Анализа на вести

Каде оди Етиопија?

- Набљудувачите стравуваат дека доколку ситуацијата не се стави под контрола, втората по број на жители земја во Африка ризикува да влезе во катастрофална граѓанска војна, што би погодила милиони луѓе и надвор од Африканскиот Рог

Ibrahim Mukhtar, Mohamed Ahmed Adan   | 05.12.2021
Каде оди Етиопија?

ИСТАНБУЛ (АА)

Ибрахим МУХТАР / Мохамед АХМЕД АДАН


Иако се вложени значителни меѓународни и регионални напори да се поттикне ставањето крај на актуелните судири во Етиопија меѓу Владата и Тиграјскиот народен ослободителен фронт (TPLF), судирите меѓу завојуваните страни продолжуваат да ескалираат. Борбата што трае повеќе од една година однесе илјадници животи и расели речиси 2,5 милиони лица. Најмалку 9 милиони луѓе имаат итна потреба од помош во храна поради судирите во северна Етиопија, покажуваат податоците на Светската програма за храна.

Набљудувачите стравуваат дека доколку ситуацијата не се стави под контрола, втората по број на жители земја во Африка ризикува да влезе во катастрофална граѓанска војна, што би погодила милиони луѓе и надвор од Африканскиот Рог. САД и неколку други земји веќе ги предупредија своите граѓани да ја напуштат Етиопија. Минатата недела, премиерот Аби Ахмед замина на линијата на фронтот за да војува против бунтовниците од Тиграј по неодамнешните воени победи, вклучувајќи го и заземањето на градовите Деси и Комболча, што претставува ризик војната да стигне и до главниот град Адис Абеба. Етиопската војска повторно го зазеде Чифра во регионот на Афар од Тиграјскиот народен ослободителен фронт (TPLF) на 28 ноември, што претставува воена победа која го подига моралот на владината војска.


- Како дојде до оваа ситуација?

Премиерот Аби дојде на власт во 2018 година по масовните протести на Омарите и Амарите, најголемите етнички групи во Етиопија, против коалициската влада предводена од Тиграјскиот народен ослободителен фронт (TPLF), што доминираше со политиката во земјата речиси три децении. Во септември 2020 година ТПЛФ продолжи со регионалните парламентарни избори, пркосејќи им на наредбите на Владата на Аби да ги одложи изборите поради пандемијата на коронавирусот. Ескалацијата предизвика судир од широки размери во ноември истата година кога Владата на Аби ѝ нареди на Војската офанзива против ТПЛФ како одговор на нивниот напад на сојузната воена база во Тиграј. Со поддршка на еритрејските сили, етиопската Војска беше во можност да им нанесе големи загуби на бунтовниците од Тиграј кои го контролираа главниот град на регионот Мекеле и го принудија ТПЛФ да се повлече во планинските предели.

Меѓутоа од јуни 2021 година ТПЛФ оствари значителен напредок против владината војска, враќајќи голем дел од Тиграј, вклучувајќи го и Мекеле. Со поддршка на Ослободителната војска на Оромо (OLA), ТПЛФ продолжи да напредува на територијата на Амхара и Афар, предизвикувајќи загриженост бидејќи постоеше можност за ширење на судирите во главниот град, што би предизвикало целосен колапс на државата.


- Кои се ризиците?

Јасно е дека Етиопија е во опасност да биде зафатена од граѓанска војна и распад на државата. Бројката на завојувани страни се зголеми откако други етнички групи ѝ се приклучија на етиопската Војска или на ТПЛФ. Развојот на настаните ризикува зголемување на етничките непријателства и претставува закана за и онака кревкиот етиопски национализам.

Покрај тоа, постои широко распространето кршење на човековите права, вклучувајќи масовни злосторства, систематски силувања и измачувања за кои Обединетите нации и организациите за човекови права ги обвинуваат завојуваните страни. Додека зборуваме за тоа, хуманитарната криза во земјата продолжува дополнително да се влошува, а поради вонредната состојба и ограничените медиумски известувања, не се знае дури ниту точниот број на убиени и злоупотребени лица.

Постои и страв од балканизација на земјата. Со длабоките етнички засновани анимозитети (непријателско однесување) и фактот дека актуелниот етиопски Устав дозволува сецесија на региони, балканизацијата е неспорна. ТПЛФ и претходно се закануваше со отцепување, а доколку војната продолжи, повиците за отцепување од страна на другите региони веројатно ќе добијат на интензитет.

Соседните земји, но и земјите членки на Европската Унија, ставуваат дека долготрајниот судир ќе предизвика појава на илјадници мигранти кои бегајќи од хуманитарната криза, би дошле во нивната земја. Кенија веќе презеде мерки за јакнење на безбедноста покрај границата со Етиопија.

Во меѓувреме, додека поголем дел од етиопските владини сили се фокусирани на борбата против бунтовниците од Тиграј и нивните сојузнички бунтовници од Ослободителната војска на Оромо (OLA), „Чанел 4 њуз“ (Channel 4 News) објави дека милитантите на Ал-Шабаб ги интензивирале своите активности преку границата на Етиопија во обид да ја искористат ситуацијата за инфилтрирање во земјата и да изведуваат напади.


- Напори за посредување

Сè досега посредничките напори на регионалните и меѓународните актери не резултираа со доведување на двете страни на преговарачката маса. Високиот претставник на Африканската унија (AU) за Рогот на Африка и поранешен претседател на Нигерија, Олусегун Обасанџо, се состана со етиопската Влада, како и со челниците на ТПЛФ, за да ги повика завојуваните страни да прифатат прекин на огнот и да започнат мировен дијалог, но со мал напредок. Во меѓувреме, Џефри Фелтман, специјален пратеник на САД за Рогот на Африка, кој исто така се обидува да воспостави дијалог меѓу страните, забележа „одреден напредок“, но стравува дека тоа е „надминато со алармантниот развој на настаните на теренот што се закана за севкупната стабилност и единство на Етиопија“.


- Каква улога може да има Турција?

Турција има длабоки и историски односи со Етиопија, откако го отвори првиот османлиско-турски генерален конзулат во Харар во 1912 година, многу пред голем број западни земји да пристигнат на тоа подрачје. Што се однесува до трговијата, Турција вложи 2,5 милијарди долари во Етиопија во различни области, со што е овозможено вработување на речиси 10.000 државјани на Етиопија. Најголемиот дел од оваа инвестиција остварен е за време на коалициската влада предводена од ТПЛФ. Дури, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и премиерот Аби Ахмед презедоа мерки за јакнење на односите меѓу двете земји, при што Ахмед ја посети Турција во август оваа година.

Покрај економските и дипломатските врски, Турција имплементира и културни и хуманитарни проекти низ Етиопија. Во светло на конфликтите што се во тек, Ердоган се понуди да посредува меѓу страните за да се дојде до „мировно решение“ на судирите. Со широко прифаќање меѓу регионалните и меѓународните актери, единствен излез од судирите во Етиопија е изнаоѓање политичко решение. Турција може да ги поддржи напорите на Африканската унија да се залага за дијалог и исто така, доколку е можно, да ги предводи и преговарачките напори.



[Ибрахим Мухтар е истражувач на меѓународни односи на Универзитетот „Јилдирим Бејазит“ во Анкара]

[Мохамед Ахмед Адан е докторант на Факултетот за политички науки и јавна управа на Универзитетот „Анкара“. Негови полиња на истражување се изградба на држава, политички институции и демократијата на Рогот на Африка]


* Мислењата изнесени во текстот им припаѓаат на авторите и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА)



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın