Анализа на вести

По здравствената криза, Велика Британија погодена од логистичка криза

Според податоците на Канцеларијата за национална статистика на Велика Британија, бројот на камиони и возачи на камиони, што беше 301.497 во првиот квартал на 2020 година, се намалил на 232.942 во вториот квартал од 2021 година

Ekipa   | 03.10.2021
По здравствената криза, Велика Британија погодена од логистичка криза

Автор: Хусеин Емре Есеџели

*Авторот е магистер по инженерство на Универзитетот во Саутемптон, Велика Британија

САУТЕМПТОН (АА) - Велика Британија е во неволја по Брегзит.

Недостатокот на возачи на камиони доведе до прекин во синџирот на снабдување во Велика Британија во периодот по Брегзит. Празните полици во супермаркетите, долгите редици пред бензинските пумпи и нивно затворање ја доведоа британската Влада пред растечка криза, со која се бори да се справи.

Пандемијата на шпанскиот грип во 1918 година беше една од најголемите здравствени катастрофи на 20 век. Таа беше глобален здравствен проблем што го зафати секој континент, во која умреа над 50 милиони луѓе. Една од најпогодените земји од шпанскиот грип беше Велика Британија, каде што починаа околу 250.000 луѓе. Еден век подоцна, нова пандемија повторно тропна на вратата на Обединетото Кралство во која овој пат од Ковид-19 животот го изгубија приближно 136.000 луѓе. Тоа предизвика катастрофална еко-здравствена криза во Велика Британија.

Во ноември 1973 година, многу менаџери на британските бензински пумпи соопштија дека ги затвораат своите бизниси поради недостаток на гориво, криза што ја зафати Велика Британија по намалувањето на производството на нафта воведено од арапските земји произведувачи на сурова нафта.

Денес, нафтената криза доведе до редици пред бензинските пумпи и нивно затворање, исто како и пред 50 години. Појавата на недостиг на возачи кај нафтените компании по Брегзит ги врати сликите од пред 50 години: редиците возила пред бензинските пумпи и затворањето на пумпите поради недостаток на гориво. Соопштението на БП (Бритиш петрол) и Теско дека мал број бензински пумпи ќе бидат привремено затворени поради недостиг на возачи за транспорт во земјата, предизвика загриженост кај сопствениците на возила. Минатиот викенд сопствениците на автомобили кои стравуваа од недостиг на бензин поради намалувањето на бројот на бензински пумпи, формираа долги редици пред бензинските пумпи во Лондон.

Според „Гардијан“, тројца од најголемите британски оператори на бензински пумпи предупредија за недостаток на гориво, а БП соопшти дека речиси 100 од неговите бензински пумпи нема да имаат најмалку еден вид гориво, и дека одреден број се принудени на целосно затворање. Гордон Балмер, извршен директор на Асоцијацијата на малопродажба на гориво, рече дека некои бензински пумпи се соочуваат со одложувања на испораката, особено оние во Лондон и југоисточниот дел на земјата.

БП соопшти дека ги намалува испораките за околу 90 отсто од своите пумпи со цел рамномерно распределување на залихите. Асоцијацијата за малопродажба на гориво ги повика граѓаните да избегнуваат панично купување, и ги советува возачите да ги чуваат резервоарите полни барем една четвртина во случај да мора да возат до друга бензинска пумпа за да наполнат гориво.

Големиот пад на залихите на гориво во земјата беше забележан и од индикаторите. Акциите, кои почнаа да се намалуваат по Брегзит, паднаа за половина во последните шест месеци.

Според податоците на Канцеларијата за национална статистика на Велика Британија, бројот на камиони и возачи на камиони, што беше 301.497 во првиот квартал на 2020 година, се намалил на 232.942 во вториот квартал од 2021 година. Британските експерти наведуваат дека вкупниот број возачи на транспортни камиони во земјата е околу 100.000 помалку од она што во моментов е потребно.

Според извештајот на Здружението на транспортни претпријатија, кое ја претставува транспортната индустрија, главните причини за намалувањето на бројот на возачи на транспортни возила се „пензионирање на возачите“, „напуштањето на ЕУ“, „одредени промени во платите познати како IR35“, „избор на други сектори од страна на возачите“ и „ниските плати и епидемијата“. Бројот на возачи на камиони се намали како резултат на епидемијата на Ковид-19, што го наруши процесот на квалификација и спречи влегување на нова работна сила на пазарот. Покрај тоа, некои вината ја ставаат на Брегзит и на лошите услови за работа што ги принудија странските возачи да ја напуштат земјата.

Несоодветниот број на возачи на камиони предизвикува сериозни проблеми во логистичкиот сектор и тоа има потенцијал да се претвори во ризик што може да влијае на сите елементи на економијата на земјата, доколку за кратко време ​​​​​​не се најде решение.

Поради неизвесностите во имигрантскиот статус на Велика Британија по нејзиното излегување од ЕУ, голем број граѓани на ЕУ и возачи на камиони претпочитаа да се вратат во своите земји, а потоа и поради неповолните услови во периодот на пандемијата како едни од најважните фактори за појавата на кризата.

Овој логистички проблем, што предизвика прекин на меѓународниот синџир на испорака во Велика Британија, создаде паника кај луѓето и предизвика празнење на полиците во маркетите. Економските последици од пандемијата на Ковид-19 и Брегзит ги зголемија трошоците за основните потреби како храна и облека, но и патувањето и справувањето со потребите на сопствените домови. Широкораспространетиот пораст на цените на суровините - од пченица до шеќер, кафе и палмино масло - комбиниран со недостигот на возачи на камиони и работници во секторот за преработка на храна, како и зголемувањето на трошоците за пакување, ќе ги зголемат цените во супермаркетите оваа есен и зима.

Кризата со транспортот, која расте од почетокот на 2020 година, ги остави полиците празни во различни продавници во Лондон во последниве месеци, особено со производите од зеленчук и овошје, како и флашираната вода.

„Теско“, еден од најголемите синџири на супермаркети во Велика Британија, ја предупреди Владата дека доколку продолжи кризата со недостиг на возачи, муштериите пред Божиќ панично ќе ги преплават продавниците.

„Морисонс“, еден од водечките ланци на супермаркети во земјата, соопшти дека ако недостигот на возачи во транспортниот сектор продолжи да опстојува наспроти побарувачката, можно е цените на производите во продавниците да се зголемат.

„Мекдоналдс“ неодамна престана да продава милкшејк и флаширани пијалаци, наведувајќи ги како причина нарушувањата во неговиот синџир на снабдување.

Оценката на деловните услови од страна на Банката на Англија во април, мај и јуни оваа година покажа дека доцнењата во секторот на испорака предизвикал недостаток на одредени производи, како што се мебел, автомобилски делови и електрични стоки.

Владата во неделата објави план за издавање привремени визи за 5.000 возачи на камиони од странство.

Британското Министерство за транспорт објави дека ќе им издаде привремени визи на 5.000 возачи на цистерни на гориво и транспортни камиони до крајот на декември за да се избегнат празните полици во некои супермаркети и долгите редици на бензинските пумпи поради недостиг на камиони и возачи на камиони.

Но, бизнис-лидерите предупредија дека владиниот план е краткорочно решение кое нема да го реши акутниот недостаток на работна сила со што се ризикуваат големи нарушувања во синџирот на испорака и надвор од нафтениот сектор, особено во пресрет на Божиќ.

Индустријата проценува дека има недостиг од 100.000 возачи на камиони, делумно како резултат на пандемијата на Ковид-19 и делумно поради Брегзит. Околу 25.000 возачи на тешки товарни возила од ЕУ заминаа во текот на 2020 година, а има околу 40.000 кои чекаат за лиценци за тешки товарни возила.

Според Здружението за транспортни претпријатија, Владата не го сфаќа проблемот доволно сериозно. „Просечната возраст на возач на камион во Велика Британија е 57 години, секојдневно овој проблем се влошува, бидејќи сè повеќе и повеќе возачи се пензионираат“, вели Род Мекензи, раководител во Здружението.

Доколку е потребно, британскиот секретар за транспорт, Грант Шапс, рече дека британските војници ќе бидат распоредени да ги возат цистерните за гориво во согласност со планот за вонредни ситуации. „Ако навистина помогне, ќе им ја довериме задачата.“

Нафтената криза во 1973 година создаде пукнатина во британската надворешна политика и овозможи Британија да развие топли односи со арапските земји богати со нафта. Овој пат, Велика Британија може да ја смени имигрантската политика и да земе повеќе бегалци во земјата, што може да го растовари пазарот за вработување.

* Мислењата изразени во овој текст се авторски и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın