Анализа на вести, Турција

Ставови на експертите: Грција нема правна основа за вооружување на егејските острови

Експертите тврдат дека Грција нема никаква правна основа за вооружување на 12 острови и дека тоа е во спротивност со Лозанскиот договор од 1923 година, како и со Парискиот мировен договор од 1947 година,

Gülsüm İncekaya   | 03.09.2020
Ставови на експертите: Грција нема правна основа за вооружување на егејските острови

ИСТАНБУЛ

- Ѓулсум Инчекаја


Експертите тврдат дека Грција нема никаква правна основа за вооружување на 12 острови и дека тоа е во спротивност со Лозанскиот договор од 1923 година, како и со Парискиот мировен договор од 1947 година, пишува Агенција Анадолија (АА).

Правните експерти исто така најавуваат дека Република Турција на меѓународната агенда ќе ги стави своите барања за морски права кои се базирани на Договорот од Лозана и конвенциите за морските теснeци од Уши и Монтре.

Заменик-ректорот на Универзитетот во Истанбул, Илјас Топсакал, за АА изјави дека на 27 јуни 1946 година на Париската конференција е донесена одлука на Грција да ѝ припаднат 12 острови со образложение дека грчката популација на нив е мнозинство.

Истакнувајќи дека споровите околу тие острови меѓу Турција и Грција започнале од 1932 и 1952 година, Топсакал изјави дека и денешните тензии се предизвикани од тоа што Грција, во спротивност со договорите од Лозана и Париз, започнала да ги вооружува тие демилитализирани острови.

Тој изјави дека тоа вооружување започнало во 60-тите години на минатиот век кога Егејското Море дошло во центарот на билатерални несогласувања и борби за надмоќ.

Топсакал исто така изјави дека немаат основа и грчките тврдења дека островите ги вооружуваат во согласност со Конвенцијата од Монтре, бидејќи јасно е дека тој чин е во спротивност со меѓународното право.

„Поголемиот дел од островите кои се под суверенитет на Грција имаат статус на заштитени и демилитаризирани региони според меѓународните договори. Со Договорот од Лозана и Парискиот мировен договор, 12 грчки острови се демилитаризирани и на нив е забранет ангажман на вооружените сили, со исклучок на силите задолжени за зачувување на редот, а забрането е и додатно воено утврдување. Вооружувањето на тие егејски острови, што е главен проблем во регионот, започна во 60-тите години“, изјави Топсакал.


- Кизлитопрак: „Неопходно е да се стави крај на вистинската грчка окупација на 12 егејски острови“

Професорот од Универзитетот „Мимар Синан“, Сулејман Кизилтопрак, потсети дека 12 егејски острови до крајот на Втората светска војна биле под административна власт на Италија, а потоа биле дадени на Грција.

„Според 14. член на Парискиот договор, кој го потпишаа 21 држава, Грција тие острови требаше да ги исчисти од воени елементи и во потполност да ги разоружа. На Грција ѝ е дадено правото на тие острови да ангажира минимални жандармериски и полициски сили со задача за зачувување на редот“, изјави Кизилтопрак.

Истакнувајќи дека во Егејското Море има околу 3.000 мали острови, Кизилтопрак изјави дека Грција нема толку човечки, ниту воени ресурси за на секој од тие острови да испрати по стотина војници.

Тој понатаму тврди дека тоа што со Парискиот договор од 1947 година островите се земени од Италија и се дадени на Грција е во спротивност со претходните договори од Лозана.

„За промена на одредбите од кој било главен мултилатерален договор главен принцип е промената да се усвојува едногласно или со најмалку двотретинско мнозинство. Вкупно осум земји, вклучувајќи ја и Турција, го потпишаа Договорот во Лозана во 1923 година, а Парискиот договор, со кој во 1947 година е променета одредбата за островите од Лозанскиот договор, е усвоен со потписи на пет членки на Лозанскиот договор и на уште 16 земји кои не беа потписнички на претходниот договор. Со тоа давањето на островите на Грција е нелегално и потребно е да се стави крај на вистинската грчка окупација на нив“, изјави Кизилтопрак.


- Селами Куран: „Се водат дискусии за валидноста на Парискиот договор“

Шефот на Одделот за меѓународно право на Правниот факултет на Универзитетот „Мармара“, Селами Куран, изјави дека спорните 12 острови четири века биле под османлиска управа, а дека по Балканските војни се дадени на Италија за управување.

Тој додаде со одлуката на Париската конференција од јуни 1946 година тие острови во февруари 1947 година биле предадени на Грција под услов да ги демилитализира и разоружа.

Тој исто така потсети дека и турската Влада добила повик, но дека не учествувала на таа конференција.

„Грција веќе 60 години ја крши одредбата за демилитаризација на тие острови во Егејското Море. Така е прекршена и одредбата од Парискиот договор за чија валидност се водат дискусии. Грција на островот Мегисти (Кастелоризо) отвори морнаричка и воздушна база, а во текот на изминатите денови видовме и дека испрати и војска. Грција тврди дека тоа го прави врз основа на правото за самоодбрана. За каква самоодбрана станува збор, кога од страна на Турција не постои никаква закана, напад, ниту воена состојба“, изјави Куран.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın