СКОПЈЕ 

Сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер, истакна дека Западниот Балкан е еден сигурносен јазол и дека без државите на Западен Балкан, Европа и Европската Унија нема да бидат комплетни, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер, по нивната билатерална средба во рамките на возвратната посета на Скопје одржаа заедничка прес-конференција.

Каролине Едштадлер, истакнувајќи дека Австрија и Северна Македонија се блиски пријатели и сојузници во срцето на Европа, рече дека многу се радува што турнејата во Западен Балкан ја започнува од Северна Македонија.

Наведувајќи дека од 651.000 доза од вакцината „Фајзер/БајоНтек“ наменети за Западен Балкан, околу 120.000 ќе бидат испорачани за Северна Македонија, министерката Едштадлер рече дека никој не е сигурен додека сите не сме сигурни и дека затоа треба да се грижат за прашањето за вакцините кое е многу важно.

„Западниот Балкан има посебно значење за Австрија, има историски корени, има многу важни економски можности за соработка. Има претпријатија што се во регионот стационирани. Западниот Балкан е еден сигурносен јазол. Без државите на Западен Балкан, Европа и Европската Унија нема да бидат комплетни“, нагласи министерката Едштадлер.

Едштадлер исто така додаде дека земјите на Западен Балкан, особено Северна Македонија, се многу важен сојузник на Австрија кога се работи за борбата против илегалната миграција.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, се заблагодари за напорот на Виена заедно со Европската комисија да се обезбедат 651.000 доза од вакцините за нашиот регион.

„Исто така би сакал да се заблагодарам на недвосмислената континуирана и принципиелна поддршка на Австрија за европската иднина на Балканот, во тие рамки се разбира и на Северна Македонија. Споделуваме многу заеднички интереси со Виена. Имаме исклучително блиски политички односи. Имаме заеднички економски интереси“, подвлече министерот Димитров.

На новинарското прашање „Како сметаат дека може да се надмине блокадата на Бугарија за членството на Северна Македонија во ЕУ, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, истакна дека Северна Македонија изгубила генерации заклучени во чекалницата на Европа поради билатералните прашања.

„Направивме многу изминатите неколку години. И работејќи дома и решавајќи проблеми со други држави. Мислам дека ако Европа потфрли да го потенцира и потврди овој успех, ќе испрати многу погрешна порака до целиот регион“, рече Димитров.

Меѓу другото, на денешната прес-конференција министерката Едштадлер истакна дека Австрија дава понуда да биде посредник во надминувањето на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија за откочување на европерспективата на Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.