Анализа на вести

Последиците од израелските обиди за демографски промени во Кудс

Израел не го практикува само апартхејдот, туку врши и етничко чистење за да ги исели Арапите од регионот

Syed Iftikhar   | 28.05.2021
Последиците од израелските обиди за демографски промени во Кудс

Пишува: Ифтикар Гилани

АНКАРА (АА) -

Иако неодамнешното израелско бомбардирање на Газа можеби го сврте вниманието од деложацијата на палестинските семејства од Кудс (Ерусалим), настојувањата на Израел да прави демографски промени и обидите за контрола на комплексот „Ал Акса“ во Светиот град, со себе носат далеку поголеми последици за безбедноста на регионот.

Поттикнувач на моменталните кризи беше деложацијата на палестинските семејства од Шејх Џерах, кварт во кој живее претежно палестинско население во Источен Кудс, два километри од Стариот Град. Тоа нагло прерасна во протести, а потоа израелската полиција претресе и претепа луѓе кои се собраа заради клањање намаз (молитва) во Џамијата „Ал Акса“ во рамазанската ноќ Лејлетул кадр, на 10 мај.

На крајот на шестдневната војна во 1967 година, кога Израел ја презеде контролата над Источен Кудс (Источен Ерусалим), се согласи да го задржи статус квото во „Ал Акса“, кој го вклучуваше „Кубат ас Сакра“ и сребрената купола на Џамијата „Ал Акса“. На јорданскиот вакаф му беше дозволено да управува со неа. На Евреите им беше дозволен пристап на ѕидот „Ал Бурак“ на западната страна на „Ал Акса“ за да го одржат мирот. Но, со текот на годините, Израел, постапувајќи според планот, не само што ги иселува муслиманите од градот туку им го отежнува и пристапот до „Ал Акса“.

Бројките покажуваат дека популацијата на израелските доселеници во Кудс расте со побрзо темпо од населението на Израел. Според израелскиот Државен завод за статистика, вкупната бројка жители на Кудс во 2016 година беше 882.700, вклучувајќи 536.500 Евреи, 319.800 муслимани, 15.800 христијани и 10.300 неопределени.

До почетокот на 20 век муслиманите имаа мнозинство во градот. Според османлиските даночни регистри, кои ги забележаа авторите Амном Кохен и Бернард Луис во својата книга „Населението и приходите во градовите на Палестина во 16 век“, бројот на Евреите во 1553 година беше 1.958, муслимани - 12.154 и христијани - 1.956, додека вкупниот број жители изнесува 16.068.

Авторите Мишал Орен-Нордеим и Рут Карк во 1832 година во својата книга „Кудс и околината: квартовите, соседствата, селата“, забележаа дека во градот живеат 4.000 Евреи, 13.000 муслимани и 3.460 христијани.

Според арапско-јорданските истражувања и статистиката, бројот на Евреите во 1918 година достигна 10.000, додека бројот на муслиманите беше околу 30.000.

Пописот на населението кој го спроведоа Британците пет години по Балферовата декларација од 1917 година откри поинаква приказна.

Бројот на Евреите во 1922 година е зголемен на 33.971, додека останаа 13.413 муслимани. Бројот на христијани беше 14.669. Вкупниот број населеници е зголемен на 62.578.

Истражувачите Манаше Харел и Ори Стендел во 1944 година забележаа дека бројот на еврејското население изнесува 97.000, муслимани беа 30.600, а христијани - 29.400. Овие автори тврдат дека набрзо по војната во 1967 година, Евреи имаше 195.700, муслимани беа 54.963, а христијани - 12.646. Вкупната бројка жители на градот во времето на шестдневната војна изнесуваше 263.307.

- Дискриминаторски закони -

Во текот на годините, Израел усвои дискриминаторски закони со заеднички план на иселување на муслиманите од градот. Според законот, ако муслиманка се омажи надвор од градот, таа губи право на живот и поседување имот во градот. Овој закон е против секоја родова рамноправност и правдата.

Пред неколку години, во текот на мојата посета на Кудс, двокатна куќа на арапско семејство во Стариот Град беше преземена во текот на неговото отсуство. Семејството отиде да присуствува на склучувањето брак на нивни роднина надвор од градот. Кога членовите на семејството се вратија по седум дена, затекнаа отклучени врати, нивните работи на улица и внатре еврејско семејство. Кажано им е дека властите во нивно отсуство ја доделиле куќата на еврејско семејство бидејќи куќата ја пронашле „напуштена и заклучена“. Такви инциденти прилично често се повторуваат во Светиот град.

Слична приказна се повтори во Шејх Џерах, релативно просперитетниот арапски кварт познат по арапските и мароканските ресторани. На локалитетот наречен по лекар од 12 век, чиј гроб се наоѓа во населбата, сместена е османлиската палата, која денес е претворена во хотел.

Јордан, кој беше владејачка власт во Источен Кудс, во 1956 година смести 28 палестински семејства, раселени во 1948 година, во нови домови кои ги изгради Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (ОН). Добија сопственост над имотот во рок од три години во замена за одрекнување од статусот бегалец.

Но во 1972 година, доселеничките групи тврдеа дека тоа земјиште е во еврејска сопственост. На таа основа добија правна основа за да на палестинските семејства им наплатат станарина. Од 2002 година десетици Палестинци се иселени од населбата, како и од почетокот на 2020 година, со согласност на израелските судови, кои наредија деложација на уште 13 семејства.

Комбинираните политички, демографски и економски алатки кои израелските власти ги користат за потиснување на карактерот на Кудс и создавање демографска рамнотежа во корист на Евреите е еден од најстрашните предизвици за безбедноста на регионот. Претходно, Израел не им дозволи на палестинските власти да постават гласачки места за сега веќе одложените избори за Палестинскиот законодавен совет, кои првично беа закажани за 22 мај.

- Жители под притисок -

Луај Шабанех, шефот на палестинскиот Државен завод за статистика во Рамала, пишувајќи за весникот „Ерусалим квартерли“ (Jerusalem Quarterly), рече дека на палестинската Влада во текот на годините ѝ било забрането пружање услуги во градот. Од друга страна, услугите кои ги нудат израелските функционери не се рамномерно распоредени меѓу жителите во градот.

„Поради овие разлики жителите се под постојан притисок да го напуштат градот и избегнат забрана за изградба и високи трошоци за добивање градежна дозвола кои се движат помеѓу 25.000 и 30.000 долари, што е голем трошок за Палестинците“, напиша Шабанех.

Според студијата која ја спроведе Меир Маргалит, поранешниот советник на Кудс, трошоците за градежна дозвола во палестинските подрачја за објект за домување од 200 квадратни метри изнесуваат речиси 100.000 американски долари.

Оваа цена не ги вклучува трошоците за приклучување на канализациската мрежа или за ангажирање адвокат. Целта на оваа тактика, трошоците за стекнување градежна дозвола да се направат повисоки од самата изградба, е да се присили арапското население да се исели од градот.

Освен креирањето на демографските промени, израелските власти сѐ повеќе и повеќе на Палестинците им го отежнуваат пристапот до „Ал Акса“, ускратувајќи им го правото на молитва и аџилак.

Иако на туристите им е дозволено да ја посетат „Ал Акса“, Израел не им допушта на Палестинците, кои живеат само неколку километри подалеку на Западниот Брег, да го посетат ова свето место.

Жителите на Витлеем, палестинскиот град оддалечен само 10 километри јужно од Кудс, можат да ја видат сребрената купола на Џамијата „Ал Акса“ и Куполата на карпата како стојат високо над градот, но не можат да патуваат во Кудс. Учител во училиште под водство на ОН во тој град ми рече дека го посетил градот пред некои 14 години и клањал на светото место. Оттогаш, оддалеку ги гледа куполите.

Не само што Израел на Палестинците им го ускратува правото на молитва и посетување на светите места од Кудс и другите делови на Западниот Брег, туку им изгради и одвоени патишта и автопатишта до Мртво Море и другите подрачја, што е најлош облик на апартхејдот. Израел не го практикува само апартхејдот, туку врши и етничко чистење за да ги исели Арапите од регионот.

Во секој случај, нема пречки ниту во едно движење. За да дојдеме до конечен заклучок, на лидерите и на народот им треба постојаност и охрабрување на создавање сѐ повеќе сојузници на домашниот и меѓународниот фронт. Тркалата на историјата се придвижуваат, но понекогаш бавно. Договорот помеѓу силниот и слабиот исто така не трае долго. Дури и за донесување договор на маса, треба да се биде политички и морално силен. Тоа се лекциите кои историјата ги даваше со векови и не се докажани како погрешни.

*Мислењата изразени во овој текст се авторски и не ја одразуваат нужно уредничката политика на Агенција Анадолија (АА).


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.