Анализа на вести

Франција се обидува да ги заштити своите економски и геополитички амбиции во Либија преку пучистот Хафтар

Причината за агресивниот став на Франција кон Турција е опасноста од губењето на интересите на Франција во Либија, која ги градеше преку Хафтар

Yusuf Özcan,Enes Canlı   | 01.07.2020
Франција се обидува да ги заштити своите економски и геополитички амбиции во Либија преку пучистот Хафтар

ПАРИЗ / ТРИПОЛИ - ЈУСУФ ОЗЏАН / ЕНЕС ЏАНЛИ -

Француската администрација, која предизвика реакција од меѓународната заедница заради нејзината поддршка дадена за Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот на Либија, се обидува да ги заштити своите економски и геополитички интереси преку генералот пучист.

Откако либиската Армија повеќепати ја порази пучистичката милиција на Хафтар, сите страни се фокусираа кон француската администрација, која презентираше неутрален став кон случувањата во Либија, но во последен период одава агресивен став со поддршката што му ја пружа на Хафтар.

Франција беше најголем поддржувач на Хафтар меѓу европските земји, кој се обиде да го преземе главниот град на Либија, но не успеа во тоа. Сепак, Франција досега официјално не призна дека му дава поддршка на Хафтар.

Францускиот претседател Емануел Макрон негираше дека го поддржува Хафтар, но во францускиот печат се појавија вести кои посочуваат на оваа поддршка, особено во последните денови.

Париз, кој досега се воздржува од осудата на нападите на Хафтар, и понатаму молчи и за поддршката и интервенциите од страна на Русија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Египет.

- Апетитот на Саркози за Либија во Арапската пролет -

Откако поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, ја презеде функцијата во 2007 година, тој на многу презентативен начин го пречека соборениот либиски лидер Гадафи во главниот град Париз.

Саркози, кој во тој период имаше големи проблеми со обвинението дека добил милиони евра помош од Гадафи за својата изборна кампања, одигра многу важна улога во соборувањето на Гадафи во рамките на Арапската пролет, спроведена од страна на Британија и Франција.

Експертите наведуваат дека Франција е одговорна за хаосот во Либија кој настана по соборувањето на Гадафи.

Впрочем, минатата недела по веста објавена на радио „Франс Интер“ за критиките упатени кон Турција, беше даден коментарот: „Да потсетиме дека првиот грев им припаѓа на Французите. Париз го започна хаосот во Либија во 2011 година, во периодот кога на власт беше Никола Саркози бидејќи не ја почитуваше резолуцијата 1973 на ОН. Хаосот настана со воена интервенција со која беше планирана ликвидацијата на Гадафи, без подготовка на иднината.“

Францускиот печат напиша дека врската на Франција со Хафтар датира од 2011 година, но во 2016 година земјата е принудена да ја признае поддршката за Хафтар откако тројца вработени во Француската единица за разузнавање (DGSE) загинаа во хеликоптерска несреќа во Бенгази.

Во говорот во кој Хафтар се осврна на хеликоптерската несреќа рече: „Франција ги жртвуваше своите деца за нас“.

Ветувајќи дека ќе донесе таканаречен мир и стабилност во Либија, Франција ја зголеми поддршката за Хафтар од 2016 година, особено по терористичките напади.

Франсоа Оланд, предходникот на Макрон, ги зацрврсти односите со Хафтар под влијание на тогашниот министер за одбрана и актуелен министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан.

- Обидот на Хафтар за заземање на главниот град -

Во април 2019 година, кога беше во тек прекинот на огнот меѓу завојуваните страни, Либија се подготвуваше за изнаоѓање на политичко решение на Националната конференција за дијалог на Либијците на територијата на Либија, под покровителство на Обединетите нации (ОН).

На 4 април 2019 година Хафтар ја вовлече својата земја во виорот на насилствата кога на 4 април 2019 година им нареди на милициите под негова команда да го нападнат главниот град Триполи со цел да го заземат главниот град и државната администрација.

Франција во тој период потпиша заедничка изјава со другите земји за „намалување на воените тензии меѓу страните без јасно да се спомене името на Хафтар, кој го започна нападот во овој период.

Сепак, набргу потоа, во регионалниот печат се појавија вести дека советниците од француските безбедносни единици го поддржале Хафтар во овој напад.

Тунискиот министер за одбрана од тој период изјави дека 13 вооружени француски државјани со дипломатски пасоши, околу две недели по почетокот на овој напад, се обиделе да влезат во земјата преку либиската граница, без да сакаат да го предадат оружјето и муницијата што го носеле со себе, по што вниманието се сврте кон улогата на Париз во Либија.

Иако Амбасадата на Франција во Тунис објави дека ги известила туниските власти за вооружените лица кои пристигнале на границата, туниската страна не го потврди тоа.

Во тој период либиската Влада објави дека прекинала одредени договори со Франција, пред сѐ на полето на безбедноста и образованието, бидејќи Франција го поддржувала Калифа Хафтар.

Од друга страна, кога либиската Армија го врати градот Гарјан се покажа дека високотехнолошките проектили „Џавелин“ (Javelin) од американско производство во јуни 2019 година, запленети во камп на милициите на Хафтар, ѝ припаѓале на француската држава.

Француското Министерство за одбрана мораше да го прифати тоа, откако беа објавени вестите во францускиот печат.

Париз тврдеше дека овие проектили купени од САД биле наменети да бидат користени во Либија од страна на анти-терористичките тимови.

- Економски интереси -

Може да се каже дека француската администрација долги години одблизу се интересира за Либија. Во очите на француските власти, нестабилноста во Либија ќе предизвика миграција низ Средоземното Море и ќе биде ризична за безбедноста на земјите од субсахарска област каде Франција има стратешки интереси.

Претседателот Макрон го истакна ова на заедничката прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот.

Сепак, се наведува дека Франција всушност ги следи своите економски интереси во Либија, која има најголеми резерви на нафта во Африка.

Во анализата објавена на француската интернет страница „Mediapart“ во 2018 година беше наведено дека Франција и Велика Британија создале хаос во Либија истакнувајќи „Знаеме дека сè е за нафтата. Пример (Француската нафтена компанија) „Тотал“ е силно застапена во Либија. Мустафа Абдулџелил, поранешен претседател на либискиот Национален преоден совет, ветил дека ќе им даде приоритет на Франција и Велика Британија во нафтените извори во земјата.“

Во веста на радио „RFI“ во 2019 година беше наведено дека Ле Дријан честопати го посетувал Хафтар во есента 2016 година, особено откако Хафтар ја презеде контролата врз нафтените полиња во Либија.

Според податоците на Францускиот национален институт за статистика (INSEE), количеството нафта која се испорачувала од Либија во Франција во 2018 година се зголемило за 2.5 пати во споредба со 2014 година.

Затоа, се забележува дека нафтата и гасот се примарни фактори што ја одредуваат политиката на Франција за Либија.

За Франција друга значајна работа во однос на Либија е и геополитиката. Либија е важна за франко-африканската сфера на влијание бидејќи поранешните колонијални земји Тунис и Алжир имаат граници со Либија. Исто така и Нигер, на јужната граница на Либија, која е богата со ураниум, го крева апетитот на Париз. Чад е важна за Франција заради воените операции во регионот.

На сличен начин се знае дека Инвестицискиот фонд на Либија, формиран за управување со приходите од производство на нафта и природен гас за време на периодот на Гадафи инвестирала многу во банкарскиот и финансискиот сектор на Франција. Исто така, познато е дека постреволуционерната администрација има побарувања од Париз во врска со овие инвестиции.

Највпечатливото досие е случајот кој се води во Велика Британија меѓу Инвестицискиот фонд на Либија и познатата француска банка „Societe General“.

Како резултат на договорот на страните, случајот резултираше со прифаќање на банката за враќање на 967 милиони евра во Инвестицискиот фонд на Либија.

Во својата тужба, Инвестицискиот фонд на Либија наведе дека банката за време на Гадафи префрлила пари на една оф-шор-сметка во Панама, со што фондот бил оштетен и дека има побарувања од 1,5 милијарди долари.

- Политиката на Макрон за Либија -

Макрон, под влијание на францускиот министер за надворешни работи Ле Дријан инвестираше многу во Хафтар.

Откако седна на претседателската фотелја, за Макрон Либија беше приоритетен проблем. Со цел да донесе таканаречена стабилност и мир во Либија, страните ги собра во Париз.

Емануел Макрон се обиде да ја скрие својата поддршка за Хафтар, обидувајќи се да изгледа неутрален од дипломатски аспект. Сепак, и во земјата и во меѓународната заедница се знае дека Макрон го подржува Хафтар.

Всушност, во написите во францускиот печат се критикува Макрон за поддршката што му ја дава на Хафтар.

На пример, во написот објавен пред неколку дена во „Le Monde“ се вели: „Како може Франција да ја брани идејата за прекин на огнот откако политички го подржа Калифа Хафтар, кој се бори против Владата на Либија признаена од Обединетите нации?“

Макрон за време на посетата на Германија, како одговор на новинарските прашања мораше да ги отфрли тврдењата дека неговата земја го подржува Хафтар.

„Ако Хафтар во април 2019 година реши де спроведе воена операција, тоа не го стори договарајќи се со Франција“, нагласи Макрон.

Овие изјави на Макрон во Либија беа дочекани со реакции.

Либискиот министер за надворешни работи, Мухамед Тахир Сијала, во писмено соопштение нагласи: „Ние, откако пред 14 месеци започнаа нападите на Хафтар врз главниот град, чекавме изјава од Макрон која ќе биде против тие напади. Изјавите на Макрон дојдоа многу доцна, ако тие изјави дојдоа на почетокот, на теренот ќе имаше други случувања.“

По Меморандумот за разбирање, потпишан меѓу Турција и Либија, се зголеми можноста Хафтар, кој претрпе голем пораз од либиската Армија, да ги загуби и нафтените полиња. Франција, се вознемири поради тоа.

Поддршката на Анкара кон легитимната Влада на Либија ги уништи сите планови на Франција.

Се наведува дека причината за агресивниот став на Франција кон Турција е опасноста од губењето на интересите на Франција во Либија, која ги градеше преку Хафтар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın