Анализа на вести

„Каде одиш, Аида?“: Екранизација на геноцидот во Босна и Херцеговина

„Каде одиш, Аида?“ е првиот обид низ игран филм да се раскаже геноцидот во Сребреница. Филмот, во режија на познатата режисерка Јасмила Жбаниќ, е инспириран од книгата на Хасан Нухановиќ...

Hamza Karcic   | 03.04.2021
„Каде одиш, Аида?“: Екранизација на геноцидот во Босна и Херцеговина

САРАЕВО

Пишува проф. д-р Хамза Карчиќ

- Авторот е вонреден професор на Факултетот за политички науки на Универзитет во Сараево.

Со своите 27 години, Хасан Нухановиќ се најде во невозможна ситуација. Бошњачкиот муслимански преведувач за Обединетите нации (ОН) во Сребреница се обиде, наспроти сите изгледи, да ги спаси своите родители и помладиот брат. Да се ​​биде на списокот на персоналот на ОН значеше спас од геноцидот што се одвиваше во јули 1995 година. Изоставувањето од списокот значеше сигурна смрт. Обидите на Нухановиќ да го спаси своето семејство кога војската на босанските Срби започна геноцидни операции ќе беа можни само доколку персоналот на ОН дозволеше да бидат запишани нивните имиња. Холандскиот баталјон со база во Сребреница се двоумеше помеѓу соучесништво и рамнодушност, со што бошњачкото муслиманско население беше осудено на уништување. Семејството на Нухановиќ не беше исклучок.

„Каде одиш, Аида?“ („Quo Vadis, Aida?“) е првиот обид низ игран филм да се раскаже геноцидот во Сребреница. Филмот, во режија на познатата режисерка Јасмила Жбаниќ, е инспириран од книгата на Хасан Нухановиќ „Под знамето на ОН - Меѓународната заедница и злосторството во Сребреница“. На почетокот Нухановиќ и Жбаниќ требаше заедно да работат на овој филм, но соработката беше прекината. Наместо тоа, неговата приказна е раскажана преку фиктивниот лик на преведувачката на ОН, Аида Селманагиќ, која се обидува да ги спаси сопругот и двајцата синови.

Жбаниќ одлично ги пренесе во филмска приказна деновите на ужасот и стравот во Сребреница од пред 26 години. Со заземањето на „Безбедната зона“ на ОН во Сребреница од војската на босанските Срби, бошњачкото муслиманско население е осудено на пропаст. На енклавата во источна Босна, којашто беше под опсада и во која владееше глад од 1992 година, генералот на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, ѝ зададе смртоносен удар. Освојувањето на Сребреница од војската на босанските Срби значеше дека бошњачкото муслиманско население е оставено на милост и немилост на извршителите на геноцидот.

Соочени со Младиќ и неговите трупи, неколку илјади Бошњаци побараа засолниште во кругот на базата на ОН во Поточари, кај Сребреница.

Она што требаше да биде најбезбедно место во веќе прогласената безбедна зона на ОН се покажа само како попатна станица кон полето на смртта. Бошњачкото муслиманско население е изневерено на неколку фронта. Долгоочекуваните воздушни напади на НАТО врз силите на босанските Срби околу Сребреница никогаш не се реализираа. Според нелогичниот ангажман, ОН имаа таканаречен механизам на „двоен клуч“ - во основа вето - за воздушните напади на НАТО во Босна. Тоа што најимпресивниот Сојуз во историјата се согласи на поделба на моќта на одлучувањето со бирократите на ОН по прашањето на воздушните напади беше политички несфатливо и воено погубно.

Холандскиот баталјон стациониран во Сребреница стана олицетворение на неспособноста на ОН. Талкајќи помеѓу улогите на соучесник и набљудувач, холандските трупи им дадоа на бошњачките муслимани лажна надеж и лажно чувство на безбедност. Во време на геноцид, лажното чувство на безбедност може да ги привлече жртвите да донесат одлуки засновани на она за што ОН треба официјално да се залагаат. Од друга страна, десетици илјади Бошњаци одлучија да тргнат низ шумата кон територијата под контрола на босанската влада, а одреден број успеаја да преживеат.

Бирократската рамнодушност кон геноцидот што се одвива заслужува посебно научно и политичко внимание. Во филмот „Quo Vadis, Aida?“ холандскиот баталјон одби да ги стави членовите од семејството на Нухановиќ на списокот што можеше да спаси други животи. Холандските трупи не само што не дојдоа до идејата за додатни или, доколку е потребно, измислени списоци на персоналот на ОН за да спасат повеќе животи, туку тие непоколебливо ги отфрлија очајните обиди на Хасан Нухановиќ да го спаси неговото потесно семејство. Злогласната фотографија на командантот на холандскиот баталјон во Сребреница, Том Кареманс, кој пиеше со генерал Младиќ во јули 1995 година, додека се одвиваше геноцидот, го симболизира „Dutchbat“ и улогата на ОН во Сребреница.

Во копродукција со турскиот државен радиодифузер (ТРТ), филмот „Quo Vadis, Aida?“ на 9 февруари влезе во потесниот избор на Академијата за филмски уметности и науки во категоријата Меѓународен игран филм. Филмот сега е номиниран за две награди БАФТА - за најдобра режија и најдобар странски филм. Доколку филмот ја освои наградата Оскар, тоа би било од пресудно значење за приказната за Сребреница.

Прикажувањето на геноцидот во Босна и Херцеговина на екраните е од клучно значење за допирање до глобалната публика, но и во борбата против негирањето на геноцидот, што е особено раширено во последните неколку години. Иако книгите, академските написи и новинските извештаи што го кодифицираат геноцидот во БиХ се значајни, медиумот за глобално достигнување е играниот филм. Најмалку три други аспекти на геноцидот заслужуваат да бидат раскажани во овој формат.

Продолжението на „Quo Vadis, Aida?“ би требало да биде играниот филм за „Маршот на смртта“ од јули 1995 година, кога десетици илјади Бошњаци избегаа од Сребреница и се пробија низ шумата на територијата под контрола на босанските власти. Индивидуалните приказни на преживеаните го одземаат здивот поради нивната храброст и издржливост.

Повеќе од дваесет и пет години по војната, сè уште нема сериозен игран филм на англиски јазик што говори за опсадата на Сараево. Најдолгата опсада во модерната историја е добро документирана, но не е претставена во меѓународно наградуван филм.

И на крајот, долгометражниот игран филм за ужасите во концентрационите логори со кои раководеа босанските Срби низ Босна од 1992 година веќе одамна доцни. Судските сведоштва, мемоарите и извештаите на американските и европските новинари пружаат доволен материјал за пренесување на случувањата во концентрационите логори во Европа на крајот на 20 век.

(Овој напис првично е изворно објавен на англиски јазик под насловот „Quo Vadis, Aida?“: Telling the Bosnia genocide on screen“)

* Мислењата изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и нужно не ја одразуваат уредничката политика на Агенција Анадолија (АА).


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın