Анализа на вести

Со слабото управување со пандемијата Западот ја отвори вратата за јакнење на влијанието на Кина на Балканот

Пандемијата на Ковид-19 отвори жестоки дебати на теми како што се глобализацијата, локализацијата, националните држави и идентитетите, кризата на капитализмот, меѓународниот систем и рамнотежата на силите

Sevba Abdula   | 27.03.2021
Со слабото управување со пандемијата Западот ја отвори вратата за јакнење на влијанието на Кина на Балканот

ИСТАНБУЛ (АА) - СЕВБА АБДУЛА -

Една од главните причини за високата стапка на смртност во текот на пандемијата на Ковид-19 во земјите од Западен Балкан се недостатоците и проблемите на здравствената инфраструктура. Во период кога силната држава и меѓународната соработка се исклучително важни, народите на балканските земји најчесто се чувствуваа осамени. Сосема е јасно дека таа осаменост и безнадежност во контекст на набавката на вакцини против Ковид-19 ќе продолжи и во текот на 2021 година. Токму на оваа тема, Западот, кој има силни врски со регионот, потфрли, но не успеа да се наметне со ефикасна политика, туку вниманието во регионот го привлекува вакцинациската дипломатија што ја води Кина. Западниот Балкан во глобалниот систем му припаѓа на западниот блок, но децениската сè поинтензивна соработка со Кина може да разгори бројни расправи во меѓународниот систем склон на промени.

- Влијание на пандемијата на Ковид-19 врз глобалниот систем -

Пандемијата на Ковид-19 отвори жестоки дебати на теми како што се глобализацијата, локализацијата, националните држави и идентитетите, кризата на капитализмот, меѓународниот систем и рамнотежата на силите. Политичките, економските, општествените и културните последици од овој процес се предмет на расправа во различни кругови. Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), по долгорочното градење имиџ на силни актери, сега привлекоа внимание со политиките што предизвикаа лавина расправи за нарушувањето на тој имиџ во светот. Недоволната борба на западните сили против пандемијата, кризата за заштитни маски и вакцини, едностраните политики дистанцирани од солидарноста, недостатоците на нивните здравствени инфраструктури и уште многу други фактори ги зајакнаа очекувањата за преврати во меѓународниот поредок во однос на Кина, која често е нарекувана далечна сила во подем.

Кинеската дипломатија во контекст на дистрибуцијата на медицинска опрема и вакцини против Ковид-19 привлече големо внимание во светот, а особено во помалку развиените региони, како што е Балканот.

Политичкиот наратив на доскорешниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот слоган „Америка на прво место“ покажаа дека САД не се позиционираат на водечката позиција како што го очекуваше тоа меѓународниот систем во оваа ситуација. САД во борбата против пандемијата и нејзините економски последици не се одлучија за собирање и обединување на силите на меѓународната заедница, институциите и државите, туку се затворија во себе, што секако ја загрози нивната лидерска позиција што ја заземаат со воената, идеолошката и технолошката предност во однос на другите сили. Ако се земе предвид напредокот на Кина врз основа на развојниот модел базиран на производство и извоз, чекорите што ги презема Русија во воена и политичка смисла и хаотичното однесување на Европската Унија во ек на пандемијата, може да се насети дека по пандемијата ќе дојде до почеток на процес за промена на рамнотежата во меѓународните односи. Првиот период од глобализацијата се карактеризира со појави како што се соработка, договори за слободна трговија, сигурни глобални синџири на снабдување, поддршка на средната класа, зајакнување на демократијата и промовирање на глобалната мобилност, а оваа епоха може да биде заменета со нова состојба на рамнотежа заснована на главни блокови на моќ и продлабочување на глобалните несогласувања во сенка на зајакнување на репресивните режими, локализмот, популизмот, општествените поделби и пукање на синџирите за снабдување.

Кризната ситуација што ја предизвика пандемијата може да доведе до тоа несогласувањата на релациите САД - Русија, ЕУ - Русија и, особено САД - Кина, да се претворат во уште подлабока криза од глобални размери. Зајакнувањето на авторитарните режими и локалните економии може да започне процес на т.н. глобализација на Кина, што ќе ги направи кревките и слаби држави дополнително зависни од Кина. Овој процес може да се одрази во уште поголема конкуренција меѓу големите сили на Балканот, регион на мултикултурни, мултинационални и мултиконфесионални држави кои сè уште не ги завршиле процесите за изградба на државата и за нејзино интегрирање во меѓународните организации.

- Кина, проектот „Појас и пат“ и Западен Балкан -

Кина во изминатиот половина век бележи просечен годишен економски раст од 8,8 проценти и е земја чиј БДП надмина 15 билиони долари, а надворешнотрговскиот суфицит изнесува над 535 милијарди долари. Кина во моментов контролира 14 отсто од светската економија, и сè повеќе работи на зајакнување на својата политичка позиција во светот. Благодарение на евтината работна сила и на националната економска политика, Кина успеа да преземе голем дел од светското производство. Кинеската иницијатива „Појас и пат“ важи за еден од најамбициозните економски и инфраструктурни потфати во историјата на човештвото и како таков може да предизвика промени во рамнотежата на силите на глобално ниво. Кинеската визија за повторно оживување на „Патот на свилата“ и спојување на Пекинг со Лондон во основа е економски план, но има и голем потенцијал да го премести епицентарот на светската политика од Запад на Исток. Проектот што опфаќа 65 земји, има за цел да ја преземе доминацијата над светската трговија преку копнените и поморските транспортни мрежи.

Во контекст на транспортните мрежи што се во план со проектот „Појас и пат“, Балканот се наметнува како еден од стратешки најважните региони поради близината до Европската Унија. Експресниот поморски и копнен пат Кина - Европа претставува главна иницијатива на кинеската Влада на просторот на Западен Балкан. Просторот за експанзија на кинеското влијание на Балканот секако го отвора и неодлучната политика што ја води Европската Унија во регионот, а особено на Западен Балкан. Продорот на Кина во одредена мерка поминува и благодарение на своевидните симпатии што произлегуваат од социјалистичкото минато на овој регион. Пристаништето во Пиреја и автопатот Скопје - Белград - Будимпешта го сочинуваат столбот на кинескиот проект, но се чини дека официјален Пекинг одлучно зборува и за целата инфраструктурна мрежа, која ги вклучува и пристаништата во Трст, Копер и Риека и автопатот Бар - Бољаре. Кина од 2012 година со земјите од централна и источна Европа го води механизмот 17 + 1 во рамките на кој има редовни годишни самити и на тој начин одржува блиски односи и на институционално ниво. Со финансирање на транспортната инфраструктура и со инвестициите во енергетиката и индустријата, стратегии базирани на држави, Кина успеа за кратко време да стане втор или трет трговски партнер на многу земји во овој регион и да го достигне нивото на трговска размена што го имаат другите сили, вклучително и Русија и Турција.

Кинеската Влада со директните странски инвестиции го зголемува своето влијание и зависноста на земјите од регионот. Овие инвестиции во Србија, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора главно се гледаат во купувањата. Таквите инвестиции се зголемени меѓу 50 и 200 отсто во некои земји. Во 2016 година, кинеските директни странски инвестиции во Србија сочинуваа 7,2 отсто од вкупните странски инвестиции во таа земја, а во 2018 година нивниот удел се зголеми на 14,83 отсто. Тоа зголемување е постигнато преку купување на Железарата во Смедерево и купувањето на 63 отсто од акциите на рудникот во Бор. Уште еден од процесите што Кина ги започна во регионот за да ги направи земјите што е можно позависни од неа е и задолжувањето на тие земји. Кредитите што ги нудат Кинеската банка за развој и Експорт-импорт банката на Кина за инвестиции во инфраструктурата во значителна мера го зголемија јавниот долг на земјите во регионот. Кина во рацете држи 22 отсто од вкупниот јавен долг на Црна Гора (671 милион евра), 14 отсто од вкупниот јавен долг на Северна Македонија (714 милиони евра), 13 отсто од јавниот долг на БиХ (1,1 милијарда евра) и 7,9 отсто од јавниот долг на Србија (24,5 милијарди евра).

Несомнено е дека Србија, со која Кина има блиски односи, претставува клучна земја од аспект на кинеските државни инвестиции на Балканот. Покрај важната географска положба, предноста на Србија е и тоа што покажа способност за создавање дијалог и соработка со земјите од Европската Унија, со Русија и Турција, а истото тоа го покажа и во односите со Кина. Затоа Кина ја смета Србија за стратешки партнер за развој на трговијата и економскиот развој. Односите меѓу Кина и Србија дополнително се подобрија откако Русија не ги исполни дадените економски ветувања во регионот. Кинескиот претседател Си Ѓинпинг во јуни 2016 година ја посети Србија, со што потврди дека Србија ја смета за центар на економските, политичките, стратешките, културните и трговските работи на Балканот. Кина и на меѓународната политичка сцена ја поддржува Србија, а со телекомуникациската инфраструктура ги поддржува и војската, полицијата и разузнавачката служба на Србија.

Односите што Кина ги разви со земјите од Западен Балкан со проектите за „Патот на свилата“ и понатаму не можат да се споредат со односите што ги воспостави Европската Унија. Споредните цели на Кина во регионот да биде пандан на Русија се совпаѓаат и со целите на Брисел. ЕУ во Западен Балкан разви низа механизми преку кои има и институционален мониторинг на случувањата во земјите што не се нејзини членки. Овие механизми постојат со децении, а процесот на интеграција на тие земји се одолговлече поради несогласувањата во ЕУ, појавата на радикалната десница и останатите причини што им отворија можност на другите сили да му се приближат на регионот. Во тој контекст може да се каже дека ЕУ со загриженост го следи зближувањето на земјите од регионот со Кина.

- Вакцинациска дипломатија -

Се чини дека во Западен Балкан процесот за набавка на вакцини против коронавирусот е вплеткан во сложената мрежа на меѓународната политика, кинеските инвестиции и односите со ЕУ кои се полни со подеми и падови. Иако Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија предничат во Европа според стапката на смртност во екот на пандемијата, тие земји имаат голем проблем со набавката на вакцини. Официјалните претставници на сите овие земји редовно најавуваат на почетокот на месецот дека нарачаните вакцини ќе пристигнат до крајот на месецот, но факт е дека на терен луѓето не се вакцинираат. Албанија до март некако успеа да вакцинира околу 25.000 луѓе, во Црна Гора вакцинирани се 3.000 луѓе, додека Северна Македонија ги прими првите вакцини кон крајот на февруари, и тоа како донација од Србија. Испораките на вакцини и во БиХ и во Косово се во застој. Западниот свет, а особено ЕУ, не покажаа доволен интерес за Западен Балкан во периодот на пандемијата, па сè повеќе луѓе се согласуваат со изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека европската солидарност е бајка на хартија. Иако ЕУ се обидува да ја урамнотежи оваа перцепција со најава за многу програми за финансиска помош, и понатаму останува впечатокот дека тоа е задоцнета реакција.

Стана сосема јасно дека Западот секојдневно видливо го губи својот примат, додека во исто време растат апетитите на земјите како Кина и Русија. Треба да се каже дека Кина со дипломатската пропаганда одговори на нападите што поради пандемијата на Ковид-19 ѝ ги упатуваше поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Кина со дистрибуирањето медицинска опрема, лекови, маски и кредити на Западен Балкан, покажа одлучна намера да го искористи овој период во своја полза. Во ек на расправите за национализмот во западните демократии, авторитарните земји како Кина, кои немаат демократска опозиција и јавно мнение, со дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19 ја зголемија зависноста на другите држави. Односите воспоставени со проектот „Појас и пат“ Кина дополнително ги зајакна со покажаната грижа за здравствената сигурност на Западен Балкан. Со ставањето на Србија во фокусот на регионалните проекти, Кина придонесе таа земја да ја насочува регионалната политика. Со доставените 1,5 милиони вакцини против Ковид-19 од Кина и Русија, Србија ја зајакнува перцепцијата што ја има како држава во регионалната јавност. Претседателот на Србија со набавката на вакцините се претстави како спасител на државата, а со симболичното подарување или неподарување вакцини на Косово, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора, дојде до позиција да може да влијае на внатрешната политика во тие земји.

Нема сомнение дека Западен Балкан е соочен со многу глобални сили во екот на пандемијата на Ковид-19 и со трансформација на меѓународниот систем. Во изминатите 20 години и Турција постојано ги зајакнуваше своите културолошки, историски и економски врски со земјите од регионот и во екот на трансформацијата на меѓународниот поредок го зголеми своето регионално влијание. Турција го привлече вниманието во регионот со испраќањето медицинска помош на самиот почеток на пандемијата. Иако тоа во овој период на расправа за моралните и реалните политички рамки не е лесно, преземањето иницијатива и барем симболичното споделување на набавените вакцини е важно и за Турција во контекст на зајакнување на нејзиниот имиџ кај јавноста во регионот, но и за заземање рамноправна позиција со глобалните сили како Русија и Кина.

* Мислењата изразени во овој текст му припаѓаат на авторот и нужно не ја одразуваат уредничката политика на Агенција Анадолија (AA).

[Автор на текстот е Севба Абдула, докторант на Факултетот за меѓународни односи и политички науки на Универзитетот „Мармара“ во Турција. Во истражувачката работа се фокусира на теми како модернизацијата на Балканот, меѓурелигиските односи и односите меѓу државите и политичката историја.]

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın