Анализа на вести, Балкан

Преку заговарање привидна „нормализација“ до стекнување контрола врз политичките процеси на Балканот

По согледувањето на сите поважни фактори, се заклучува дека главните актери на меѓународната заедница претендираат да ја имаат контролата во свои раце преку привидно „нормализирање“ на односите, а со цел контролирање на процесите во своја корист.

Admir Fazlagic   | 17.09.2020
Преку заговарање привидна „нормализација“ до стекнување контрола врз политичките процеси на Балканот

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ - 

Распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и осамостојувањето на нејзините држави што следуваше потоа во раните деведесетти години од минатиот век на површина изнесоа бројни отворени прашања кои се сѐ уште нерешени на балканскиот простор, а од кои пак, меѓународните актери се обидуваат на сите можни начини да остварат корист од нив.

- Отворени прашања

Во последните години во јавноста стана општопознато дека на Балканот постојат три отворени прашања за кои меѓународната заедница покажа исклучителен интерес да се решат. Тоа се спорот за името помеѓу Македонија и Грција кој се реши по речиси три децении, откако во 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор со кој Македонија го смени уставното име и стана Република Северна Македонија, второто отворено прашање е дијалогот помеѓу Косово и Србија, додека третото отворено прашање е нефункционалноста на Босна и Херцеговина, односно државното уредување на оваа земја која по војната има два ентитета, Федерација и Република Српска.

Откако е решен спорот помеѓу Северна Македонија и Грција, „топката“ на теренот се префрли на спорот Косово - Србија. По едностраното прогласување независност од Србија на 17 февруари 2008 година, Косово како „најмлада земја во Европа“, која зад себе ги остави војната и оружените конфликти што се случија на крајот на 1990-тите години, сѐ уште се соочува со различни проблеми во дооформувањето на државата.

Со цел почнување на процесот на решавање на спорот помеѓу Косово и Србија, во Брисел во 2013 година е започнат процесот на одржување преговори за дијалог помеѓу двете држави. Дијалогот помеѓу Косово и Србија, односно Приштина и Белград, кој со посредство на ЕУ се одржуваше во Брисел, е прекинат во ноември 2018 година кога Владата на Косово воведе такса од 100 отсто на стоката увезена од Србија и БиХ, која потоа се укина под голем политички притисок врз косовските челници од страна на главните земји на ЕУ и САД.

По 20 месеци пауза, дијалогот продолжи во јули оваа година во Брисел, кога на 16 јули е одржан првиот состанок на премиерот на Косово, Авдулах Хоти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со посредување на ЕУ.

Сенка на дијалогот фрли обвинението на Специјалното обвинителство во Хаг кое против косовскиот главен преговарач Хашим Тачи подигна обвинение за воени злосторства.

Сепак, по овие случувања, на 4 септември во Вашингтон, со посредство на Соединетите Американски Држави (САД) и личното учество на овој состанок на американскиот претседател Доналд Трамп, Србија и Косово постигнаа договор за нормализација на економските односи, кој беше окарактеризиран како „историски“.

Потпишувањето на овој договор за експертската, но и за пошироката јавност беше своевидно изненадување, бидејќи во изминатите години ЕУ беше таа под чие покровителство се одвиваа разговорите на официјален Белград и Приштина, а во последно време за ова прашање интерес покажаа и САД кои назначија специјален претставник за дијалогот Косово - Србија.

Дали овој договор за нормализација на односите ќе придонесе Србија да го признае Косово или ќе остане само „мртво слово на хартија“, и дали ова е договор од кој корист ќе имаат земјите од меѓународната заедница кои во решавањето на ова прашање гледаат да извлечат најголема корист, беа само дел од прашањата кои ја отворија „Пандорината кутија“.

Првин, логично, се поставува прашањето што всушност се подразбира под „нормализација“ на економските односи помеѓу Србија и Косово? Дали тоа значи дека САД од ЕУ ја презема клучната улога во контрола на процесите во дијалогот помеѓу Србија и Косово?

Особено внимание привлекува фактот што и на самата церемонија на потпишувањето на договорот, американскиот претседател Трамп објави дека Србија ќе ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), а дека Косово и Израел ќе ги нормализираат нивните односи и ќе воспостават дипломатски врски.

Впрочем, доколку се согледаат ефектите од Договорот за „нормализирање“ на економските односи на Србија и Косово, произлегува дека најмногу корист има Израел кој доби признавање од Косово, а Србија ќе ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, што е идеја за која се залага администрацијата на Трамп. Оттука произлегува и прашањето дали Трамп ги злоупотребува односите на Србија и Косово, со цел постигнување на своите интереси?

Меѓу другото, за иницијативите кои се наведени во договорот за нормализирање на економските односи на Србија и Косово се говори за идеи за кои веќе е разговарано во јануари, но сѐ уште остануваат бројни нејаснотии од договорот поврзани со економијата, како што се финансиските обврски на страните во договорот, но од сите наведени работи, како најмногу на површина да испливаа интересите на САД и вин-вин добитничката позиција на Израел.

Во прилог на тоа вреди да се спомене и изјавата на израелскиот премиер Нетанјаху кој по договорот на Белград и Приштина изјави дека „Косово ќе биде првата земја со муслиманско мнозинство што ќе отвори амбасада во Ерусалим“.

- Дилеми и нејаснотии кои произлегуваат од „нормализацијата на односите“

Во поглед на подлабоката анализа на договорот за нормализација на економските односи на Србија и Косово, останува нејасно и тоа дали преку своевидната економска нормализација на односите ќе дојде до уште поголема компликација на самото прашање на дијалогот Белград - Приштина, со оглед на нивната нарушена доверба, но исто така неизвесно е и недефинирано е како преку овој договор ќе дојде до политички разговори, односно меѓусебното признавање на Косово и Србија, што е суштината на нивниот проблем.

Во редицата на бројните прашања кои ги отвори договорот е дали навистина овој договор има моќ со која ќе успее да смени нешто кон позитивно во односите на овие земји, или пак е дел од предизборната кампања на Трамп за претстојните претседателски избори во САД?

Доколку се погледне пошироката слика на меѓународната политичка сцена, вреди да се размисли и дали САД со посредување во договорот за „нормализација“ на економските односи на Србија и Косово има намера да го намали влијанието на другите меѓународни фактори во Балканскиот Регион, особено Турција која е блиска со балканските народи со кои негува добри односи и чие влијание во полето на економијата, одбраната, културата е забележително.

Во контекст на остварувањето влијание на меѓунродната политичка сцена, вреди да се спомене и неодамнешната изјава на Трамп кој на 13 август соопшти дека Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) постигнале договор за целосно нормализирање на односите. Случајно или не, и во овој договор, клучниот збор беше нормализирање. Повторно и тука под голем знак прашалник е што се подразбира под тоа нормализирање и како овој договор ќе се одрази на теренот, со оглед на агресивната политика на Израел кон Палестина, на чија страна се сите аспекти на меѓународното право.

Со ова, ОАЕ стана третата арапска земја што има постигнато договор за нормализација на односите со Израел, по Египет во 1979 година и Јордан во 1994 година.

Сепак, произлегува дека со овој договор, ОАЕ преземаат чекор за официјализирање на своите отворени и тајни односи со Израел. Дел од експертската јавност истакна дека не очекува ОАЕ да постигнат многу со овој договор, бидејќи долго време добиваат секаков вид поддршка од САД и Израел.

Аналогно на ова, останува нејасно дали и во случајот на Србија и Косово, само се официјализираат одредени тајни односи со САД кои во последно време покажаа интерес за решавањето на ова прашање, за кое многу поинтензивно се залагаше ЕУ.

По согледувањето на сите поважни фактори кои влијаат на актуелниот развој на состојбите на Балканот, како и согледувањето на факторите кои ги детерминираат перспективите на политичко-економските состојби, особено низ призма на отворените прашања, се заклучува дека главните актери на меѓународната заедница претендираат да ја имаат контролата во свои раце преку привидно „нормализирање“ на односите, а со цел контролирање на процесите во своја корист.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.