Анализа на вести

Саудиските медиуми се однесуваат како портпароли на терористичката ПКК

Кампањата за оцрнување и дезинформирање против турската операција „Извор на мирот“ може да се интерпретира како обид на саудиската администрација за ослабнување на Турција на политичка, економска и воена основа

Erdoğan Çağatay Zontur   | 19.10.2019
Саудиските медиуми се однесуваат како портпароли на терористичката ПКК

ИСТАНБУЛ (АА) - Турската операција „Извор на мирот“ во северна Сирија мора да го разбуди „стршленското гнездо“, бидејќи покрај тоа што го менува балансот на силата во регионот, таа исто така ги демаскира меѓународните и регионалните актери еден по еден.

Се очекуваше сојузниците на Турција во НАТО, нејзините стратешки партнери и земјите кои соработуваат со терористички организации против Турција, да заземат строг став. Но пример за црн хумор беше тоа што Арапската лига, вклучително и Египет и Бахреин, кои орбитираат околу Саудиска Арабија, како и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ја осудија операцијата со 24-часовни преноси во живо и преку визуелните и печатени медиуми, наслови и коментари.

Последното соопштение на Арапската лига со кое операцијата ја нарекува „окупација“ не е сфатена сериозно дури ниту од нејзините земји членки. Бидејќи познато е дека на Лигата ѝ недостига имплементирачки механизам, некои членки или не ја потпишаа Декларацијата или укажаа дека не се согласуваат со одлуката преку нивните министерства за надворешни работи.

Може да се опише само како комедија тоа што Арапската лига, која молчеше кога арапските земји беа претворени во „музеи на уништувањето“ од страна на САД, Русија и Иран, зборуваше само дека суверенитетот на Сирија е нарушен од војските на четири земји - САД, Франција, Русија и Иран.

Уште повеќе, додека арапското население во северна Сирија се раселува од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК, а северниот регион се нарекува „Rojava“, нема никаков морален аспект во арапските режими и медиумите со оплакувањето на терористичката организација.

Лигата никогаш немала итно заседавање против Иран, кој сега ги контролира четирите арапски престолнини Багдад, Дамаск, Бејрут и Сана. Израел го нарушуваше суверенитетот на Сирија речиси секој ден и ги напаѓаше позициите за кои сметаше дека се важни, но овие режими воопшто не се спротивставија на тоа.

Оние кои ги следат изјавите, визуелните и печатените медиуми на Саудиска Арабија во врска со операцијата „Извор на мирот“, би помислиле дека Турција ја нападнала Саудиска Арабија, ги бомбардирала нејзините нафтени објекти како што е државната нафтена компанија „Арамко“ и ја поддржувала продажбата на оружје на Хусите, со кои Саудијците се борат во Јемен. Дури и по последниот напад врз „Арамко“, саудиската администрација и медиумите не реагираа до толкав степен. Но нивната реакција на операцијата „Извор на мирот“ ја засени реакцијата и на Асадовиот режим.

Саудискиот канал „Ал Арабија“ и весникот „Оказ“ водат кампањата за оцрнување на Турција, а сите останати визуелни и печатени медиуми дејствуваат речиси како медиумски претставништва на терористичката организација ПКК, додека се обидуваат да ја искриват целта на операцијата преку дезинформирање. Поточно, известувачка на „Ал Арабија“ играше главна улога во евтината продукција, при што, не можејќи да најде мртви или повредени цивили, изработи сцена поставувајќи две деца среде улица во место каде што Турција ја спроведуваше операцијата.

Саудиските власти споделуваа шокантни објави на нивните лични профили на социјалните мрежи во врска со Турција и операцијата, додека во дезинформирањето беа вклучени и лажни профили.

Весникот „Оказ“ ја презентираше тезата дека „светот е против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“ и се однесуваше како медиумски сервис на терористичката организација ПКК/ПЈД. Весникот се обиде да ги измами своите читатели создавајќи перцепција заснована врз лагата дека е гаѓан затвор на ДЕАШ во Сирија, а милитантите биле ослободени.

Весниците од Ријад, „Ал Џезира“ и „Ал Ватан“, како и весниците „Саркулевсат“, „Ал Хајат“ и „Ал Араб“ објавуваа лажни вести и коментари за операцијата.

Саудиските медиуми, кои интервјуираа припадници на терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за пуч во 2016 година во Турција и ги игнорираа нападите извршени од терористичката организација ПКК/ЈПГ врз турските погранични градови и други населени подрачја, известуваа дека семејствата на припадниците на ДЕАШ избегале, и дека 130.000 цивили ги напуштиле своите домови. Всушност, американскиот претседател Доналд Трамп ги негираше ваквите обвинувања на Твитер, велејќи дека постои можност терористите на ЈПГ/ ПКК самите да ослободуваат припадници на ДЕАШ.

Дописникот на „Оказ“, Ахмед Авад, отиде дотаму што тврдеше дека турската армија се борела против внуците на Салахудин Ејуби, додека дописникот на „Ал Џезира“, шеикот Мухамед ал Аш, коментираше дека Катар станал како и Турција, поддржувајќи ја операцијата.

Дописникот на „Оказ“, Фахим ал Хамид, истакна дека политиката на неговата земја за Сирија никогаш не се сменила, и дека Саудиска Арабија дејствува во рамките на меѓународното право. Сепак, не треба да се биде политички експерт за да се увиди дека сегашните политики на саудиските власти се дијаметрално спротивни на оние од март 2011 година, кога започна граѓанската војна во Сирија.

До пред три години, тогашниот министер за надворешни работи на Саудиска Арабија, Адил ал Џубеир, изјавуваше дека саудиските воени авиони стојат покрај Турција во борбата против ДЕАШ во Сирија и најави дека Саудиска Арабија ги поддржува напорите на Турција во оваа насока. Како и да е, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и пучистичката египетска администрација веќе беа во таен сојуз со режимот на Асад.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (OAE) и Египет спроведоа крвави воени операции во многу арапски земји, кои ги опишуваа како „братски“. Дуото Ријад - Абу Даби изврши злосторства против човештвото во Јемен. Исто така, тие обезбедуваат воена и логистичка поддршка заедно со Египет за пучистот, генералот Халифа Хафтар, против либиската Влада на национално единство признаена од ОН.

Администрацијата на Ријад, потсетувајќи се на суверенитетот на Сирија денес и тоа дека е арапска земја, не направи ништо од почетокот на војната во март 2011 година, игнорирајќи ја суровоста и масакрите на режимот на Асад. Напротив, таа ја поддржуваше ПКК/ПЈД финансиски и логистички во име на „борбата против ДЕАШ“, предавајќи ги Арапите што живеат во тие региони. Згора на тоа, нарачуваше написи и интервјуа со водачите на ПКК, како да се државници.

Саудискиот министер за прашања поврзани со Заливот, Тамер ал Сабхан, ги посети сириските покраини Рака и Деир ез-Зор во 2017 и 2019 година и оствари разговори со терористичките водачи, ветувајќи им поддршка.

Милиони сириски Арапи, всушност, беа оставени на милост и немилост на терористите на ПЈД, и тоа беше закана не само за Турција, туку и за цела Сирија.

Но зошто Саудиска Арабија има силна реакција против турската операција, и покрај тоа што знае дека Сирија е претворена во „средиште на посетители“ од меѓународните сили и дека на мета е арапскиот идентитет на земјата? Очигледно е дека односите меѓу Турција и Саудиска Арабија се напнати и дека двете држави се на работ на прекинување на односите. Саудиските власти и медиумите во земјата ја демнат секоја можност против Турција, зголемувајќи ја дозата на непријателство покрај контрадикторните политики за време на пучот во Египет во 2013 година, блокадата на Катар во 2017 година и бруталното убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година.

Кампањата за оцрнување и дезинформирање против операцијата може да се интерпретира како обид на саудиската администрација за ослабнување на Турција на политичка, економска и воена основа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.