Анализа на вести

Палестинското прашање: Од индивидуално внимание до корпоративно признавање

Статија на турскиот заменик-министер за култура и туризам, д-р Сердар Чам

Ekipa   | 16.06.2020
Палестинското прашање: Од индивидуално внимание до корпоративно признавање

АНКАРА (АА) - Вечна им слава на сите маченици и херои од нашиот духовен свет, кои ги дадоа своите животи и за нив посакуваме божја милост. Нивниот пат е наш пат, нивните проблеми се наши проблеми. Република Турција е точка на интеграција на 2 милијарди муслимани од Киркук до Сараево, кои се во потрага по воспоставување фер и правичен ангажман во одбрана на чувствителноста на Ерусалим.

Оваа статија е напишана како еден вид разговор за палестинското/израелското прашање.

- Да се ​​биде дел од распарчувањето -

Од почетокот на 19 век, сите муслимански територии биле жртви на империјална окупација, директно или индиректно. Овие окупации главно се одвиваа преку долгорочни директни воени инвазии или преку раководствата, чиј отпор бил скршен. Денес, тие продолжуваат со еден чуден и вознемирувачки процес во кој од една страна е вклучено насилството од ДЕАШ/талибанците, а од друга страна предавничката соработка, економската зависност, културната ерозија, политичко/социјалната опсада и многу други постмодерни притисоци и заплашувања.

Иако политичкиот поредок по Втората светска војна заснован врз НАТО - Запад и Варшавскиот пакт - Советскиот Сојуз пропадна по 1990 година, балансните механизми на мултиактерскиот светски систем сè уште не се воспоставени. Политички нестабилности и нови политички, социјални и религиозни движења се појавија во многу исламски градови по должината на една широка оска, што се протега од Мароко до Индонезија.

Во име на исламот се формирани структури, чии имиња наликуваат на оние во минатото, притоа испразнувајќи им ја суштината, играјќи си со нивната генетска структура, претворајќи ги буквално во ГМО (генетски модифицирани продукти).

По случувањата на 11 септември започна процесот на окупацијата на Авганистан, продолжувајќи со втората окупација на Ирак, втерувајќи ги муслиманите во ќоше од секој аспект.

Покрај традиционалните напади на медиумите, се наоѓаме во време во кое нападите се спроведуваат и преку социјалните мрежи, при што на лесен начин луѓе, организации или држави се етикетираат како „терористички поддржувач/терорист“ и се жртви на грди напади.

Изјавата „една минута“ на Самитот во Давос не е само настан што треба да биде врежан во 50-годишната историја на состаноци на Давос, туку и универзална позиција на совеста што треба да биде забележана во светската политичка историја.

- Турција преку државните институции и невладините организации се грижи за Палестина -

Откако станаа симбол на приговор кон глобалниот систем на експлоатација, добро се познати напорите на претседателот Ердоган, кој целиот свој живот го посвети во служење кон нацијата и државата, да ги интегрира турските здруженија, фондации и организации од приватниот сектор со светот и да ги направи ефективни на меѓународното поле за да им се помогне на жртвите и угнетуваните од светот.

Турскиот претседател, кој е една од животните артерии на турско-исламскиот свет во однос на палестинското прашање, лично ги следеше и беше извршна моќ и ги мобилизираше сите институции и организации во владите на чие чело беше.

Тој го следеше скоро секој проект, што се одвиваше надвор, одделно, градејќи патишта фокусирани кон решенија.

Првиот хаос предизвикан од потрагата по нов поредок во меѓународните односи се случи во 1990-тите во Југославија.

Со распадот на Југославија, бевме потресени од масакрите што доведоа до геноцид во Босна и Херцеговина, која е наша зеница во окото. Бевме сведоци на фактот дека нашите невладини организации во Босна и Херцеговина беа организирани на терен пред многу други држави и дека сите ние вложувавме напори за пружање хуманитарна помош и за солидарност.

Во периодот што следува, турските невладинини организации помогнаа во Моро, Чеченија, Кашмир, Палестина, Аракан, Киркук, Сомалија. И нашата нација и држава ја поддржаа волјата на нашето граѓанско општество да им донесат милост и добрина на угнетените во светот.

Како резултат на политичката поделба на Фатах - Хамас во Палестина, дојде до поделби меѓу Западниот Брег и Газа.

Иако овие географски и политички разделби им создаваа проблеми на муслиманите од Газа и растеа од ден на ден, регионот до одреден степен дишеше благодарение на нашите хуманитарни организации кои ја преземаат иницијативата.

Кога угнетувачките блокади и ембаргото на Израел во Газа станаа неподносливи за луѓето од регионот, турските невладини организации со голема посветеност презедоа иницијатива и активности, кои беа гордо следени од нашата нација.

- Турција со активна дипломатија бара решение за кризата -

Односите меѓу Израел и Турција почнаа да слабеат во периодот кога Турција стана посредник во мировните средби на Блискиот Исток, особено по израелските напади врз Газа во 2008 година. Во периодот кога Турција стана посредник на средбите за помирување меѓу Израел и Сирија, тензиите уште повеќе се зголемија.

На 29 јануари 2009 година во Давос се одржа Светскиот економски форум, а во моментите кога претседателот на Израел, Шимон Перес, почна да дава неправедни и незаконски изјави против Палестинците, претседателот на Турција се сврте кон израелскиот претседател и кон модераторот на средбата со зборовите „една минута“ (one minute), изјава што влезе во историјата на светската политика. Оваа изјава на Самитот во Давос беше во време кога светот ги доживуваше ефектите од економската криза и секој меѓународен актер, особено земјите во развој, беа во потрага по „добри односи“ со финансискиот капитализам на развиените земји, со цел да обезбедат ресурси за сопствената земја.

Изјавата „една минута“ не беше изјава што се однесуваше само за Израел и неговиот масакр во Газа, при што гестот „Повеќе не доаѓам во Давос“ на претседателот на Турција претставува чин на храброст и решителност да застане наспроти капиталистичкиот систем на експлоатација.

Таквиот став во време на економската криза на глобално ниво беше сфатен како храброст да не се наведне главата пред политичките закани и напади од страна на финансиските центри.

Изјавата „една минута“ на Самитот во Давос не е само настан што треба да биде врежан во 50-годишната историја на состаноци во Давос, туку и универзална позиција на совеста која треба да биде забележана во светската политичка историја. Кога тоа се оценува заедно со пораката „Светот е поголем од 5“, имаме директна критика на системот на Обединетите нации (ОН) изграден од глобалните напади по Втората светска војна.

Селџучката, османлиската култура и разбирање, кои се отворени за соработка со светот, но зборуваат право во лице за кршењето на основните човечки вредности, во ерата на Република Турција се реконструираа во современ систем на меѓународни односи.

По Арафат, кој го привлече вниманието врз Палестина на глобално ниво, тогашниот премиер на Турција, Реџеп Таип Ердоган, беше првиот лидер кој изврши моќен протест и акција во 2000-тите години.

Секој дел од светот, од Латинска Америка до Европа, од суровите до угнетените, се стресе по изјавата „една минута“, при што 7 милијарди луѓе од светот се фокусираа кон Палестина.

На 31.5.2010 година волонтери од различни нации со брод тргнаа на пат, со цел да се укине ембаргото против Газа, но беа подло нападнати при што 10 лица беа убиени, а повеќе од 50 луѓе беа ранети. Инцидентот на бродот „Мави Мармара“ се случи во период кога Турција почна да го преиспитува системот на меѓународна експлоатација и беше многу болно преживеан во време кога се вложуваа напори за воспоставување мир.

Од друга страна, по 2010 година, започнаа да се случуваат важни промени на Блискиот Исток и Северна Африка. Избија граѓанските војни во Сирија и Јемен. Eгипетскиот претседател Мухамед Морси, кој беше избран за претседател на Република Египет, беше симнат од власт со воен удар. Mногу држави, особено Русија, САД и Иран, беа вклучени во прашањата на Блискиот Исток преку сириската граѓанска војна. Политичкото влијание на Иран во Ирак, Сирија, Јемен и Либан започна постепено да се зголемува. Израелските неправди и притисоци на оските Ерусалим и Западниот Брег станаа уште понасилни. Се влезе во период кога Египет, Обединетите Арапски Емирати и антитурските блокови, далеку од реалноста, со привремена агенда, краткорочно ги зголемија напорите против Турција и Ердоган.

Во периодот кога нашите дипломатски односи со Израел беа поефективни, голем број официјални и цивилни организации за хуманитарна помош од Турција и од светот можеа да најдат можности да им помогнат на луѓето од Газа. Во тој период населението во Појасот Газа, кое надминува 2 милиони, имаше уште поголеми проблеми за да се снабди со основните потреби за живот, како што се средствата за хигиена и место за засолнување. Откако ослабеа дипломатските односи (особено кога Соединетите Американски Држави својата амбасада ја преселија во Ерусалим и настанатите тензии потоа) на преден план излегоа хуманитарните организации од Газа поддржани од меѓународните актери. Изборот на некои меѓународни организации и политички структури во регионот стана пресуден.

- По состаноците да се биде на терен: Наша конкретна и континуирана поддршка за Палестина -

Од јули 2020 година, Израел се подготвува да ги анектира Јорданската Долина и регионите каде што се наоѓаат доселениците на Западниот Брег. Сите погрешни чекори преземени со логиката „Јас го направив и се случи“ ќе бидат пренесени на идните генерации како наследство на „криза“. Новите „војни Израел/Газа“, кои се неодржливи, невозможни за управување, осиромашени, може да предизвикаат местото да стане гнездо на нови безбедносни вируси и да го загрози мирот во регионот. Брзо напредува кон процес во кој „конфликтните“ области во името на таканаречениот „мир“ ќе се зголемат уште повеќе.

Треба да се верува во тоа дека ако потчинетиот стане злосторник, во игра ќе влезе божествената судбина и повторно ќе се врати во позицијата да биде потчинет. Турција е првата муслиманска земја која го призна Израел, во 1949 година. Неверувањето на советите и правичниот пристап на раководството на Анкара, чија активност во регионот се заснова на јаки темели, а исто така неценењето на моќта и вештината на неговиот водач, е огромна историска загуба.

Турција со институциите, како што се Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Турската дирекција за верски работи (Дијанет), турската Црвена полумесечина „Кизилај“ и Турската хуманитарна организација „ИХХ“ ќе продолжи да им помага на тие што имаат потреба. Сите беа сведоци на она што го постигнаа овие институции последниве години.

Благодарение на државната болница „Тубас“, која беше изградена од ТИКА во северниот дел на Западниот Брег, обезбеден е значителен успех за здравјето на мајките и децата.

По нападот на Израел во 2008 година, инфраструктурата на Појасот Газа се распадна. Од 2007 година, како резултат на ембаргото и блокадата наметнати од копно, море и од воздух, економскиот и социјалниот живот претрпе големи штети. Пристапот до чиста вода е голем проблем во Појасот Газа веќе долго време. Уништени се системите за вода за пиење, инфраструктурата за отпадните води и за земјоделското наводнување. Количината на стока што е дозволено да влегува во Газа, во зависност од односите меѓу Појасот Газа и Израел може да се намалува или зголемува. На тој начин граѓаните на Газа се под притисок. Се следи политиката на „морков - стап“.

Растојанијата за риболов, главниот извор на егзистенција на населението на Газа, исто така, произволно се менуваат во границите од 3-6-9 милји. Ситуацијата стана уште понеподнослива поради фактот што резервоарите за гориво на единствената централа во Појасот Газа се оштетени. Затоа електричната енергија мора да се снабдува однадвор. Со лично ангажирање на нашиот претседател, преку ОН се испорачуваше гориво за електричната централа.

Како што може лесно да се види во тековните извештаи подготвени од ОН за Газа, 95 отсто од достапната вода во Газа не е погодна за употреба. Во однос на овој проблем Турција ги продолжи започнатите активности за санитарните и пречистителните станици и снабдувањето со хлор.

Иако економскиот живот во Газа е директно засегнат од ембаргото и блокадата, при секоја наша посета бевме восхитени од живоста, надежта и трудољубивоста на населението. Турција обезбеди десетици трактори и друга земјоделска опрема за семејствата што се занимаваат со земјоделство, за семејствата што се занимаваат со сточарство однесени се говеда и овци, а за тие што произведуваат маслинки и производи од нив обезбедена е опрема. ТИКА изгради објект за производство на маслиново масло. Овој објект продолжува да придонесува за економијата во Газа и да продава маслиново масло на Западниот Брег и Израел, во обем колку што дозволува Израел.

Исто така, значаен е и проектот „Центар за стручно оспособување на лица со инвалидност“, развиен за стотици браќа и сестри кои поради војните во Газа се принудени останатиот дел од животот да го поминат како физички инвалиди. Овој проект, кој доби голем број меѓународни награди, е поддржан и од други донаторски организации. Служи како центар за одржување на надежта за Палестинците, кои ја изгубија способноста да гледаат и да слушаат и се со физички инвалидитет. Турските куќи во Газа, кои се состојат од 20 блока, изградени за вдовиците и сирачињата од Газа што ги загубија своите домови во војната во 2014 година, станаа дом за најпогодените делови на општеството.

- Резиме -

Денес, врз основа на напорите на нашата држава [Турција], кои се засноваат на регионалниот мир во поделената географија на Блискиот Исток, настојуваме да стоиме до сите наши палестински браќа. Ние се обидуваме да ги мобилизираме можностите на нашата држава за единство и интегритет на Палестина. Нагласуваме дека мирот не ѝ е потребен само на Палестина, туку и на целиот регион. Постојаниот мир може да се постигне само со фер начин и еднаков пристап, без да се исклучи ниту еден дел од општеството. Инаку, нема да можеме да ја избегнеме болната слика и погубните резултати од таканаречениот „Мировен план“ изготвен еднострано, кој ги остава настрана историските вистини и меѓународното право.

За прашањето на Ерусалим, не ни е потребно да даваме површни рефлекси, туку да развиеме една глобална мировна средина.

Горчливите настани од минатиот век нè натераа сите да созрееме и поинтелигентно да ги разгледуваме работите. Но и овој пат, лагите и неморалноста во социјалните медиуми можат да спречат да се стигне до вистината. Не треба да дозволиме темните кругови што ги знаат нашите емоции и чувствителност, да ја претворат нашата супериорност во слабост. Секој чист поток во кој влегуваат нечисти раце се загадува и таа нечистотија се одлива во реките, морињата, океаните. Треба да разбереме и да научиме дека секое прашање има дел што се гледа и што не се гледа и затоа многу е важно да имаме повеќестрани соработки. Нема ниту еден проблем што не може да се реши ако се воспостават заедничките интереси и ако се покаже фер, морален и искрен став.

Ако нашата цел е да водиме ширење „мир“ и „почит“ на земјата, „нашата цел, нашиот идеал е еден и единствен“.

[д-р Сердар Чам, заменик-министер за култура и туризам на Турција]


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın