Анализа на вести

Можната мисија на Турција во Авганистан: Можности и предизвици

Мисијата што Турција сака да ја преземе во Авганистан мора да се гледа во контекст на историското чувство на одговорност на Анкара кон Кабул и во неговото разбирање на нејзината улога како регионална сила

Rahimullah Farzam   | 07.07.2021
Можната мисија на Турција во Авганистан: Можности и предизвици

Пишува: Рахимула Фарзам

- Авторот е експерт за надворешна политика во Центарот за ирански студии (IRAM) во Анкара и ги истражува недржавните актери во Иран и на Блискиот Исток.

ИСТАНБУЛ (АА) - Напредокот на талибанците продолжува додека американските трупи и силите на НАТО се повлекуваат од Авганистан. Скоро 90 од 388 окрузи во земјата паднаа во рацете на талибанците откако американскиот претседател Џо Бајден во април го објави својот план за повлекување.

Одлуката на авганистанскиот претседател Ашраф Гани да го смени министерот за одбрана и внатрешни работи не беше доволна да го запре ширењето на талибанците и тие во изминатите недели освоија повеќе од 20 населени места и дистрикти.

Бајден, кој го повика Гани во Вашингтон откако авганистанските сили ја изгубија позицијата против талибанците, вети дека американската поддршка за Авганистан ќе продолжи.

Иако САД и земјите членки на НАТО планираат да ги повлечат своите трупи од Авганистан до 11 септември, на дневен ред е безбедноста на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во главниот град Кабул, со кој би управувала Турција.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, разговараше за тоа прашање со својот американски колега на последниот самит на НАТО и најави дека се близу до постигнување договор.

Истакнувајќи дека постои консензус за Авганистан, Ердоган рече: „Ако не сакаат да го напуштиме Авганистан, ако таму ја сакаат [турската заб. ав.] поддршка, тогаш дипломатската, логистичката и финансиската поддршка што ќе ни ја пружат САД ќе биде од големо значење.“

Сочувувањето на безбедноста на аеродромот во Кабул е важна цел на НАТО и западните земји по повлекувањето. Аеродромот во Кабул е од клучна важност како точка за евакуација во случај на нагло зголемување на насилството по целосното повлекување на САД или доколку е загрозена безбедноста на главниот град.

Западните земји особено истакнуваат дека доколку не биде зачувана безбедноста на аеродромот, нема да биде можно да ги продолжат своите дипломатски мисии во Кабул. Австралија е првата земја што најави дека ќе ја затвори својата амбасада во таа земја од безбедносни причини. Доколку не се зачува безбедноста на аеродромот, се очекува пораст на бројот на земји што ќе ги затворат своите дипломатски мисии во Авганистан.

- Можни прилики и ризици -

Можните прилики и ризици што доаѓаат со новата турска мисија во Авганистан ќе зависат од опсегот на мисијата. Според прелиминарниот договор постигнат со САД, се заклучува дека одговорноста на Турција ќе биде ограничена на чување на безбедноста на аеродромот во Кабул, и дека Анкара нема да учествува во воените операции, како што беше и досега. Како што истакнавме претходно, аеродромот во Кабул е можеби единствениот авганистански влез во светот. Од таа причина, аеродромот е од витално значење за дипломатските мисии во земјата да продолжат со своите активности по повлекувањето на американските и НАТО-силите. Безбедното функционирање на аеродромот е исто така многу важно за меѓународните хуманитарни организации да можат да доставуваат хуманитарна помош во земјата. Турција е единствената муслиманска земја во НАТО и блиските односи што ги има со авганистанската Влада и луѓето се пресудни фактори за преземање на оваа задача.

Присуството на Турција во Авганистан може да ѝ овозможи дополнително зајакнување на соработката со оваа земја во многу области, од економијата до безбедноста.

Иако постојат наводи дека САД ја разгледуваат можноста за пренесување на заштитата на аеродромот на приватна компанија како алтернатива за Турција, минатите искуства откриваат дека оваа метода не е реална. Оттаму, Турција, која презема таква критична задача, е од голема важност за односите меѓу Анкара и Вашингтон, како и за односите меѓу Анкара и НАТО. Мисијата што ќе ја преземе Турција во Авганистан не само што ќе создаде подрачје на соработка со САД, туку и ќе ја зајакне позицијата на Анкара во НАТО. Во тој контекст, турско-американската соработка во Авганистан може да помогне во надминување на некои неодамнешни несогласувања што имаа големо влијание врз односите Анкара - Вашингтон. Покрај тоа, не смееме да го занемариме ставот дека присуството на Турција во Авганистан долгорочно би го зголемило влијанието на Анкара во регионот. Северен Авганистан дели заеднички граници со Узбекистан, Туркменистан и Таџикистан и се отвора кон широка територија (вклучувајќи го туркискиот свет). Географската предност, што би произлегла од присуството на Турција во Авганистан, може да ѝ помогне на Анкара во развивањето на блиски стратешки односи со тие земји. Таквото приближување би било од голема корист за Турција во однос на заедничката историја и култура, како и политички и економски. Особено со отворањето на коридорот Накчиван-Баку по случувањата во Нагорно Карабах, поврзаноста на Турција со туркискиот свет ќе биде дополнително зајакната со нејзиното присуство во Авганистан. Турција има стратешки односи и со Пакистан. Присуството на Турција во Авганистан може да придонесе во зајакнување на соработката со Пакистан во многу подрачја.

Од друга страна, географската положба на Авганистан може да ѝ донесе на Турција многу предизвици, заедно со новите можности што ги пружа.

Бидејќи многу земји во регионот со години се вклучени во прашањето за Авганистан и секоја од нив следи различни стратегии што се во согласност со нивните сопствени интереси, допрва треба да постигнат консензус за поддршка на мирот и стабилноста во Авганистан. Стратегиите на земјите во регионот, кои со години се вклучени во прашањето за Авганистан, имаат сериозни меѓусебни разлики. Од таа причина, ќе има исто толку актери што ќе се спротивстават на турското присуство во Авганистан, како и оние што нема да се изјаснат.

Претседателот Ердоган по самитот на НАТО на 14 јуни најави дека Турција планира заедничко делување со Пакистан со цел поддршка на мирот во Авганистан. Со оглед на блиските односи меѓу Анкара и Исламабад, не се очекува Пакистан да се спротивстави на военото присуство на Турција во Авганистан. Меѓутоа, тоа не може да се каже за Индија, најзначајниот ривал на Пакистан во регионот. Не е тешко да се предвиди дека Индија, која со години води посредничка војна во Авганистан против Пакистан, ќе се спротивстави на сојузот Исламабад - Анкара во оваа земја.

Покрај тоа, Иран и Саудиска Арабија, двата традиционални ривали и влијателни актери во регионот, не би сакале Турција да добие нов ангажман во Авганистан. Исламската Република Иран секогаш била блиску заинтересирана за тоа прашање во текот на своето 42-годишното постоење, гледајќи го Авганистан во рамките на својата природна сфера на влијание. Техеран, кој на талибанците гледаше како на средство на Саудиска Арабија за стекнување влијание во регионот во текот на 1990-тите и го поддржа Северниот сојуз против него, соработуваше со талибанците против присуството на другиот сопарник во Авганистан, САД, со промена на конјунктурата во 2000-тите. Техеран, кој во моментов ги одржува односите и со администрацијата на Кабул и со талибанците, настојува барем во новиот период да ги консолидира своите интереси и сферата на влијание во Авганистан.

Русија отсекогаш била една од земјите кои имале одредена чувствителност во врска со случувањата во Авганистан. Русија е во тесна комуникација и со централната Влада и со талибанците, слично како Иран. Москва неодамна беше домаќин на низа меѓуавганистански мировни преговори. Честопати критикувајќи го присуството на САД и НАТО во Авганистан, Русија не би сакала Турција, уште една членка на НАТО, да стекне влијание во оваа земја. Меѓутоа, Русија, која има многу лоша репутација меѓу Авганистанците поради негативните минати искуства од Советскиот Сојуз, има многу ограничено влијание и средства за стекнување влијание во Авганистан во споредба со другите актери.

Главната безбедносна загриженост на Кина, растечката сила во регионот, во врска со Авганистан, е соработката меѓу талибанците и Туркиското исламско движење, што дејствува во регионот Синџијанг. Пекинг, кој ги подобри односите со талибанците благодарение на блискоста со Исламабад, досега успеа да ја спречи таквата соработка. Покрај тоа, Пекинг претпочита стабилен Авганистан поради безбедноста на Иницијативата „Појас и пат“, во која вложи милијарди долари. Во тој контекст, турско-пакистанската соработка, која ја поддржува Кина поради нејзината близина со Пакистан, може да биде едно од најреалните сценарија за воспоставување стабилност и мир во Авганистан.

- Предизвици што следуваат -

Се чини дека предизвиците со кои ќе се соочи Турција во Авганистан не се ограничени на ставовите на регионалните актери. Иако Турција има добри односи со многу локални актери, вклучувајќи ја и администрацијата на Кабул, талибанците се против можната мисија на Анкара во Авганистан.

Портпаролот на талибанското движење, Сухаил Шахин, во интервју за Ројтерс на 10 јуни изјави: „Турција е дел од силите на НАТО во последните 20 години, па како таква треба да се повлече од Авганистан врз основа на договорот што го потпишавме со САД на 29 февруари 2020 година.“ [1]

Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, направи чекор подалеку и рече дека кон Турција нема да се постапува поинаку отколку со САД доколку остане во Авганистан. Обраќајќи им се на иранските медиуми, тој рече: „Турција е муслиманска, братска земја. Меѓутоа, бидејќи е исто така и членка на НАТО, ако остане во Авганистан, за нас тоа не би се разликувало од САД.“

Главната загриженост на талибанците поради новата мисија на Турција во Авганистан е тоа што Анкара е членка на НАТО. Талибанците го нарекуваат 20-годишниот вооружен бунт „џихад против странските сили“. Овој дискурс има пресудна улога во собирањето следбеници и легитимизација на вооружената борба што ја водат талибанците.

И покрај договорот во Доха, кој ги повикува сите странски сили да ја напуштат земјата, талибанците сè уште не ја постигнале таа цел. Затоа, талибанците се загрижени дека присуството на Турција во Авганистан, како дел од НАТО, ќе се сфати дека Алијансата да не ја напуштила земјата. Тоа е причината зошто скоро секој коментар на талибанците за присуството на Турција во Авганистан го нагласува членството на Анкара во НАТО. Инаку, извори блиски до талибанците потврдуваат дека таа организација не би имала проблем со Турција, која е вклучена во мировниот процес во Авганистан како муслиманска земја.

И покрај брзото ширење, талибанците сè уште не ги освоиле градските средишта на ниту еден од 34-те градови во Авганистан. Од таа причина, Турција засега нема да се соочи со талибанците за време на својата мисија во Кабул. Меѓутоа тоа не значи дека не постојат ризици. Голем прашалник е како Турција би го заштитила аеродромот во Кабул, кој е речиси испреплетен со центарот на градот, без воени патроли. За време на воените патроли, талибанците можат да ги нападнат странските сили со далечински управувани бомби и со бомби монтирани на возила паркирани на улиците.

- Турција може да придонесе за воспоставувањето на мирот -

Наспроти врежаното мислење, факторот поради кој Анкара се издвојува за одржување на безбедноста на аеродромот во Кабул се блиските односи на Турција со Авганистан и неговиот народ, а не нејзината воена технологија. Нејзините врски со локалните актери, вклучувајќи ја и централната Влада, како и близината на државите што имаат влијание врз авганистанското прашање, како што се Пакистан и Катар, ја ставаат Турција во потенцијална позиција за посредник помеѓу завојуваните страни во Авганистан. Затоа, мисијата што Турција ќе ја преземе по повлекувањето на САД во Авганистан може да придонесе за воспоставување на мирот во оваа земја.

Мисијата што Турција сака да ја преземе во Авганистан мора да се гледа во контекст на историското чувство на одговорност на Анкара кон Кабул и во неговото разбирање на нејзината улога како регионална сила. Меѓутоа, не би смееле да заборавиме дека Авганистан ќе биде нов предизвик за Турција, која последните години презеде иницијативи за зголемување на своето влијание во Источниот Медитеран, во Африка и Кавказот.

Присуството на Турција во Авганистан содржи елементи што би можеле да влијаат на нејзините односи со оваа земја, како и со земјите од регионот. Овој регион за Анкара ќе стане поважен во наредните години ако Турција ја стекне довербата и поддршката неопходна за продолжување на своето присуство во Авганистан. Меѓутоа, безбедносните и социјалните проблеми во Авганистан, со оглед на тоа што регионот е конкурентно поле за многу регионални/меѓународни сили, а несклоноста на талибанците на турското присуство се фактори кои не треба да се занемарат.

[1] https://www.reuters.com/world/middle-east/turkey-should-pull-troops-afghanistan-under-2020-accord-taliban-spokesperson-2021-06-10/

* Мислењето изнесено во оваа статија му припаѓа на авторот и нужно не ја одразува уредничката политика на Агенција Анадолија (AA).


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın