Анализа на вести

Кон што води политиката на Макрон против Турција?

Фактот што Турција во однос на претходно почна да води поактивна улога во регионите во кои Франција има примат, природно, доведува до судир на интересите меѓу двете земји

Dr. Nurgül Bekar   | 02.10.2020
Кон што води политиката на Макрон против Турција?

ИСТАНБУЛ - НУРЃУЛ БЕКАР -

Фактот што претседателот на Франција, Емануел Макрон, не можеше да постави стабилна политичка основа во домашната политика и покрај тоа што веќе три години е на власт, е причина која го тера да презема многу агресивни и брзи чекори во надворешната политика. Сепак, како резултат на тековната економска криза во комбинација со кризата од новиот вид коронавирус (Ковид-19), кои предизвикаа зголемена невработеност, постојано зголемување на буџетскиот дефицит и протестите на движењето „Жолти елеци“, се чини дека го ставаат Макрон во уште потешка состојба.

Меѓу главните причини за неконзистентните обиди на Макрон се, од една страна, напорот да се прикријат проблемите со кои се соочува во економијата и домашната политика, а од друга, анкетите кои покажуваат висока стапка на поддршка за Марин Ле Пен, лидерката на Националниот фронт, еден од најголемите политички ривали пред изборите што треба да се одржат во 2022 година.

Проблемот е во тоа што политиките што Макрон се обидува да ги спроведе за проширување на улогата на Франција и на регионално и на глобално ниво, продолжуваат да создаваат висока напнатост не само во Европа, туку и во трансатлантските односи, Блискиот Исток и Африка.

Обидот на претседателот на Франција да игра главна улога во речиси сите актуелни меѓународни проблеми, како што се Сирија, Либија, Ирак и неговото инсистирање околу проблемот во Источен Медитеран кој настана меѓу Турција и Грција да бидат инволвирани и земјите членки на Европската Унија (ЕУ), и Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), го тресе балансот на светската политика, која и онака веќе се задушува од кризата предизвикана од Ковид-19.

Фактот што Турција во однос на претходно почна да води поактивна улога во регионите во кои Франција има примат, природно, доведува до судир на интересите меѓу двете земји. Сепак, обидот на Франција во секоја можност овој судир на интереси да го рефлектира во ЕУ и интересите да ги толкува како агресија и „нео-отоманизам“ поради тоа што Турција ги брани своите права и интереси, целата ситуација ја става во ќорсокак.

Треба да се нагласи дека меѓу причините коишто во последно време доведоа до толку лесна ескалација на односите меѓу двете земји, кои се сојузници во рамките на Северноатлантската алијанса (НАТО), покрај внатрешните проблеми кои претходно беа споменати, улога имаат и надворешните фактори. Во овој контекст, со вклучувањето на Франција во проблемот околу Источен Медитеран, тема која всушност не ја засега директно и нудењето воени можности за Грција против Турција, таа даде провокативна поддршка.

Земајќи ги предвид изјавите на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО во врска со регионот, не би било погрешно да се каже дека е создадена крајно сложена и опасна слика на овие простори. Инаку, фактот дека Франција, Грција и администрацијата на кипарските Грци сакаат Турција да ја затворат во сопствениот брег, од аспект на споделување на подрачјата на морската јурисдикција во Источен Медитеран, што е спротивно на меѓународното право, и спроведуваат континуирана ескалација на тензиите, укажува на повеќекратна ментална задршка.

Она што сега треба да радува во оваа песимистичка слика е дека дипломатските напори конечно на дневен ред го донесоа прашањето за Источен Медитеран. Доброто користење на оваа област на преговори од засегнатите страни е од големо значење за мирот и безбедноста на европската и трансатлантската оска. Напорите што ќе бидат вложени на оваа тема, даваат можност за намалување на тензиите меѓу Турција и Франција и во другите региони.

- Ставот на Макрон кон надворешната политика им прави проблеми и на ЕУ и на НАТО -

Падот на глобалното лидерство на САД во периодот на претседавањето на Доналд Трамп и како последица на тоа, создавањето недостиг на моќ во меѓународната политика, се чини дека му отворија простор на Макрон за понаметлива и агресивна надворешна политика. Промените што следуваат по заминувањето на Велика Британија од членството во ЕУ и истекот на мандатот на Ангела Меркел во 2021 година дава надеж дека овој политички простор ќе се прошири уште повеќе.

Макрон, кој, преземајќи ја функцијата во 2017 година, вети структурни реформи во земјата и зголемување на интеграцијата во самата ЕУ, планира ЕУ, самата грижејќи се за сопствената безбедност и одбрана, да се здобие со способност повеќе да дејствува на глобално ниво, а Франција да раководи со ЕУ. Во овој контекст, Франција, која реагира пребрзо на речиси секој проблем во меѓународната политика, без да ги сочека мислењата на другите земји членки на ЕУ, честопати зазема став кој се разликува од ставот и на земјите членки на ЕУ и на сојузниците во рамките на НАТО. Не може да се каже дека неодамнешниот обид на Франција да формира блок, собирајќи ги медитеранските земји членки на ЕУ на Корзика, ја смени оваа состојба.

Доколку сумираме, фактот што остатокот од Европејците не се согласуваат со Франција за многу прашања, предизвикува поделби околу иднината на ЕУ, во исто време ја загрозува способноста на НАТО да заземе заеднички став против меѓународните проблеми. Впрочем, изјавата на Макрон дека „се случи мозочна смрт на НАТО“ во интервјуто што го даде за списанието „Економист“ предизвика шок кај членките на Алијансата.

Со оглед на тоа што Русија сè уште се перципира како главна закана за земјите членки на ЕУ, подобро се разбира зошто НАТО, а со тоа и САД, сè уште се сметаат за неопходни за безбедноста на Европа и подобро се разбира начинот на кој е примена несреќната изјава на Макрон од остатокот на земјите во ЕУ. Дури и тоа што е трета нуклеарна сила во НАТО по САД и Велика Британија, на Франција нема да ѝ овозможи да има водечка улога во европската безбедност и одбрана. Самостојното донесување одлуки од страна на Франција за прашања поврзани со безбедноста ќе предизвика сериозно незадоволство во другите престолнини на ЕУ, особено во Берлин, и на долг рок ќе му наштети на интегритетот на Унијата.

Додека од една страна проблемите со Крим и Белорусија провејуваат пред очите на сите, а од друга страна Европа - особено Германија - е премногу зависна од рускиот природен гас, ниту една европска земја нема да сака да остане без НАТО и САД против Русија. Во тој контекст, резултатот од американските претседателски избори што ќе се одржат во ноември 2020 година, директно ќе влијаат на европската политика.

Запирајќи ги чекорите за проширување во рамките на Унијата (ставајќи вето на пристапните процеси за Северна Македонија и Албанија), Макрон зазеде став со кој фрли сенка врз кредибилитетот на ЕУ на регионално и глобално ниво. Германија може да преземе активно раководство во ЕУ и во периодот по Меркел, балансирајќи ги истакнувањата на Макрон на меѓународната сцена, кои се на штета на ЕУ.

- Дипломатијата е најдобрата алатка за изнаоѓање решенија во 21 век -

Станувајќи претседател на Франција со проевропска реторика во 2017 година, Макрон со своите желби за лидер на Европа создава непријатност кај другите земји членки на ЕУ и предизвикува проблеми во надворешната политика на Унијата, кои го отежнуваат мирот во регионот. Макрон дејствува понекогаш во Африка, понекогаш во Либија, и без да ги сочека другите членки на ЕУ, во суштина ги загрозува заедничките интереси. Во овој контекст, Франција, која постојано ги зголемува тензиите и ги користи недоразбирањата меѓу Грција и Турција околу јурисдикцијата во Источен Медитаран во односите меѓу Турција и ЕУ, спроведува специјални активности во однос на тоа прашање, отежнувајќи ја комуникацијата меѓу засегнатите страни и го зголемува ризикот од конфликт во регионот.

Несомнено е дека откако Германија, која е претседавач со ЕУ, и НАТО, влегоа во игра, се создаде основа за дијалог во кој со дипломатски иницијативи и конструктивни преговори ќе се изнајде најдоброто решение за проблемот во Источен Медитеран.

Во време кога светот се справува со разорните проблеми на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, никој не посакува недоразбирањата во еден момент да бидат одвлечени во несакани точки. Во овој контекст, јасно е дека комуникацијата во преговорите што се води на сите нивоа, особено меѓу претседателите на Турција и Франција, ќе придонесе за решавање на проблемите и ќе помогне областа да не се претвори во место на пожар.

Отворањето на дипломатски патишта и дејствувањето на страните соодветно на тоа, засега ја елиминираат можноста сегашната напнатост во Источен Медитеран да се претвори во конфликт. Сепак, доколку на претстојниот Самит на ЕУ биде донесена каква било одлука за санкции кон Турција, во очите на турската јавност целосно ќе биде уништена и онака намалената доверба и кредибилитет на ЕУ поради двојните аршини. Една ваква ситуација ќе ја уништи моќта на ЕУ да има влијание врз нејзините турски соговорници, саботирајќи ги можните дипломатски иницијативи уште од самиот почеток. Во таква ситуација Турција нема да има друг избор, освен да одговори на ист начин.

[Д-р Нурѓул Бекар, од Катедрата за политички науки и меѓународни односи на Факултетот за економски и административни науки при Универзитетот „Уфук“ во Анкара]





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.