Анализа на вести, свет

МИСЛЕЊЕ - Зошто „Хоџали е геноцид“?

Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН) го потврди злосторството геноцид, опишувајќи го како „скратување на правото за постоење на цела човечка група, бидејќи убиството е скратување на правото за живот на луѓето“

Mazahir Afandiyev   | 27.02.2021
МИСЛЕЊЕ - Зошто „Хоџали е геноцид“?

БАКУ

Мазахир АФАНДИЈЕВ

Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН) го потврди злосторството геноцид, опишувајќи го како „скратување на правото за постоење на цела човечка група, бидејќи убиството е скратување на правото за живот на луѓето“. Значи, тоа докажува дека геноцидот е смислено и систематско уништување, во потполност или делумно, на етнички, расни, верски или национални групи. Најмногу проучувани, а воедно и застрашувачки се примерите од блиската историја: нацистичкиот холокауст против Евреите, етничкото чистење во Босна и Херцеговина, племенската војна во Руанда. Сепак, тие масакри и геноциди не ги сменија крвавите страници на историјата, па светот се соочува со нив и во модерната ера.

Не така одамна, во февруари 1992 година, цел Азербејџан со ужас гледаше како на нивните ТВ-екрани се прикажуваат последиците од бруталното убивање: мртви деца, силувани жени, унаказени тела на стари лица, смрзнати лешови, расфрлени по земјата. Оваа шокантна снимка снимена е на местото на масакрот во Хоџали - најстрашното воено злосторство во војната во Нагорно Карабах меѓу Азербејџан и Ерменија. Како резултат на геноцидот, во градот со околу 6.000 жители, убиени се 613 азербејџански цивили, вклучувајќи и повеќе од 200 жени, 83 деца, 70 стари лица, при што како исчезнати се водат 150 лица, а ранети се 487, а како заложници се земени 1.270 цивили.

Масакрот се случи кога ерменските воени трупи отворија оган и извршија напад на азербејџанските цивили што се обидоа да излезат од градот Хоџали, бегајќи кон азербејџанските позиции. Овој брутален напад не беше обична несреќа за време на борбата. Тоа беше дел од осмислената терористичка политика на Ерменија: убивањето на цивилите би ги застрашило другите да избегаат од регионот, овозможувајќи ѝ на ерменската Војска да го окупира Нагорно Карабах и другите регии во Азербејџан. Јасно е дека тоа беше етничко чистење.

Масакрот во Хоџали во моментов е признат и се одбележува со парламентарни акти усвоени во 10 земји и во 21 сојузна држава во САД, по големите напори и меѓународната кампања што ја организираше Република Азербејџан. Меѓународната кампања за издигање на свеста „Правда за Хоџали“ е само една од нив, започната на 8 мај 2008 година, на иницијатива на Лејла Алиева, генералната координаторка на Форумот на млади за дијалог и соработка на Исламската конференција. До денес повеќе од 120.000 луѓе и 115 организации ја поддржаа оваа кампања, која успешно функционира во десетици држави. Социјалните мрежи, изложбите, собирите и натпреварувањата, конференциите, семинарите и слични активности, се други ефикасни алатки со кои се промовираат целите на кампањата.

Според меѓународното хуманитарно право, конвенцијата на ОН и разните договори, геноцидните акти и самите актери се казнуваат како меѓународни злосторници, а друга казнива постапка вклучува заговор поради извршување геноцид, директно и јавно поттикнување на извршување геноцид, обид за извршување геноцид и соучесништво во геноцид (член III на Конвенцијата за геноцид на ОН). Сепак, и покрај фактот дека Република Азербејџан ја потврди резолуцијата на Советот за безбедност на ОН во врска со воспоставувањето мир и правда во регионот Нагорно Карабах, меѓународно признато подрачје на Азербејџан, Хоџали не се здоби со искрено внимание од меѓународната заедница, додека актерите што учествуваа во геноцидот во Хоџали останаа неказнети.

Размерот на Хоџали и актерите на геноцидот - Ерменците, споменувани се и во текстовите во познати весници, списанија и книги во различни временски периоди. Сепак, една од најважните книги беше „Патот на мојот брат“, што ја напиша Маркер Мелконијан. Оваа книга што ја напиша Ерменец и што е посветена на животот на „херојот“ Монтеа Мелконијан, ерменски милитант, јасно докажува дека нападот на градот бил стратешка цел, како и „чинот на одмазда“. Најболниот момент е кога за „херој“ во книгата е наречена личноста која таа ноќ активно учествувала во масакрот.

Покрај тоа, еден ерменски лидер, Серж Саргсјан, има изјавено:

„Пред Хоџали, Азербејџанците мислеа дека се шегуваат со нас; мислеа дека Ерменците се луѓе кои не можат да дигнат рака на цивилното население. Ние бевме во состојба да го срушиме тоа (тој стереотип). Тоа и се случи.“

Неговата изјава е објавена во интервјуто со британскиот новинар Томас де Ваал во книгата од 2004 година во која се зборува за судирот.

Масакрот што во Хоџали го изведоа Ерменците претставува етничко чистење според фактите засновани на правилата и нормите на меѓународното хуманитарно право, конвенциите на ОН, нормите за човекови права за правата на жените и децата и уништениот град Хоџали. Затоа Азербејџанците ќе продолжат со своите напори за сеќавање на жртвите од градот Хоџали поради преживеаните, кои беа сведоци на таа ноќ во Хоџали.

Признавањето на масакрот во Хоџали не би претставувало само остварување на правата на луѓето коишто беа жртви на таа крвава ноќ, туку и спречување на геноцидите и масакрите над човештвото во иднина. Доколку светот остане слеп на овој геноцид, тогаш тој ќе дозволи идните генерации да ја загубат надежта во единството и достоинството меѓу народите.

(Авторот на текстот е член на Националното собрание на Република Азербејџан и предавач во областа на одржливиот развој. Завршил магистерски студии во областа на организација и управување со образованието, а во моментов е на докторски студии во областа на одржливиот развој. Извршувал бројни високи функции во претседателствата на Европската Унија (ЕУ) и Обединетите нации (ОН). Учествувал на бројни меѓународни семинари и конференции. Автор е на бројни научни трудови, текстови и стручни анализи.)


* Мислењата изразени во овој текст се авторски и не ја рефлектираат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın