Анализа на вести

Шеесет години меѓународен имунитет за масовните убиства во Мјанмар

- Длабоко загрижувачкиот аспект на сè понехуманото однесување на режимот на пучот во Мјанмар кон цивилите без оглед на верата, географската или етничката припадност е чувството на недопирливост што го имаат во СБ на ОН.

Ekip   | 16.03.2021
Шеесет години меѓународен имунитет за масовните убиства во Мјанмар

ЛОНДОН

- Маунг ЗАРНИ


Длабоко загрижувачкиот аспект на сè понехуманото однесување на Државниот управен совет (SAC), режимот на пучот во Мјанмар, кон цивилите без оглед на верата, географската или етничката припадност, е чувството на недопирливост што го имаат во Советот за безбедност на ОН.

Од сите глобални управувачки институции, само Советот може да преземе ефикасни мерки против командантите одговорни за безбедносните трупи, кои со децении ги тероризираат невооружените, мирни демонстранти на улиците. Лидерите на Државниот управен совет (SAC) уживаат заштита од не само едно, туку од две вета, на Кина и Руската Федерација.

Таквото чувство на неказнивост се провлекува и го охрабрува, и со збор и со дело, целиот воен естаблишмент, од најстарите генерали до другите чинови во Армијата на Мјанмар позната како Татмадау, вклучително и воените лекари.

„Сосема е во ред Татмадау да убие милион од вкупно 53 милиони луѓе за да го задуши народниот бунт и да воспостави ред“, ова се пренесените зборови што полковникот Аунг Кјау Зау, лекар специјалист за срце од Министерството за одбрана, ги кажал на шокираниот медицински персонал во приватна болница во Јангон.


- Не постои институционално сеќавање на аферите

Не станува збор за лажни вести или пропаганда против режимот. Моите пријатели лекари, чии ужаснати колеги работат со полковникот во таа болница, синоќа ми го раскажаа она што неодамна го дознале од извори.

Лекарот Аунг Кјам Зау не е просечен медицински работник. Тој е оженет со најстарата ќерка на генералот во пензија Кјав Хтин, кој е поранешен министер за одбрана и еден од петте најдобри заменици на починатиот диктатор генералот Не Вин. Воениот лекар работи во приватната болница „Кан Та Ја“ во Јангон, која е во сопственост на семејството на лидерот на пучот Мин Аунг Хлаинг.

Меѓутоа, јавното искажување на желбите на лекарот да престанат да чукаат милион срца е само почеток.

Лекарот продолжи да зборува дека генерациите на воениот лидер, како што се генералите Сав Маунг, Кин Нјут и Тан Шве, се извлекле со геноцидот извршен врз Рохинџите, а да не ги споменуваме и претходните крвави акции против студентските и цивилните демонстранти во 1988 година и протестите на монасите во 2007 година. Тие имиња повеќе не се ни на радарот на меѓународната кампања за одговорност.

Очигледно не постои институционално сеќавање на аферите во Мјанмар во круговите на глобалните креатори на политиката, советниците или медиумите.

За нас трите генерации демократи и етнички заедници кои режимот на Татмадау ги подложи на системска репресија, бранови на терор и воено насилство од пучот во март 1962 година, како и меѓународниот имунитет за време и по Студената војна, во што предолго уживаа воените лидери на Мјанмар, се дел од колективното сеќавање.

Револуционерниот совет, режимот на генералот Не Вин, закла неколку стотици демонстранти кои протестираа против пучот на главниот Канцелариски пат во кампусот на Универзитетот „Рангун“ на 7 јули 1962 години, четири месеци по „бескрвниот“ пуч против демократски избраната Влада на премиерот У Ну, пред да продолжи со експлоатацијата на историската зграда на Студентскиот сојуз, клучно упориште на старото антибританско движење на отпорот.

Пензионираниот лекар, сега во средните седумдесетти години, ми изјави дека видел како трупите на Татмадау пукале врз студентите демонстранти и набљудувачи во кампусот на Универзитетот „Рангун“, а потоа, со противпожарни автомобили ги миеле дамките од крвта на студентите. Благодарение на социјалните медиуми, сега постојано можам да гледам видеоклипови, па дури и преноси во живо на Фејсбук, слични ужасни сцени, само со новата генерација демонстранти низ земјата.

Само неколку години по масакрот на генералот Не Вин, претседателот на САД, Линдон Б. Џонсон, го повика генералот Не Вин во државна посета на Вашингтон. На барање на Не Вин, администрацијата на американскиот претседател му нареди на Федералното истражно биро (FBI) да стави во карантин неколку демократи од Мјанмар што беа во егзил, за посетата на генералот да помине без какви било непријатни инциденти.

За време на Студената војна, САД, наводно за операциите на мјанмарската Војска против трговијата со наркотици, обезбедија стотици милиони долари, како во готовина, така и во натура (на пример, хеликоптерите со двократна намена и авионите за воздушен спреј против опиуми), додека Централната разузнавачка агенција и американските команди и штабови обучуваа стотици воени офицери на мјанмарската Војска, со помош на американските долари на даночните обврзници.


- САД не беа единствени

Во текот на шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години, генералот Не Вин беше добредојден и во западните демократски земји, како Западна Германија, Јапонија, Швајцарија, Обединетото Кралство. Како чест ВИП-посетител на Обединетото Кралство поради голф, јавање коњи и медицински прегледи, генералот Не Вин пиеше чај во Бакингемската палата со кралицата, која, според наводите на еден британски дипломат, го сметала бурманскиот масовен убиец за „добро момче“.

Утешната мисла за илјадници граѓани на Мјанмар, кои беа измачувани и од Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и од истражувачите тренирани во Британската академија, а кои се наоѓаат зад решетките на Не Вин, откако беа принудно протерани, може да биде што барем Владата на Нејзиното височество не го одликуваше Не Вин, како другото добро момче Роберт Мугабе!

Сите овие програми кои овозможуваа масовни убиства престанаа по народното востание во 1988 година што го започна распадот на еднопартиската номинално социјалистичка диктатура на Не Вин, како и поради идеолошките ветрови на демократијата и „цивилното општество“ што дуваа во земјите под левичарските тоталитарни режими низ светот.

По деталното испитување и за време на Студената војна и по неа, западните влади, глобалните управувачки институции и меѓународните финансиски институции претежно ги задржаа своите комерцијални и стратешки врски со убиствената Војска на Мјанмар. Дури и кога Европската Унија ги затвори канцелариите на воените аташеа во Мјанмар, како што бараа санкциите, европските влади гледаа на другата страна.

Гледајќи ги влијателните западни режими, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, Програмата за развој на ОН, Азиската банка за развој, Одделот на Обединетото Кралство за меѓународен развој, Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија, Агенцијата за развој на Германија (GDZ), Здружението на југоисточните азиски нации и други, продолжија меѓународно да ги признаваат воените лидери, а со тоа даваа и поддршка на режимот во вид на стотици милиони долари помош, грантови и позајмици, истовремено поттикнувајќи ги директните странски вложувања во природните ресурси. Да ја парафразирам изјавата за мисијата по Студената војна, што ја даде Меѓународната кризна група, трендот беше регионите и земјите кои имаа судири и (беа затворени општества) да се претворат во слободни пазари.

Свртувањето на главата на грубите и добро документирани злосторства, забележани во меѓународното право, беше вообичаено за западните демократски влади и нивните меѓународни претставници, вклучувајќи ги меѓународните невладини организации, истражувачките центри и развојните агенции, под инструментализацијата на идеите за развој, цивилно општество, изградба на мир и сето останато.

Дури и кога САД, Канада и Европската Унија воведоа санкции, беа создадени на изглед казнени мерки на таков начин да дозволуваат остварување на западните корпоративни и стратешки интереси во воено управуваниот Мјанмар. На пример, кога САД во 1997 година прв пат воведоа санкции за Мјанмар, создадени се доволно големи дупки во законот за санкциите, па така постојните инвестициски проекти вредни повеќе милијарди долари во секторот за нафта и гас и другите сектори за екстракција на природните ресурси останаа недопирливи.

Таквиот широко распространет пристап како и вообичаено кон воените лидери на Мјанмар продолжи и покрај документираните извештаи за злосторствата против човештвото во татковината на Рохинџите во западен Мјанмар, воените злосторства во останатите региони со малцинство во источен, северен и јужен Мјанмар, проширената употреба на принудната работа во проектите на западните заеднички вложувања и систематското уништување на сето што се смета за продемократска опозиција на Војската.


- Отсуство на одговорност за воените злосторства

Во текот на изминатите десет години, затапената зачестеност на вестите и извештаите за човековите права за она што подоцна стана широко прифатено како геноцид против Рохинџите, не ги одвратија меѓународните политички кругови и не ги натераа да се повлечат чекор наназад, да ги преиспитаат своите политики во Мјанмар, да стават мораториум на инвестициите и помошта или повторно да ги проценат нивните воени или генерализирани односи со Мјанмар, кој сè уште е во рацете на Војската.

Ни едногласната одлука на Меѓународниот суд за правдата во јануари 2020 година да наметне привремени мерки за Мјанмар во тековната постапка на Гамбија против Мјанмар, ни тековната истрага на меѓународните злосторства на Мјанмар против Рохинџите немаа влијание врз националната или меѓународната политика на која било влада, регионалните блокови или меѓународните финансиски институции.

Сè до државниот удар на 1 февруари и притворот на Аунг Сан Су Чу, претседателот Вин Мјинт и другите политички лидери и лидери на цивилното општество, Западот и остатокот на земјите пловеа заедно со лажниот наратив за „кревката демократска транзиција“ на чело со Су Чу. Во текот на изминатите 60 години, ниту еден мјанмарски воен лидер со највисока командна одговорност не одговараше на меѓународно ниво ниту за едно меѓународно злосторство.

Последователните генерации на мјанмарските воени лидери научија дека шесте децении од потполното отсуство на одговорност за воените злосторства, злосторствата против човештвото, па дури и геноцидот, се цврст доказ дека постои можност за извлекување од масовните убиства и од сегашниот домашен тероризам. Поради тоа, не чуди тоа што воениот специјалист за срце имал слобода да ја искаже дрската идеја да се убијат милион мјанмарски демонстранти поради наметнувањето нов поредок на тероризираното општество.


[Авторот е координатор на Коалицијата за слобода на Рохинџите во Велика Британија и соработник на Документацискиот центар за геноцид што се наоѓа во Камбоџа.]


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın