Анализа на вести, политика

„Референдумот не е најважната точка од Договорот со Грција“

„Членството на Македонија во НАТО, ќе биде кохезивен фактор кој го обединува мултиетничкото општество“, вели Пендаровски; „Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор е голем дипломатски успех за двете држави, но и за целиот регион“, вели Ружин

Admir Fazlagic   | 02.07.2018
„Референдумот не е најважната точка од Договорот со Грција“

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ

Постигнатиот Договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратешко партнерство (според кој официјалното име на Република Македонија ќе биде Република Северна Македонија) беше услов за одблокирање на процесот на евроатланските интеграции, кои се стратешка цел на Република Македонија.

Во изминатите денови, Северноатлантскиот совет донесе едногласна политичка одлука, точката за покана на Македонија за членство во НАТО да биде прифатена, со што, во најава е и покана за Република Македонија за полноправно членство во НАТО, а само неколку дена подоцна, Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија донесе одлука 19 јуни 2019 година, да биде условен датум за отпочнување на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.

Познавачите на евроатланските процеси на Република Македонија, експерти од областа на меѓународните односи, како и сегашни и поранешни државни дипломати, во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваат за важноста на Договорот на Македонија и Грција за решавање на спорот за името, но и за перспективите на Македонија во регионален и глобален контекст.

Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО на Македонија, говореше за Anadolu Agency (AA).

За препораката од Европскиот совет, со 19 јуни како условен датум за почнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, доколку земјата ги спроведе потребните задачи, вели дека е максимумот што Македонија можела да го извлече во овој европски контекст и тврди дека препораката, односно условниот датум за преговори е таков поради внатрешни политички причини во целата ЕУ.

Според него, работите кои се набројани за Македонија се далеку полесни за исполнување во однос на она што го добила Република Албанија, бидејќи, како што вели тој, за нив се наведува дека треба да ги размонтираат криминалните структури.

Пендаровски наведува дека актуелната власт од почетокот на своето работење храбро влезе во разрешување на крупните прашања, како што се решавање на проблемот за името со Грција, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, Законот за унапредување на јазиците, и тоа е една од најсилните гаранции дека Македонија со овие задачи ќе се носи успешно во наредниот период.

Сепак, тој смета дека опозициските структури во земјата до овој момент работат на опструкција на процесите на евроатланските интеграции, што како што наведува, не е добро, истакнувајќи дека според неговото мислење не е конструктивно. 

Како што нагласува Пендаровски, во дел од опозициските структури можат да се чујат размислувања дека можеби ќе се оди на „тивок бојкот“ на референдумот за Договорот за решавање на спорот за името со Грција, на начин што опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на своите следбеници ќе им рече да гласаат против, но и да не излегуваат на референдум со цел да не се постигне цензусот.

- „Референдумот не е најважната точка од имплементацијата на Договорот со Грција“ -

Исто така, Пендаровски додава и дека во моменти кога се решава спорот за името, за кој вели дека е уникатен проблем во светската политика и дипломатија, секој од политичките чинители и од власта и од опозицијата, треба да биде на ниво на задачата.

„Објективно, во Договорот со Грција, референдумот не е најважната точка од имплементацијата на Договорот, уставните промени се најважната точка. Меѓутоа, заради политичката нужност, сакаме да ги консултираме граѓаните, и тоа што ќе го кажат граѓаните ќе биде дефинитивно. Првичните реакции на граѓанството, на различните етникуми, е дека референдумот ќе помине сигурно, со сите неопходни одзиви, мерливи работи кои ги пишува во Законот за референдум и тврдам дека референдумот нема да помине, како што некои критичари сакаат да кажат „поради гласовите на етничките Албанци и другите етнички заедници на кои прашањето за името не им е ни битно“. Јас ви тврдам дека ќе имаме мнозинство и меѓу етничката македонска заедница за која овој договор пред сè се однесува, бидејќи меѓу другото, зборуваме за името на македонската етничка заедница, имаме таму неколку одредби за јазикот и за националноста на Македонците. Тврдам дека и таму ќе имаме мнозинство, освен, ако не се продолжи со вакви опструкции во кој еден значаен дел од гласачкото тело ќе биде натерано или убедувано да не учествува“, вели Пендаровски.

Во случај доколку референдумот помине и доколку опозицијата во Парламентот реши да не ја почитува волјата на граѓаните, самото потпишување на билатералниот договор, според Пендаровски, „паѓа во вода“ и како што смета тој, ќе мора да се оди на предвремени избори на кои ќе се провери сечиј политички легитимитет и повторно да се решава ова прашање.

За одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот со Грција, кој беше ратификуван од пратениците во Собранието на Македонија, Пендаровски вели дека било нешто што можело да се очекува.

„Очекувам откако ќе биде по втор пат изгласан Договорот со Грција дека тој нема да го потпише, иако е должен по Уставот бидејќи тоа е само суспензивно, не е апсолутно вето, повторно очекувам да не го потпише и ќе мора понатаму да се наоѓаат, како што велиме ние, креативни политички решенија“, смета тој.

За Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратешко партнерство, националниот координатор на Македонија за НАТО, Пендаровски, вели дека е „тежок“, по содржина асиметричен, како што беше и самиот спор од почетокот, бидејќи, не се преговара за името на Грција, туку за името на Македонија.

„Договорот е тежок, тоа и премиерот Заев го кажува, тоа е горка пилула која моравме да ја голтнеме, во интерес на идните генерации, во интерес на овие генерации, во интерес на подобра перспектива на Македонија“, изјавува Пендаровски.

Во пресрет на Самитот на НАТО на 11 и 12 јули во Брисел, Пендаровски се присетува на Самитот во Букурешт од 2008 година, како и на залагањата на Турција и САД Македонија да биде примена под привремената референца. И на престојниот Самит на НАТО Пендаровски очекува безрезервна поддршка од Турција.

„Знаеме дека ќе добиеме максимална поддршка. Јас сум го кажувал многу пати и на оној по лошо познат за нас историски Самит во Букурешт во 2008 година. Во тоа време, турскиот премиер беше најгласен, покрај американскиот претседател Буш, беше најгласен за тоа Македонија да се прими под референцата, да нема потреба од никаков договор со Грција. Околу Турција ние немаме дилеми како ќе се однесува. И во НАТО и во кој било друг меѓународен форум, и во Обединетите нации (ОН), поддршката од Турција била безрезервна, неусловена и силна.Така ќе биде и сега“, уверува Пендаровски.

Тој објаснува и дека под уставното име Република Македонија, земјата ја признале над 130 земји, а ако Договорот со Грција ги помине трите предвидени фази во Македонија (ратификација, референдум и уставни промени), и доколку биде ратификуван од грчкиот Парламент, во тој случај, Македонија ќе биде обврзана да прати писма до сите држави кои билатерално ја признале Република Македонија и да им препорача во иднина да го користат новото договорено име.

Во однос на Самитот во Брисел, вели дека Македонија ќе добие покана под името Република Северна Македонија. „Прецизно да ви кажам, на 11 или 12 јули, зависи од агендата, Македонија ќе добие покана под името Република Северна Македонија, тоа се знае“, истакна Пендаровски, кој додава дека верува дека до крајот на 2019 година, Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО.

Осврнувајќи се на аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО и ефектите од членувањето на земјата во една таква алијанса, Пендаровски потенцира дека тоа ќе биде кохезивен фактор кој го обединува мултиетничкото општество во земјата.

„Единствен стратешки проект, во историјата на оваа мала држава зад кој стојат во огромни бројки и Македонци и Албанци и Турци и Бошњаци и Срби и Роми и сите други е членството во ЕУ и во НАТО“, вели Пендаровски.

- Меѓуетничките односи се оската на која почива македонската стабилност -

„Во спротивно“, наведува Пендаровски, „доколку земјата не стане дел од НАТО, може да дојде до ситуација да трпат меѓуетничките односи“, за кои вели дека се најважната основа, оска на која почива комплетната македонска стабилност.

Околу важноста на евроатланските интеграции на Македонија во регионален контекст, Пендаровски вели дека за разлика од Македонија каде што стратешките цели на земјата се кохезивен фактор во општеството, членството во НАТО на БиХ и некои други земји од регионот, не би имало сличен ефект како во земјата.

- Бенефити од членството на Македонија во НАТО -

Пендаровски вели дека треба да се има предвид дека НАТО сега се занимава со новите облици на безбедносните закани, како што се кибервојните, хибридните војни или пропагандните војни, вклучувајќи ги и лажните вести. Сите овие неколку наведени работи се нешта кои се сметаат за актуелни безбедносни приоритети.

Во таа смисла, користа од членувањето во алијанса како НАТО, во која членуваат 29 земји, кои имаат, како што вели, огромни безбедносни апарати, разузнавачки информации до кои доаѓаат и разменуваат информации, кои можат, како што се случувало, да бидат од корист во однос на безбедносната состојба во земјите и да се спречат одредени безбедносни закани. 

„Имаше две ситуации во кои нашите западни партнери ни дадода разузнавачки податок дека некои безбедносно интересни лица поминуваат низ Македонија во одреден временски период и може да направат проблем во Македонија, и една ситуација во која повратник од блискоисточните војни, наш државјанин, имаше намера да оди во една од западноевропските држави и таму да направи безбедносен проблем“, истакнува Пендаровски.

- „Македонија е битна заради јужната трансферзала на НАТО“ -

„Гледано од економски аспект“, вели тој, „анализите покажуваат дека членството во НАТО на земјите кои влегоа по падот на комунизмот, сè до последната примена членка Црна Гора, го зголемиле приливот на инвестиции уште по првата година на членување во оваа алијанса“.

Од друга страна, за тоа кој би бил интересот на организација како што е НАТО, да ја има Македонија за своја членка, Пендаровски вели дека Македонија е битна трансферзала за јужното крило на НАТО, што според него за нив е важно да се заокружи тој проект на јужното крило, бидејќи, како што објаснува, сосема е поинаку кога постои „безбедносен вакуум“, а со членството на Македонија тој безбедносен вакуум не би постоел, не би имал празен простор во безбедносна смисла.

- Членството на Македонија во НАТО е контрибуција во регионалната стабилност -

Пендаровски нагласува дека не може да се најде еден дисонантен тон, од која било држава, од владите на тие држави, кои велат дека Договорот со Грција можел подобро да се изведе или дека тоа не ѝ е потребно на Македонија.

„Република Турција е чист пример. Вие ги знаете историските „тензии“ да ги наречам, меѓу Грција и Турција. Ние од Турција, од официјални, од највисоки турски претставници, вклучително и од претседателот Ердоган, немаме изјави, кои велат „не правете договор, оставете ја таа работа подобро да немате договор“. Не, велат, „одвај чекаме и вие да станете членка на НАТО“, бидејќи тоа е неспорна контрибуција во регионалната стабилност“, истакнува Пендаровски.

Запрашан да ги прокоментира билатералните односи помеѓу Македонија и Турција, Пендаровски вели: „Во изминативе 27 години од нашата независност, Турција секогаш даваше безусловна поддршка во која било меѓународна институција. Не велеше „ние ќе ве поддржиме, ама бараме за возврат“, никогаш не се случило тоа. Ако се прави некоја компарација во однос на нашите стратешки партнери, таков тип на стандардна, континуирана поддршка, ако ги исклучиме за момент САД, Турција е веројатно прва на топ-листата, која дури мислам и поконзистентно од САД, во сите овие години даваше поддршка и немаше никакво размислување дали тоа треба да се прави сосема независно кој беше на власт во Турција“.

За процедурата на прифаќањето на Договорот помеѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името, Пендаровски вели дека нема никаква дополнителна процедура на одобрување на договорот во ОН, туку само негово депонирање во архивата на оваа организација. 

Тој потсетува и дека на Македонија ѝ бил поставен дополнителен услов за влез во ОН, во 1993 година, заради противењето на Грција, членка на ОН, која во тоа време ја блокирала Македонија.

- Ружин: „Договорот на Македонија и Грција е успех за целиот Балкан“ -

Нано Ружин, универзитетски професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, смета дека Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, за земјата и регионот ќе донесе многу корист.

„Мислам дека е постигнат голем дипломатски успех и за Република Македонија и за Република Грција и за целиот регион Балкан, затоа што се покажа подготвеност, зрелост, мудрост и лидерство, за да се надмине еден проблем којшто на прв поглед е банален, меѓутоа во позадина ризикува и дестабилизација. Затоа што ако постојано останувате пред евроатланските интеграции, не сте членка ниту на НАТО, ниту на Европската Унија, постојано имате еден сосед којшто ви прави одредени пречки од каква било природа, тогаш, разбирливо дека ова е голем ден за целиот Балкан“, смета Ружин, додавајќи дека покрај промената на името, Договорот претставува зачувување на идентитетските специфичности на двете држави. 

„Освен поддржувачи на Договорот за решавање на спорот за името со Грција, тој има и свои противници“, вели универзитетскиот професор Ружин. Според него, меѓу другото, доколку се анализира однесувањето на противниците на Договорот, ќе се забележи дека тоа всушност е битка на сегашната опозиција во Македонија да го пренасочи јавното мислење со цел побргу да се заборават нејзините грешки и пропусти кога била власт.

Тој додава дека Владата ќе мора да отпочне силна камапња за да ги истакне позитивностите за членство во НАТО и ЕУ, бидејќи, како што вели, се добива впечаток дека луѓето не се доволно информирани. 

Запрашан за понатамошниот развој на настаните во земјата и во регионот, доколку не успее референдумот кој, според најавите на Владата на Македонија, би требало да се одржи наесен оваа година, на кој граѓаните ќе го кажат својот глас за Договорот со Грција, Ружин вели дека тоа би се одразило негативно врз држвата, граѓаните и регионот.

За тоа каква поддршка на 11 и 12 јули Македонија ќе има од Република Турција која ја признава под нејзиното уставно име и е еден од нејзините најголеми поддржувачи за членство во НАТО, Ружин вели: 

„Турција, не само сега, туку од стекнувањето на независноста на Република Македонија до денес е еден од најголемите сојузници на Република Македонија, било да се работи за европски или евроатлански интеграции, било да се работи за економски, социјални, културолошки и секаков вид соработка... Затоа мислам дека Турција со голема радост и задоволство ќе прифати еден сојузник да биде во една таква организација како што е НАТО“, истакнува Ружин.

Околу можноста некоја од земјите членки на Обединетите нации, да не го прифати Договорот помеѓу Македонија и Грција за решавање на спорот со името, Ружин претпоставува дека ќе има еден транцизионен период во рамките на меѓународните институции, но вели дека првин треба да се причека референдумот, да се направи измената на Уставот, па да може да се зборува за тие елементи.

Тој наведува дека државите што се пред сè големи се одговорни пред меѓународната заедница и смета дека ќе го поддржат Договорот бидејќи и тие мора да водат сметка за својот имиџ.

„Нормално, Русија не гледа со големи симпатии на нашите атлантски аспирации, логично, Македонија нема никакви директни граници, ниту е понаисток од Полска, Литванија и Бугарија, Македонија е во внатрешноста на Европа, може да има одредени недоразбирања, изјави од понискиот ешалон, „вие сте членка на НАТО, вие сте ни потенцијален непријател“, но во принцип тоа се моментални елементи“, вели Ружин, додавајќи дека Русија добро соработува со други членки на НАТО, па зошто не и со Македонија.

Во врска со процедурата за станување нова членка на НАТО, Ружин нагласува дека земјата кандидат првин треба да добие покана за членство, а потоа има процедура на чекање. Тој наведува дека Македонија првин треба да го имплементира Договорот за решавање на спорот со името, додавајќи дека доколку земјата сега во јули добие покана, до мај или јуни следната година земјата би требало да има полноправен статус на членка на Алијансата.

Според неговото мислење за фазите на имплементација на Договорот со Грција и неговото прифаќање во Обединетите нации, вели дека целокупната процедура во ОН мора да биде како краен епилог. 

Запрашан дали Советот за безбедност на ОН ќе гласа за Договорот за решавање на спорот за името со Грција, Ружин рече: 

„Советот за безбедност може да гласа, но мислам и тука ќе помине тоа, бидејќи и двете страни се согласуваат, нема пречка. Советот обично гласа кога има жалба, меѓутоа, мислам дека ова ќе помине лесно на Советот за безбедност“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın