Анализа на вести, свет

Како изјавата на Бајден за таканаречениот „геноцид“ ќе влијае на регионалната соработка и мир?

Наместо давање провокативни изјави, администрацијата на Бајден би требало да побара начини да го поддржи постконфликтниот процес на изградба на мирот и соработката во регионот

Dr. Cavid Veliyev   | 07.05.2021
Како изјавата на Бајден за таканаречениот „геноцид“ ќе влијае на регионалната соработка и мир?

Пишува: Џавид Валиев

- Авторот работи во Центарот за анализа на меѓународни односи со седиште во Баку (AIR). Шеф е на Одделот кој се занимава со надворешната политика на Азербејџан на југот на Кавказ, внатрешната и надворешната политика на Турција и односите помеѓу Азербејџан и Турција.

БАКУ (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден за настаните од 1915 година го употреби изразот „геноцид“ и со тоа предизвика бурни правни и политички расправи. Правните експерти сметаат дека ова е политичка изјава и дека нема никаква врска со меѓународното право, додека политичките експерти веруваат дека изјавата не оди во прилог ниту на регионалната политика на САД, а уште помалку на односите Турција - САД и ситуацијата на турските граѓани од ерменско потекло. Потполно спротивно, таа изјава сериозно може да го загрози постконфликтниот процес на изградба на мирот на Јужен Кавказ.

Во согласност со Меѓународната конвенција за спречување и казнување на злосторството геноцид, меѓународните судови имаат овластување да утврдат дали поимот геноцид може да се примени на некоја ситуација, а такво овластување не можат да имаат политичките лидери или парламентите. Затоа, сѐ уште не постои каква било судска одлука која настаните од 1915 година ги нарекува „геноцид“. Судовите дојдоа до потполно спротивен заклучок во тој случај. Според пресудата на Европскиот суд за човекови права (ECHR) од 2013 година, настаните од 1915 година се работа на меродавен суд, а не на оценки на политичари.

Иако постојат несогласувања околу нејзините правни импликации, изјавата на Бајден без сомнеж ќе има политички последици. Таа речиси сигурно ќе има негативни последици, особено во поглед на можноста за соработка во регионот на Јужен Кавказ по Втората војна во Карабах. Изјавата на Бајден претставена е како покажување на поддршка на ерменските реваншисти, кои претрпеа тежок пораз во Втората војна во Карабах и како штетен чекор кон регионалната соработка. Претседателот на САД, Бајден, наводно ден пред контроверзната изјава, во телефонски разговор со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган му рекол дека тоа бил неговиот став во последните 20 години и дека мора да го одржи зборот. Се чини дека ова е поедноставено објаснување кое не звучи точно. На пример, пред американските претседателски избори во 2008 година, Барак Обама исто така ѝ вети на ерменската дијаспора и лоби-организациите дека настаните од 1915 година ќе ги нарече „геноцид“, но тој никогаш не го изговори тој збор во текот на престојувањето во Белата куќа за да не им наштети на американско-турските односи.

Изјавата на Бајден следуваше во време кога Азербејџан и Турција ја заговараа повоената соработка во регионот, што предизвика длабоко разочарување во регионот. Советникот на азербејџанскиот претседател, Хикмет Хаџиев, изјавата на Бајден ја нарече историска грешка. Во текот на неодамнешниот телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Бинкен, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изрази силна поддршка на стратешкиот сојузник на својата држава, Турција, изјавувајќи дека Турција има клучна позитивна улога во регионот во постконфликтниот период и дека изјавата на американскиот претседател ги загрижила азербејџанското раководство и јавноста.

По Втората војна во Карабах, Азербејџан даде три конкретни понуди за иницијативи во регионот: отворање на железнички комуникациски линии помеѓу Азербејџан, Ерменија, Русија и Турција, воспоставување шестостран формат на соработка во регионот и интеграција во Азербејџан за Ерменците кои живеат во Карабах. Според претседателот Илхам Алиев, целта беше да се намалат регионалните тензии и да се спречат идни војни.

Иако тоа е уште случај само на ограничени нивоа, во последно време во Ерменија постои своевидна поддршка за предлозите на Азербејџан и Турција за регионална соработка. Некои ерменски политичари, вклучувајќи го Никола Пашинјан, препознаваат дека иднината на Ерменија е загрозена без регионална соработка. Впечатлива е изјавата на Пашинјан дека Ерменија би требало да ги преиспита своите односи со соседите. Ерменскиот претседател Армен Саркисиан, исто така во текот на посетата на Грузија изјави дека Ерменија би требало да ги подобри односите со Грузија и Азербејџан.

Со решението на прашањето на Карабах создадени се и нови можности за Турција и Ерменија, за воспоставување дипломатски односи и отворање граница помеѓу нив. Изјавите на властите на двете земји покажуваат дека се спремни да одат во тој правец. Едно од главните прашања помеѓу страните во овој случај е прашањето на довербата. Заемната доверба мора да се воспостави со дипломатските односи на двете страни за да се постигне нормализација на односите помеѓу нивните народи. Изјавата на Бајден, од друга страна, ја поткопува довербата помеѓу двата народи и ја загрозува нормализацијата на односите.

„Напнатоста предизвикана со употреба на ова прашање во парламентарните програми веќе со децении не послужи за зближување на двете нации; напротив, предизвикува непријателски чувства и го одложува мирот“, рече неодамна Шахак Машалиан, поглаварот на Ерменската патријаршија во Турција.

Како резултат на изјавата на Бајден, постои можност барањето за признавање на таканаречениот „геноцид“ повторно да се појави на билатералната агенда. Турција во тој поглед има јасен предлог: за воспоставување заедничка комисија која ќе ги истражи настаните од 1915 година. Меѓутоа, Ерменија го одбива овој предлог и се спротивставува на објективното испитување на настаните. Затоа, изјавата на Бајден ја поткопува можноста за помирување помеѓу Турција и Ерменија.

Понатаму, постојат и реваншистички и радикални националистички опозициски групи спротивставени на Пашинјан во пресрет на јунските предвремени парламентарни избори кои се најавени по неодамнешната оставка на Пашинјан на функцијата премиер на Ерменија. Иако тие групи веќе долго се обидуваат да ја придобијат поддршката во Ерменија, заостануваат во таа поддршка зад Пашинјан. Меѓутоа, поради изјавата на Бајден, тие радикални групи имаат можност сега да се активираат и да добијат поддршка. Поради тоа изјавата на Бајден негативно влијае и на можноста за регионална соработка и на предизборниот процес во Ерменија, давајќи ветер во грб на радикалните националистички групи.

Се чини дека изјавата на Бајден не е во најдобар интерес ниту на турските Ерменци. Пораките на сочувство кои турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги упатуваше на турските Ерменци послужија за изградба на амбиент на доверба во Турција во последните 18 години. Поради тоа Ерменците кои живеат во Турција изразуваат нелагодност поради изјавата на Бајден. Тие веруваат дека трети страни го користат ерменското прашање поради политичка корист.

„САД и ЕУ се вклучени во тоа прашање со политички мотиви“, рече минатиот петок Бедрос Сириноглу, шефот на Сојузот на ерменските фондации во Истанбул, критикувајќи ги политичките власти поради инструментализацијата на инцидентите од 1915 година. Изјави дека предуслов за емпатија со ерменскиот народ е да не се поигруваат со достоинството на турскиот народ, ниту да заземаат непријателски став кон Турција.

Како што видовме, изјавата на Бајден не ѝ се допадна ниту на Турција ниту на Азербејџан, ниту на сите Ерменци, туку само на некои радикални националистички кругови во Ерменија и нејзината дијаспора. Таа изјава го загрозува регионалниот мир, додека иднината на Ерменија ја става во костец на настаните кои се случија пред повеќе од еден век. Наместо давање такви провокативни изјави, администрацијата на Бајден би требало да побара начини да побара постконфликтен процес на изградба на мирот и соработката во регионот. Тоа би помогнало во зголемување на шансите за траен мир помеѓу Турција и Ерменија, како и за мирот помеѓу Азербејџан и Ерменија.

*Мислењата изразени во овој текст се авторски и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА)

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.