Анализа на вести

МИСЛЕЊЕ - Мораме да ја зајакнеме борбата против лажните вести за да ги унапредиме односите меѓу Турција и Африка

Абдирашид Мохамед Хаши: „Дури и ако кажувањето лага е последна опција, кажете ја онаа што е поблиску до вистината.“ Ние исто така велиме: „Тешко ѝ е на вистината да стигне до лагата што веќе се пробила во јавната сфера.“

Abdirashid Mohamed Hashi   | 21.12.2021
МИСЛЕЊЕ - Мораме да ја зајакнеме борбата против лажните вести за да ги унапредиме односите меѓу Турција и Африка

ИСТАНБУЛ

Абдирашид МОХАМЕД ХАШИ

На сомалиски велиме: „Дури и ако кажувањето лага е последна опција, кажете ја онаа што е поблиску до вистината.“ Ние исто така велиме: „Тешко ѝ е на вистината да стигне до лагата што веќе се пробила во јавната сфера.“ Се чини дека Сомалијците кажуваат лажни вести со векови пред да постои ваквиот термин.

Во текот на последните месеци имаше пораст на добро координирани напади против придобивките поврзани со безбедноста и развојот во Рогот на Африка, особено во Сомалија, каде што храбро се бориме против меѓународните терористи кои немаат визија или желба за мир, напредок и развој за сомалискиот народ. Кога се води глобална борба од такво значење, овозможувањето партнерства е клучно, а силните односи на Сомалија со Турција помогнаа да се зајакне нашиот национален безбедносен одговор, да се зголеми нашиот човечки капитал и да се зајакне нашата економија преку директна буџетска поддршка и странски инвестиции. Овој успех, како и многу работи во Сомалија, е предмет на наративна манипулација. Затоа, од суштинско значење е ова да се решава заеднички преку силно претставување на влијанието на сомалиско-турското партнерство, користејќи стратешки комуникации.


- Самитот меѓу Турција и Африка беше голем успех

Пред официјалното отворање на третиот самит меѓу Турција и Африка имав задоволство да присуствувам на историскиот Меѓународен самит за стратешка комуникација организиран од Владата на Турција, а застапуван од проф. Фахретин Алтун, директорот за комуникации на турското Претседателство. Самитот беше голем успех во носењето на глобалните медиумски практичари низ јавната и приватната сфера и ги истакна можностите и предизвиците што ги поставуваат медиумите пред сите нас денес. Влијанието на лажните вести низ повеќе платформи беше опширно дискутирано и опасностите од нив се многу очигледни во Сомалија.

Сомалија е нација на пријателски, дружељубиви и интерактивни луѓе. Имаме и силна традиција на вербална комуникација. Сепак, како нација што полека се развива, ние сме ранливи на нерегулирана содржина на интернет. Платформите за дигитални медиуми се многу популарни и имаме над 2 милиони активни корисници на социјални медиуми, што е еквивалентно на 13 отсто од нашата популација. Овие платформи се трансформираа во нашата виртуелна „фади кудирир“ – традиционална јавна сфера позната во сомалиската заедница каде што собираме и се вклучуваме во дискусии и дебати.

Според Статиста, веб-страница за статистика за онлајн комуникации, Сомалија забележала зголемување на интернет-пенетрацијата и поседувањето паметни телефони, што моментално изнесува 50 отсто од населението. Седумдесет отсто од веб-сообраќајот се управува преку паметни телефони и, имајќи предвид дека 70 отсто од населението е под 30-годишна возраст, постои подготвен пазар за лажни вести, доколку не се филтрираат соодветно.


- Лажните вести се вистинска закана

Додека ја пишував оваа статија наидов на неколку лукаво спакувани содржини на лажни вести, кои се опасно консумирани во Сомалија како реалност. Нивното ширење е лесно потпомогнато од апликациите за пораки, како „Ватсап“ и други канали на социјалните медиуми. Ваквите вести што се движат од политика, безбедност, трговија, хуманитарност и здравје, се промовирани од дел од познати личности и влијателни медиумски професионалци, странски аналитичари и корисници на дигитални медиуми со седиште во Сомалија и се поддржани од граѓани од дијаспората кои невино ги промовираат овие лажни стории без проверка на факти. Не секој обрнува внимание на авторот за да побара потврда или пак, на веб-страницата за да открие дали е сигурен извор. Секоја веб-страница, секоја статија и секој автор изгледаат веродостојни без разлика на содржината на нивните стории. Ова е многу опасно во оваа информациска ера каде е распространет популизмот и каде што општествените поделби се во пораст.

За време на самитот меѓу Турција и Африка, кога Турција и африканските нации беа длабоко вклучени во зајакнувањето на соработката, при што сите нации изразија солидарност едни со други во борбата против пандемијата на Ковид-19 и одржливото закрепнување од неа, ние исто така мора да ја разгледаме борбата против лажните вести. Тоа е заеднички приоритет за да успее партнерството.


- Треба многу работи да се направат во борбата против лажните вести

Лажните вести се користат стратешки за да се нападнат односите меѓу Сомалија и Турција денес. Кампањите за лажни вести и дезинформации се недискриминирачки и се обидуваат да го променат влијанието на развојното партнерство меѓу нашите две земји. Лажните вести се всушност клучното оружје на избор за терористите и оние што се обидуваат да го поткопаат напредокот на Сомалија. Причините за нив вклучуваат љубомора и бескрупулозно политиканство, што имаат за цел да ја избркаат Турција од Сомалија заради приватни политички придобивки поттикнати од аутсајдери кои немаат интерес за напредок на сомалискиот народ. Тоа е исто така евтино, не одзема многу време и тешко е да се бара одговорност криејќи се зад екранот. Меѓутоа, оние што продаваат лажни вести не ја разбираат силата на посветеноста на сомалиската и турската Влада и народ да напредуваат заедно. Ова е вистинскиот наслов на вестите и е многу посилен од сите лажни вести заедно.

Колку и да ги цениме напорите на гигантите за дигитална комуникација како „Фејсбук“, „Јутуб“, „Твитер“ и „Ватсап“, кои најавија различни активности во обид да се справат со лажните вести, верувам дека треба многу да се направи во Сомалија за да се запрат лажните вести од тероризирање на нашата земја. Нашата влада веќе ги презеде неопходните чекори за да ги прегледа законите за медиуми и да ги ангажира медиумските организации и практичарите да разговараат за тоа како да се оспорат лажните вести во земјата. Што е уште поважно, Владата користи свои различни традиционални и социјални медиуми за да ги шири вестите за успехот и развојот, а многу реномирани приватни медиумски организации се приклучуваат во обид да го променат постојаниот негативен наратив за Сомалија на националната и глобалната публика.

Третиот самит меѓу Турција и Африка беше успешен бидејќи неговите резултати се јасен водич за заеднички развој за Турција и нејзините африкански партнери, вклучително и Сомалија. На овој успех сега му е потребна заштита од лажни вести преку поголема стратешка комуникациска соработка преку границите, што го покажува нејзиното широко влијание.


[Авторот е директор за комуникации на Кабинетот на претседателот на Сомалија]

* Мислењата изразени во овој текст се исклучиво на авторот и не ја рефлектираат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın