Анализа на вести, Коронавирус

Пасош за вакцинација: Теорија на заговор спроведена во реалност

Пасошот за вакцини се очекува да почне да се користи во јуни. Сепак, неуспехот на ЕУ во справувањето со Ковид-19, со себе ги носи прашањата во врска со навремената подготовка на сертификатот за вакцина и управувањето со процесот.

Yusuf Kaya   | 19.03.2021
Пасош за вакцинација: Теорија на заговор спроведена во реалност

БРИСЕЛ - ЈУСУФ КАЈА -

Поради епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), кој нѐ изложи на неизбежни промени во сите области на нашите животи повеќе од една година, почнувајќи од нашата секојдневна рутина па до нашите општи навики, сега се соочуваме со воведување на втор пасош за патувања што ќе го покажува нашиот здравствен статус.

Светот не може да ја запре епидемијата, и покрај предупредувањата, ограничувањата, па дури и покрај вакцините. Иако може да постои трошка надеж поради наближувањето на топлото време и масовната вакцинација во наредните месеци, нема гаранција дека нашите животи ќе се вратат во нормала.

Европската Унија (ЕУ), која од социоекономски аспект е значително погодена од епидемијата, не можејќи да го издржи постојаниот притисок на некои земји членки со туристички ориентирани економии, со цел да се спроведуваат барем слободни патувања, одлучи да воведе пасош за вакцинација, што до неодамна за некои претставуваше „теорија на заговор“.

Идејата за пасош за вакцинација за првпат се слушна во писмото што до Комисијата на ЕУ го упати Кирјакос Мицотакис, премиерот на Грција, земја во која секое петто лице работи во туристичкиот сектор. Оваа идеја ја поддржа и Шпанија, која е во слична позиција со Грција. Сепак, земјите како Франција, Германија и Белгија се спротивставија на оваа идеја, изразувајќи ја својата вознемиреност дека вакцината сè уште не е достапна за секого и дека тоа би довело до неправда.

Меѓутоа, со прописите донесени од страна на Комисијата на ЕУ, добиена е согласност и од оние што не се согласуваа, па со прес-конференцијата на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и официјално започнаа активностите за „пасош за вакцинација“.

Приоритет на иницијативата е граѓаните да можат слободно да патуваат во рамките на ЕУ без ограничувања. Инаку, некои земји членки на ЕУ вршат проверки на границата и се во можност да ги одвратат луѓето од границата, и покрај тоа што тие се граѓани на ЕУ. Од самиот почеток на епидемијата на Ковид-19 досега, имаше многу настани кои му наштетија на разбирањето на единството, а тоа ја зголеми дозата на критики кон администрацијата на ЕУ. Згора на тоа, фактот дека земјите вршеа гранични проверки, пред сè, ја доведе Комисијата на ЕУ во тешка ситуација.

- Кои информации ќе бидат во пасошот за вакцинација?

„Пасошот за вакцинација“ или „сертификатот за вакцинација“, документот што ќе биде во форма на КуЕр-код во дигитална форма или отпечатен на хартија, ќе покаже дали лицето е вакцинирано или не против Ковид-19, и ако е, каде и со кој вид вакцина. Исто така, во овој документ, доколку лицето ја прележало болеста, ќе бидат вклучени и податоците за нивото на антитела и резултатот од Ковид-19 на ПЦР-тестот или на брзиот тест за антиген.

Унијата автоматски прифаќа вакцини одобрени од Европската агенција за вакцини, како што се очекуваше. Тоа се „Фајзер“/„БајоНТех“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“. Се знае дека во рамките на ЕУ, Унгарија и Словачка користат кинески и руски вакцини, а и Италија и Чешка ги отвораат вратите за овие вакцини. Всушност, ЕУ, прифаќањето на вакцините што доаѓаат од други земји надвор од четирите западни компании им го остави на своите членки.

Пасошот за вакцини се очекува да почне да се користи во јуни. Сепак, неуспехот на ЕУ во сите фази на процесот на избувнување на епидемијата на Ковид-19, со себе ги носи прашањата во врска со навремената подготовка на сертификатот за вакцина и управувањето со процесот.

Во ова време минатата година, администрацијата на ЕУ не можеше да одговори на повиците за помош на нејзините членки, особено на Италија, и да ги исполни итните потреби на земјите, како што се маски и респиратори, и иако со компаниите склучи договори за набавка на 2,5 милијарди дози вакцини, не успеа во тоа.

Додека некои земји во Европа стравуваат од трет бран, лошото управување со процесот на пасошот за вакцинација ќе предизвика неизбежен трет бран критики за администрацијата на ЕУ.

- Како пасошот за вакцинација ќе влијае врз земјите што не се членки на ЕУ?

Не е точно размислувањето дека со пасошот за вакцинација, слободното патување ќе биде привилегија само на граѓаните на ЕУ. Најголеми противници на тоа (слободно да патуваат само граѓаните на ЕУ) се Грција и Шпанија, кои за цел ги имаат британските туристи. Комисијата, како и секое прашање што не може да го реши, иницијативата им ја препушта на релевантните членки на ЕУ.

Секоја земја ќе продолжи да прифаќа лица кои не се жители на земјите членки на ЕУ, кои се вакцинирани, а доколку не се вакцинирани, со негативен резултат на ПЦР-тест. Како и во досегашната практика, земјите членки можат да стават ограничувања за оние кои доаѓаат од земјите што се области со висок ризик.

За крај, колку и да е пасошот за вакцинација ексклузивен за ЕУ и се наоѓа на нашата агенда, се чини дека според текот на епидемијата, неизбежно е оваа апликација да се прошири низ целиот свет. Заедно со епидемијата, иницијативата што повеќето од нас ја гледаат како теорија на заговор, се наоѓа пред прагот да се врати во нашите животи како реалност.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.